Македонија
(Видео) Стоилковски: РЕК „Битола“, поради неспособноста на Заев, загуби 70 милиони евра

РЕК „Битола“ работи на минимум, потенцира портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски. Вчера, вели тој, работеше само еден блок, и тоа со 20 % од капацитетот.
„Наместо енергетска стабилност, наместо развој кон тоа РЕК ‘Битола’ да биде извор за затоплување на вториот по големина град во Македонија, Битола, РЕК ‘Битола’ е пред колапс. И не е само до немањето јаглен. Јаглен нема затоа што не се копаше и не се набави на време. РЕК ‘Битола’ е слика за водењето на Македонија од СДСМ. Во моментот Блок 3 е надвор од погон. Неговото санирање може да трае и цела година. Санацијата на цевките на котелот на Блок 1 не знаеме во која фаза се. Работи само Блок 2. Јаглен на депонијата нема, увозот на знаеме до каде е. Ете тоа е состојбата во која СДСМ го доведе најголемиот производен капацитет РЕК ‘Битола’“, рече Стоилковски.
До сега, нагласува портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, биле потрошени над 11 милиони евра за увоз на струја, плус 15 милиони за плаќање на украдената струја од европската мрежа.
„На тие 26 милиони евра, се планираат 65 милиони за дополнителни трошења. Вкупно ова се ќе чини 90 милиони евра. Доколку се копаше јаглен, сето тоа ќе завршеше за помалку од 20 милиони евра. Да сумирам, неспособноста и лакомоста на СДСМ чинат 70 милиони евра. Раководството на ЕЛЕМ е целосно неспособно и нестручно и воопшто не се грижи за правилното одржување на целата постројка. Македонија е длабоко навлезена во енергетска криза“, забележува тој.
„Се фалеа со профит на ЕЛЕМ, а денес гледаме дека ЕЛЕМ е еден од најголемите загубари во Македонија. Финасиската инјекција од Владата се пари на граѓаните за уште малку да се преживее до утре, задутре, можеби само три дена“, додава Стоилковски.
Вели дека се потребни итни неодложни оставки на целиот раководен тим на РЕК „Битола“ и МЕПСО и наместо Васко Ковачевски и тајфата од СДСМ, како што напомена, да дојдат способни луѓе за спас на тоа што е останато од РЕК „Битола“ и ЕЛЕМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.
Македонија
Задутре времен застој на ГП „Делчево“ заради градежни работи

Регионалниот центар за гранични работи „Исток“ ја информира јавноста дека задутре ГП и ГН „Делчево“, односно од бугарска страна ГКПП „Станке Лисичково“ целосно ќе бидат затворени за секаков сообраќај во периодот од 08:00 до 14:00 часот.
Причина за тоа, според официјалното известување добиено од бугарските гранични полициски служби, се градежните работи на патната делница кај ГКПП „Станке Лисичково“. По завршувањето на работите сообраќајот и функционирањето на граничните премини ќе продолжи непречено да се одвива.
Македонија
Апел за поддршка: Помогнете на ранливите граѓани да аплицираат за субвенција за струја

Инженери на Република Македонија упатија апел до јавноста за помош на ранливите категории граѓани во процесот на аплицирање за финансиска поддршка од Министерството за енергетика. Станува збор за јавен оглас за субвенција од 1.000 денари месечно на сметката за електрична енергија, кој важи 12 месеци.
Апелот е насочен кон инженери, техничари, информатичари и сите граѓани што се снаоѓаат со институционални постапки, да им помогнат на лица со интелектуална или телесна попреченост, целосна слепост или глувост, лица во социјален ризик и сиромаштија, кои се соочуваат со бариери при собирање на документи, пополнување формулари и поднесување на пријави.
Постапката за аплицирање вклучува преземање формулари од www.energy.gov.mk, фотокопирање документи, обезбедување на нотарска изјава и испраќање на пријавата по пошта во затворен плик. Рокот за пријавување е 30 дена од денот на објавата на јавниот оглас.
Според Државниот завод за статистика, над 38.000 домаќинства примаат гарантирана минимална помош, но само околу 4.000 домаќинства ја користат оваа субвенција. Останатите над 90 отсто не аплицираат, најчесто поради технички пречки, а не поради неисполнување на условите.