Економија
Влада: Успешен повикот за изведувач на делниците Куманово – Бељаковце и Бељаковце – Крива Паланка од железницата на Коридорот 8

Јавното претпријатие за железничка инфраструктура „Железници на Република Северна Македонија“ вчера успешно го заврши јавниот повик за понуди за избор на изведувач за рехабилитација и градба на фаза 1 од пругата Куманово-Бељаковце, и за фаза 2 реконструкција и изградба на делницата Бељаковце-Крива Паланка од железничкото поврзување на Коридорот 8, соопштија од Владата.
Според утврдената постапка, додаваат од таму, во наредниот период следува евалуација на пристигнатите понуди и избор на најповолниот понудувач, по што, откако заврши постапката за избор на надзорен инженер, се создаваат услови за остварување на најавата за отпочнување на градежните работи на овие делници од железницата на Коридорот 8 во првиот квартал на наредната година.
Средствата за целиот овој проект се на располагање и се обезбедени преку кредит од страна на Европската банка за обнова и развој и инвестициски грант одобрен преку инструментот Инвестициски фонд за Западен Балкан на ЕУ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Поевтинуваат дизелот и бензините

Цените на горивата од ноќеска на полноќ ќе поевтинат за половина и за еден денар, соопшти Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад.
Малопродажната цена на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалува за 1 денар, а на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат за половина денар.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 1,113 ден/кг и сега ќе изнесува 36,042 ден/кг.
Од 06.5.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 65,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 65,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 36,042 (денари/килограм)
Економија
„Скајп“ заминува во историјата

По една година одржување „на апарати“, „Скајп“ официјално ќе биде исклучен денеска.
„Мајкрософт“ веќе некое време најавува затворање на некогаш исклучително популарната апликација за видео повици „Скајп“. Од денеска, оваа апликација повеќе нема да биде достапна, а „Мајкрософт“ им советуваше на корисниците да мигрираат на новото решение на компанијата.
„Почнувајќи од мај, ‘Скајп’ повеќе нема да биде достапен. Продолжете ги вашите повици и разговори преку ‘Тимс’“, им соопшти „Скајп“ на корисниците претходно оваа година.
„Скајп“ беше првата платформа што им овозможи на корисниците пристап до бесплатни аудио и видео повици од компјутер до компјутер низ целиот свет од 2003 година и ги донесе фиксните и мобилните повици на интернет.
„Мајкрософт“ вели дека неговата цел е да ја поедностави понудата за корисниците и да се фокусира на сопствената моќна бизнис платформа, „Тимс“. Токму кон „Тимс“ ќе бидат пренасочени милионите преостанати корисници кои останаа лојални на „Скајп“, а тоа ќе се случи во наредните денови и недели.
Економија
Грција бара 80.000 работници

Грција можеби е меѓу најпопуларните европски дестинации, но има недостиг од работници. Според проценките и недостасуваат 80.000 работници.
На фасадата на меаната „Каријатис“, сместена на плоштадот под Акропол, има знак: „Бараме персонал, готвачи, келнери, кујнски работници“. Со оглед на рекордниот број туристи што се очекува да ја посетат Атина ова лето, сопствениците на ресторани не сакаат ништо да остават на случајноста.
„Станува сè потешко да се најдат вработени“, изјави за „Гардијан“ Димитрис Статокостопулос, кој го води ресторанот со својот брат: „Туризмот дефинитивно расте, но денес Грците претпочитаат да избираат канцелариски работи од 9 до 5 кои не бараат работа ноќе или викенди“.
Со оглед на тоа што туристичката сезона е пред вратата, потрагата по персонал доби неочекувана итност. Грција можеби е меѓу најпопуларните европски дестинации, но има недостиг од работници.
Недостатокот е толку голем што се проценува дека угостителскиот и хотелскиот сектор – ‘рбетот на туристичката индустрија што ја движи грчката економија со удел од 25% од БДП – сè уште има недостиг од околу 80.000 работници.
Статокостопулос не е единствениот претприемач кој се бори да најде персонал за својата популарна таверна во текот на веројатно најпрометниот период од годината. Низ целата земја, хотелиерите се натпреваруваат да најдат рецепционери, чистачи, спасители, портири, келнери и готвачи.
Од популарните острови како Крит и Родос, има извештаи дека хотелиерите крадат работници од своите конкуренти нудејќи подобри плати и услови за работа.
„Делумно ова е последица на пандемијата што ја почувствува цела Европа, но во Грција проблемот е особено изразен“, рече Јоргос Хоцоглу, претседател на Грчкото здружение на угостителски и туристички работници (ПОЕЕТ).
„Сведоци сме на невиден недостиг на квалификувани и искусни работници, особено во хотелската и угостителската индустрија, по егзодусот на вработените за време на карантинот. Многумина никогаш не се вратија. Резултатот е потреба од приближно 80.000 нови работници“, објаснува Хоцоглу.