Економија
Бочварски: Oд утре се пушта во сообраќај обиколницата Штип

Тоа што пред извесен период го ветивме, денеска го реализираме. Штип доби нова модерна обиколница, како дел од експресниот пат Штип – Радовиш, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кој заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, извршија увид на изградената обиколница.
Тие најавија дека од утре попладне обиколницата ќе биде пуштена за сообраќај за сите возила. Обиколницата е во должина од 6 километри, коловозот е проширен на 11,5 метри, со две коловозни ленти од 3,5 метри ширина и две ленти за застанување.
„Граѓаните на Штип, граѓаните на југоистокот, од утре ќе можат да возат по нова, модерна и безбедна обиколница, без притоа да мораат да влегуваат во градот. Практично со ова сообраќајот во Штип се враќа во нормала. Јас денес знам дека после 40 години направивме реконструкција на овој патен правец за наредните години и децении, а ќе биде пред сè за поголема безбедност и побрз транспорт“, изјави Бочварски.
Во однос на втората фаза на експресниот пат, од клучката кај Три Чешми, тој истакна дека се работи интензивно и очекувањата се комплетно патот да биде пуштен во употреба и пред крајниот рок кој е во април 2022 година.
Директорот на ЈП за државни патишта, Ејуп Рустеми, информираше дека градежните работи на втората фаза од експресниот пат Штип – Радовиш се влезени во завршна фаза.
„Градиме квалитетно согласно најновите и највисоките европски стандарди за непречено и безбедно одвивање на сообраќајот. Таков е случајот и со обиколницата која од утре ќе биде пуштена во употреба за граѓаните. Коловозот е изведен како две коловозни ленти од по 3,5 метри ширина и две ленти за застанување од по 2 метра. На еден дел од делницата, пак, поради овозможување на влез и излез на индустриските капацитети се изврши рехабилитација на постоечкиот пат“, изјави Рустеми.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Дурмиши: Преку мерката за зелени инвестиции отворени се речиси 400 работни места во приватниот сектор

Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, заедно со директорот на Агенцијата за вработување, Сељатин Бељули, и постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан, денеска го посети ресторанот „Ксантика“, кој е еден од успешните примери на зелени инвестиции и создавање нови работни места.
За време на посетата министерот истакна дека преку Мерката 8 – „Создавање нови работни места преку зелени инвестиции“, досега се отворени речиси 400 нови работни места во приватниот сектор.
„Досега 228 компании инвестираа во зелени решенија – фотонапонски панели, енергетска ефикасност и модерна опрема. Компаниите вложија над 200 милиони денари сопствени средства, што е повеќе од државната поддршка. Тоа покажува дека политиката на Владата не е само субвенција, туку катализатор за приватен капитал и за зелена економија,“ рече министерот Дурмиши.
Економија
Божиновска: Заврши јавниот оглас за финансиска поддршка за електрична енергија на ранливи потрошувачи

