Македонија
Стопански комори: Целосно неточна е изјавата дека сме барале задолжителна вакцинација во приватниот сектор
Заштитата на здравјето на граѓаните е највисок приоритет во услови на пандемија и тоа може да се постигне со сеопфатни, интегрирани и добро испланирани мерки, како и со континуирано унапредување на квалитетот на здравствената заштита, е истакнато во писменото соопштение од страна на Сојузот на стопанските комори.
Од таму појаснуваат дека Сојузот на стопански комори речиси овие две години од почетокот на пандемијата дава активен придонес преку постојано следење на мерките и доставување на свои конструктивни предлози и мислења во насока на нивно унапредување се со цел заштита на здравјето и намалување на штетните последици во економијата.
„Во таа насока сакаме да истакнеме дека изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче, дека Сојузот барал да се воведе задолжителна вакцинација и за вработените во приватниот сектор е целосно неточна бидејќи нашиот став е дека правото на вакцинација која не е задолжителна е лично право на избор и не треба да се ограничува. Сметаме дека многу подобар ефект наместо со репресивни ќе се постигне со стимулирачки мерки и навремено обезбедување на повеќе видови вакцини и релевантни информации за нивната безбедност“, се вели во писмената реакција од Сојузот на стопанските комори.
Во таа насока, додаваат од таму, Сојузот останува отворен за понатамошна соработка и ќе продолжи да дава поддршка за мерките кои сметаме дека ќе дадат ефект.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зајкова: Целосна поддршка за „Сејф Сити“ од мене како пратеничка и од ЛДП
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во објава на социјалните мрежи изрази целосна поддршка за реализација на проектот „Сејф Сити“.
„ЛДП е за целосно спроведување на законите, за сите, без дискриминација и со еднакво третирање на сите граѓани. Кочење на закони кои водат до владеење на правото е неприфатливо, иако многу често го сведочевме и во блиското минато. Потребна ни е безбедна држава, правична држава. Денес, не утре! За 6 месеци ќе иницирам дебата со избирачите, особено во мојата изборна единица да се види како оди спроведувањето на законот и дали треба нешто да се подобри или промени во истиот“, пишува Зајкова во објавата.
Во врска со денешното гласање, Зајкова посочува дека начинот на кој функционира Собранието – како пазар, а не како парламент на европска држава со ред и правила – е друга тема.
„За тоа граѓаните ќе се изјаснат на избори. Пратениците не смеат да бидат спречени да имаат планирани активности со избирачите, со тие што им го дале мандатот, ниту во вршење на други службени обврски. Не може да има гласање само кога на мнозинството му одговара и кога тие имаат кворум. Дајте барем како Собрание да му покажеме европско однесување на народот ако веќе устата ни е полна за членство во ЕУ“, посочува претседателката Зајкова во објавата.
Македонија
Сиљановска-Давкова се сретна со гувернерот на Народната банка: Финалната оценка на Славески е дека екомомијата е стабилна, со солиден раст
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова го прими гувернерот на Народната банка, д-р Трајко Славески.
Најпрво, гувернерот ги презентираше основните макроекономски показатели, а потем ја запозна со макроекономската политика.

Тој го објасни влијанието на глобалните геостратешки трендови врз македонската економија, објаснувајќи ги главните процеси во индустријата, трговијата и градежништвото.
Претседателката се интересираше за добрите страни на актуелната економска состојба, како и за недостатоците и ризиците.

Финалната оценка на гувернерот беше дека екомомијата е стабилна, со солиден раст, но мора да се внимава на увозната зависност и цената на храната и енергијата.

Обајцата сметаат дека стручните и компетентни човечки ресурси се особено важни за доброто функционирање на Народната банка.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Намалена видливост поради појава на магла до 100 метри има на патниот правец Тетово – Скопје, од 30 – 40 метри на патниот правец Тетово – Попова Шапка и до 50 метри на планинските превои Буково и Ѓавато, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Сите државни патишта се проодни и безбедни за сообраќај.
Сообраќајот се одвива непречено, но поради врнежите од снег се препорачува внимателно возење.
Екипите на ЈП Македонија пат се целосно екипирани, ставена е на располагање потребната механизација и работна сила и во континуитет на терен се врши расчистување на снегот. Во соработка со ЈП за државни патишта и Министерство за транспорт се вршат координирани активности со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.
Покрај внимателно и совесно управување со возилата, се препорачува задолжително употреба на зимска опрема, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и прилагодена брзина согласно условите на патните правци.
Исто така се препорачува навремено информирање од страна на сите информативни центри за условите и сообраќајот на државните патишта.
Кооридинираните активности на надлежните институции продолжуваат и во текот на наредниот перидод, со цел да се обезбеди непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, соопштуваат од АМСМ.

