Македонија
Мицкоски: Спорот со Бугарија е новосоздаден и е исклучиво последица на тоа што Заев ветуваше премногу
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за хрватскиот весник „Вечерњи лист”, запрашан дали дал поддршка или пак бил против договорот со Грција кој го потпиша владата на Зоран Заев и со кој се промени името на државата, рече дека имал огромни забелешки во врска со носењето на тој договор и не го поддржал, бидејќи од денешна перспектива таа реалност која ја донесе Зоран Заев не ѝ донесе подобри времиња на Република Македонија.
Мицкоски истакна дека народот и понатаму тешко живее, дека не сме поместени ниту еден милиметар на патот кон ЕУ, здравството не е целосно бесплатно, нема модерно образование и дека немаме реална борба со криминалот и корупцијата, нешто за кое Заев ветувал дека ќе се случи.
Мицкоски ја коментираше и блокадата на соседна Бугарија за почеток на преговори со Европската унија.
„ Овој спор е новосоздаден и е исклучиво последица на тоа што Заев ветуваше премногу на Бугарија, иако знаејќи дека тоа е штетно за Македонија и не е во состојба да го испорача. И во тој контекст немаме право да се бунтуваме против Бугарија, бидејќи природно е тие да ги штитат своите интереси, но она што навистина боли е што нашата држава ја водат луѓе кои се подготвени да прифатат се, да се пазарат со се. Не е во прашање на недостиг на разбирање од двете страни, туку недостиг на мудрост од македонската влада. Премиерот кога ги произведува тие ветувања кон Софија не се води од потребата за заштита на државните интереси, туку од потребата да си ја обезбеди фотелјата ден повеќе. Токму затоа се служи со измами кон соседите, но најважно таквите измами се кон сопствениот народ. Нашите црвени линии се составени во резолуцијата што ВМРО-ДПМНЕ ја поднесе а со консензус беше изгласана во собранието а која ја содржи потребата за почитување на нашата посебност и јазичен идентитет“, рече Мицкоски.
Запрашан дали го поддржува членството на Република Македонија во НАТО, Мицкоски посочи апсолутно да и дека не може да биде против, бидејќи најкрупните реформи за членство во НАТО се правени токму од владите на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски на средби со технолошки лидери во САД: разговарано за теми од клучно значење за развојот на безбедна дигитална инфраструктура
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посетата на Соединетите Американски Држави ја започна со работна средба со MITRE Corporation, една од највлијателните и најдоверливи институции што со децении работат директно за Владата на САД во областа на сајбер безбедноста и управуваат со повеќе FFRDC центри (Federally Funded Research and Development Centers).
На средбата се разговараше за теми од клучно значење за современата држава и развојот на безбедна дигитална инфраструктура, меѓу кои: вештачка интелигенција и нови технологии со фокус на доверливост и валидација, сајбер безбедност и национална сајбер-отпорност за заштита на критична инфраструктура и државни платформи, дигитално управување и менаџмент на податоци за институционална дигитална зрелост и интероперабилност, како и области со високи безбедносни стандарди – авијација, безбедност и здравствен систем.
Средбата вклучи разговори со Beth Meinert (виш потпретседател и генерален директор), како и со Yosry Barsoum и Shamik Das од MITRE Corporation. Разговорот беше насочен кон тоа како се гради доверба во дигиталната држава, како се поставуваат јасни правила за одговорност и безбедност, и како институциите можат да носат подобри одлуки базирани на податоци, стандарди и мерливи резултати. Министерот Андоновски имаше можност да го посети и иновацискиот центар за истражување на MITRE, известува Министерството за дигитална трансформација.

Во рамки на посетата, министерот Андоновски заедно со владината делегација, која ја сочинуваат Игор Јанушев, Генерален секретар на Владата, и Златко Перински, Министер за локална самоуправа, остварија средба и со претставници на Microsoft, при што разговараа со Коззета Гарет, General Manager for Cyber Security Services во Microsoft, за актуелни предизвици и можности за унапредување на сајбер безбедноста, зајакнување на отпорноста на јавните системи и поддршка на дигиталната трансформација.
Делегацијата во САД ќе присуствува и на Молитвениот појадок, како дел од официјалната агенда на посетата.
Македонија
Дел од Сопиште денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во период од 09:00 до 12:00 часот дел од корисниците, на село Горно Соње, општина Сопиште.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

