Македонија
Османи: Политичката криза по локалните избори укажува на ранливост и промени во нашето општество

Mинистерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска во Брисел учествуваше на неформалниот состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), во рамките на грчкото претседавање 2021-2022. На состанокот присуствуваа и високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешни работи и безбедносна политика, Жозеп Борел, и еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеј.
Шефовите на дипломатиите, оваа година, во рамките на овој регионален формат дискутираа за приоритетите на грчкото претседателство, претставени со мотото „Зајакнување на синергиите во земјите на ЈИЕ“.
„ПСИЈЕ е клучен фактор во евроинтегративните аспирации на сите земји партнери, која како една од најстарите регионални иницијативи дава огромен придонес во обезбедувањето траен мир, стабилност и економски просперитет во земјите од Југоисточна Европа“, истакна Османи.
Тој во своето излагање ја реафирмираше потребата за силна европска и регионална соработка и солидарност при носењето на заеднички и координирани мерки за унапредување на севкупните односи меѓу државите. Истовремено, алудираше и на очигледните предизвици кои постојат меѓу овие земји кога се зборува за партнерствата, меѓусебната поврзаност, синергиите и заедничката иднина.
„Северна Македонија како земја членка на НАТО е многу поотпорна во споредба со минатото, политичката криза што уследи по нашите локални избори, сепак, зборува за одредена ранливост и промени во нашето општество. Секако, основните причини за сите овие негативни трендови се од вистинска природа, но нивниот забрзувач или катализатор, лесно може да се антиципира во фактот дека ослабената перспектива за европска интеграција предизвикана со повторниот застој во процесот има реперкусии врз стабилноста и просперитетот”, нагласи Османи.
Учесниците го искористија овој форум за унапредување на регионалната кохезија преку јакнење на политичката и економската соработка, како и кон демократијата, владеењето на правото, слободната пазарна економија и почитувањето на фундаменталните човекови права како основни европски вредности кои останува во фокусот на сите земји членки на ПСЈИЕ.
Пред почетокот на состанокот, Османи се сретна со својот бугарски колега, Светлан Стоев. Во текот на денот министерот ја продолжува работната посета на Брисел со учество на дебатата „Дискусија за иднината на Европа – перспективи и придонеси од Западен Балкан“, а предвидена е средба и со Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западен Балкан и дијалогот Белград – Приштина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство

Поради изградба на објект, оштетен е ѕид и кровот на куќата на Владо Малески во Струга, споменик заштитен како културно наследство, информира Министерството за култура и туризам.
„Во врска со оштетувањата на споменик на културата на ул. „Браќа Миладиновци“ бр. 16 во Струга, информира дека министерот Љутков е во координација со надлежните институции за преземање на соодветни мерки. Стручните лица при НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид веднаш извршија увид на објектот, кој се наоѓа во Првата зона на Струга, со посебен режим на заштита согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план 2020–2029“, велат од Министерството.
Од таму додаваат дека при увидот се констатирани значителни оштетувања– рушење на јужниот калкански ѕид и дел од кровната конструкција, настанати при ископ за изградба на соседен објект.
НУ Завод и музеј – Охрид го доставил наодот и предлогот до Управата за заштита на културното наследство – Скопје за натамошно постапување.
Од Министерството велат дека инспекциската служба при УЗКН ќе постапи согласно своите надлежности, со цел заштита и зачувување на вредностите на овој споменик на културата заштитен со Решение на Управата за заштита на културното наследство од 2017 година..
„Министерството за култура и туризам остро реагира на секое неодговорно и несовесно постапување што доведува до оштетување на заштитени објекти и апелира до сите инвеститори и граѓани да се придржуваат кон законските процедури и кон условите за заштита на културното наследство, кое претставува непроценливо богатство на нашата држава“, велат од Министерството.
Владо Малески (5 септември 1919 – 23 септември 1984) е истакнат македонски писател, општествено-политички работник, издавач и револуционер. Автор е на текстот на македонската химна „Денес над Македонија“. Роден е во Струга.
Фото: фејсбук
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески

Неадекватното работење и криминалот на ДУИ ја урна куќата на Владо Малески, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Градоначалникот на ДУИ од Струга даде градежна дозвола за објект до куќата на Владо Малески и ја загрози истата со нејзино уривање. Криминалот на ДУИ и неадекватното работење прави штета по државата секој ден. Јавното обвинителство мора да постапи и отвори истрага. Очекуваме одговорност за штетата“, велат од партијата.
Од таму изразија надеж дека Министерството за култура ќе направи се да ја поправи штетата направена од ДУИ и ќе ја обнови куќата на Владо Малески.
Македонија
Мицкоски на средбата со фон дер Лајен: Државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност

Денес во просториите на Владата, премиерот, Христијан Мицкоски, имаше средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во рамки на нејзината балканска турнеја.
Мицкоски информира дека на средбата се разговарало за европската перспектива, напредокот на реформските процеси, економската соработка, енергетската безбедност и дигиталната трансформација.
„Ја истакнав решеноста на Владата да ја забрза евроинтеграцијата на државата преку конкретни резултати и исполнување на европските стандарди. Посочив дека државата очекува од Европската Унија јасна и конкретна посветеност, како потврда на европската перспектива и поддршка за граѓаните кои со децении остануваат посветени на европските вредности“, вели Мицкоски.
Според него, посетата на претседателката на Европската комисија претставува потврда на отворениот дијалог и заемната подготвеност за продлабочување на партнерството, во интерес на стабилноста, економскиот развој и европската иднина на земјата.