Јавниот оглас за финансиска поддршка за потрошена електрична енергија за 2025 година, наменет за лица кои припаѓаат на категоријата ранливи потрошувачи на енергија, заврши на 30 август 2025 година, соопшти Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
„На огласот пристигнаа вкупно 878 барања, распределени по следните категории: Домаќинства со едно или повеќе лица со тешка или длабока интелектуална попреченост: 227; Домаќинства со едно или повеќе лица со најтешка телесна попреченост: 296; Домаќинства со едно или повеќе потполно слепи лица: 201; Домаќинства со едно или повеќе потполно глуви лица: 154.
Комисиите, како што е истакнато вом соопштението, задолжени за обработка на пријавите веќе се во процес на разгледување. Почнувајќи од следната недела, обработените податоци ќе бидат доставувани до надлежните институции опфатени со Јавниот оглас и Програмата – Министерството за социјална политика, демографија и млади, Управата за јавни приходи и ЕВН Македонија.
Комисиите, составени од по три члена, ќе ја вршат потребната проверка преку институциите и ќе предложат решенија до министерот. Финансиската поддршка се обезбедува преку намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 1000 денари месечно, во траење од 12 месеци, сметано од денот на поднесување на барањето.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека со оваа мерка се испраќа јасна порака дека државата стои зад оние на кои поддршката им е најпотребна.
„Сакаме да обезбедиме сигурност и достоинство за ранливите категории потрошувачи и да им помогнеме да ги надминат предизвиците кои ги носи секојдневието. Финансиската поддршка за електричната енергија е конкретен чекор кон поголема социјална заштита и еднаков пристап до основни потреби.“
Поддршката ќе се пресметува на месечната сметка за струја, започнувајќи од месецот по објавата на списокот на корисници. Согласно правилата, неплаќањето на две последователни сметки доведува до укинување на решението за финансиска поддршка.
Министерството потсетува дека сè уште е во тек јавниот оглас за субвенции за инвертер клима-уреди, со кој директно се таргетираат ранливите потрошувачи на енергија. Оваа мерка има за цел да го подобри квалитетот на живеење и да ги намали трошоците за енергија во домаќинствата. Рокот за аплицирање е до крајот на месецот, а сите информации и потребни обрасци се достапни на веб-страницата на Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
Се воведуваат пет нови линии кон домашните аеродроми, до Охрид ќе се лета од Катовице, Вроцлав и Милано, а до Скопје од Будимпешта и Наполи, најави Николоски

Имаме три убави вести во однос на авиосообраќајот, а тоа е дека воведуваме уште пет нови авиолинии и тоа до Охрид од Катовице, Вроцлав и Милано, а до Скопје од Будимпешта и Наполи. Визер следната година ќе понуди 3,3 милиони седишта за Македонија што ќе има директен импакт врз туризмот и економијата, а ќе донесе шест нови авиони од типот Ербас А321. Дополнително ќе работимена тоа да се вработат уште стотина македонски граѓани во авиокомпанијата, истакна на денешната прес-конференција вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
До охридскиот аеродром како што најави, ќе се лета од Катовице -Полска од 28 јуни следната година, Вроцлав исто така Полска од 28 јуни следната година, што, според него, е многу значајно за отворање на Полска како земја која е многу заинтересирана за туризам во Македонија, особено полските туристи кои како што рече Николоски, се добродојдени во охридскиот регион.
Третата дестинација е Милано-Малпенса главниот аеродром која исто така ќе оперира од 28 јуни следната година. На тоа додаваме уште две нови линии кон скопскиот аеродром, Наполи-Италија со почеток од 6 април следната година и Будмишта -Унгарија од 6 април следната година. Ако на ова ги додадеме претходните пет линии кои ги објавивме пред месец дена, тоа е главниот аеродром Стокхолм и Мадрид кои почнуваат од 2 ноември, потоа Келн кој што почнува на 20 декември, Бари и Прага исто така на 20 декември и Ларнака која почнува на 30 октомври, тоа се вкупно 11 нови авиолинии за само месец и половина во соработка со нашите пријатели од Визер.
Втората вест е дека Визер на скопскиот аеродром ќе донесе шест авиони кои ќе бидат постојано присутни на аеродромот, до сега беа четири, ќе оди и на 7-8 и што е многу значајно прават замена на старите Ербас А320 на нови Ербас А231, кои се најмодерните авиони во светот во моментов“.
Како што појасни Николоски, тоа се авиони кои најмалку загадуваат и прават помалку бучава и авиони кои се со 239 седишта што ќе значи околу 59 % зголемување на капацитетот од следната година.
„Визер од следната година ќе понуди 3,3 милиони седишта за Македонија што може да замислите што ќе значи за туризмот и за економијата во Македонија. Третата добра вест е 200 Македонци работат во Визер и таа бројка планираме во следниот период да ја зголемуваме за најмалку уште 100”, додаде вицепремиерот.
Извршниот директор на Визер, Јосеф Варади истакна дека во Македонија гледаат партнер и како пазарен лидер во регионот воведуваат бенефити за граѓаните. Потенцираше дека до крај на годината ќе воведат шест летала и пониски цени, како и 3,3 милиони седишта во следната година за Македонија што ќе значи развој на туризмот и економијата. Тој додаде дека очекува дополнително да се вработуваат македонски граѓани во компанијата.