Македонија
Го поддржавме Славески за претседател на Советот на Град Скопје оти е докажан професионалец, велат од ЛДП-ДOМ
Советниците за Град Скопје од ЛДП и ДОМ го поддржаа предлогот Трајко Славевски од ВМРО-ДПМНЕ да биде избран за претседател на Совет на Град Скопје.
Теодора Крстевска, советничка од ДОМ во Град Скопје, вели дека во интерес на конструктивната работа на советот, и поради фактот што професорот Славевски е докажан професионалец и човек со интегритет одлучиле да го поддржат. Како независен советник од опозицијата очекуваат дека ќе го води советот доблесно и чесно, вклучувајќи ги сите советници, независно дали се мнозинство или опозиција, а одлуките без исклучок ќе ги носи во интерес на граѓаните.
„Зад нас како движење Одлучно за промени, стојат гласовите на 10.000 скопјани кои веруваат и ја поддржуваат зелената политика, социјалната правда и еднаквост, правото на еднакви можности, но уште повеќе желбата за квалитетен живот и чиста животна средина. Токму затоа, ќе се борам и очекувам програмата на зелената партија ДОМ да биде вклучена во идниот буџет на Град Скопје“, истакна советничката Крстевска.
Од ЛДП и ДОМ очекуваат претседателот на советот, но и градоначалничката да ги повика сите советници независно дали се дел од мнозинството или опозицијата и независните советници од опозицијата, на координација, кога ќе се разгледува програмата и буџетот на Градот.
„Очекуваме од Советот и Градоначалничката, во идните буџети и програми за работа да се земат предвид и иницијативите, проектите и предлозите кои доаѓаат, покрај од советниците од советничкото мнозинство и од опозиционите советници кои добиле доверба да влезат во Советот на Градот Скопје. Од новиот претседател на Советот очекуваме истиот да го води во согласност со законите, деловниот и статутот и да биде претседател кој ќе ги застапува сите советници. Очекуваме и отворен и транспарентен Совет и пренесување на седниците во живо“, истакнаа од Либерално-демократската партија.
ЛДП им упати порака до советниците на Левица, доколку не е информиран Президиумот на нивната партија, тие го прифатија укажувањето на Министерството и ги потпишаа изјавите согласно Уставот и законите во државата и дадоа заклетва дека ќе го штитат уставниот поредок на Република Северна Македонија и на тоа остро реагираат „Сега или искарајте ги или искучете ги, ако сте принципиелни!“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

