Македонија
Ќучуков: Бугарија е под силен меѓународен притисок да го повлече ветото за Македонија

Поранешниот бугарски заменик-министер за надворешни работи Љубомир Ќучуков во изјава за бугарски медиум вели дека Бугарија е под многу силен меѓународен притисок да го повлече ветото за Северна Македонија. Сепак, тој смета дека рокот за тргање на ветото за почеток на преговорите на Скопје со ЕУ е прекраток.
„Во сегашните услови, кога во Бугарија претстојат преговори за формирање влада, нема начин да се донесе таква одлука пред самитот на ЕУ“, вели Ќучуков.
Тој смета дека е важно да се види дали декларираниот став на лидерите на „Промената продолжува“ Кирил Петков и Асен Василев за нов пристап во преговорите со Република Северна Македонија, ќе се трансформира во евентуалната коалициска платформа на идната бугарска влада или ќе стане нејзина официјална политика.
Според него, позитивен е фактот што е изразена подготвеност за дијалог од страна на Бугарија, бидејќи дијалогот е единствениот начин да се најде решение.
Коментирајќи ја позицијата на Бугарија за Македонија, Ќучуков вели дека Франција и Холандија го користат она што се случува за да се претстават како позитивно настроени кон проширувањето.
Тој смета дека во пракса Бугарија ја изгубила сета своја предност како земја членка на ЕУ, бидејќи ниту една земја од Унијата не ја поддржува Софија.
Ќучуков вели дека Бугарија во последните шест месеци го преакцентира својот пристап кон Северна Македонија, откако во март годинава претседателот Румен Радев стави фокус на заштитата на човековите права на македонските Бугари.
„Така Бугарија успеа да излезе од кружната одбрана и веќе понуди начин како да се реши проблемот. Меѓутоа, Бугарија мора да работи на изнаоѓање решение и тоа мора да биде заемно и по пат на дијалог. Бугарија е заинтересирана да се најде такво решение бидејќи времето работи против бугарскиот интерес“, изјави Љубомир Ќучуков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.