Економија
„Македонската економија – да се биде или не“ – колумна на Живко Груевски од „Еуромакс ресоурцес“
„… додека ги пишував овие редови, во главата упорно ми одѕвонуваа музичките акорди и безвременската порака од текстот на култниот евергрин отпеан од рок-легендата Дадо Топиќ (1978) „Ја хоќу ЖИВОТ – болји ЖИВОТ…“
Девастирачките економски и социјални последици од пандемиското „цунами“ само го мултиплицираа чувството на разочараност и бесперспективност, посебно кај младите генерации и дополнително го засилија разорниот тренд на економски мотивираната миграција. Покрај политиката, информации за неповолните економски текови, енергетската криза, инфлаторните притисоци и загрижувачкото зголемување на трошоците за живот, нападно ги диктираат насловните страници и ударните прилози на сите медиуми. Недостигот на реални странски и домашни инвестиции генерира хронично ниска понуда на квалитетни и добро платени работни места, непристојно низок животен стандард кој обезбедува само преживување или „живуркање“ без јасно препознатливи можности за прогрес. Речиси и да нема семејство кај кое дел од нивните најблиски роднини, соседи и пријатели не се веќе иселени во некоја од економските развиени земји. Голем дел од нашата млада популација, едуцирани и во најдобра работоспособна кондиција, искрено и отворено потврдуваат дека во Македонија не ја гледаат својата иднина па затоа интензивно планираат да се иселат во странство барајќи можности за поквалитетен и посреќен живот.
Сите сме помалку презаситени од напливот на мноштво аргументирани и академски елаборирани економски студии, анализи, статистички извештаи, експертски предупредувања и прогнози. Всушност, нам никогаш и не ни недостасувале стручни мислења со кои се дијагностицираат прецизно слабостите и проблемите во економијата. Но, ние хронично страдаме од недостиг на храбро и одлучно соочување со реалноста и проактивно преземање конкретни акции и дела за позитивни резултати – сега и веднаш! Високите достигнувања за поквалитетен, подостоинствен и посреќен живот на сите наши сограѓани се практично остварливи само преку забрзан економски развој. И да бидам директен и прецизен – во актуелниве кризни времиња единствено реална, повторувам ЕДИНСТВЕНА мега странска гринфилд инвестиција која е веќе во земјава и е целосно подготвена веднаш да започне со оперативна реализација е токму проектот на ‘Еуромакс ресоурцес’ и глобалниот деловен гигант Групацијата ‘Трафигура’, за современ рударски комплекс за бакар „Иловица – Штука“!!!
Да ве потсетам на фактот дека во изминативе петнаесетина години за подготвителна фаза на геолошки истражувања, проектирање, физибилити студија, изработка на меѓународно потврдена „Студија за оценка на влијанието врз животната средина и социјалните аспекти“, како и за сите други неопходни активности и професионално ангажирани домашни и странски експерти – кумулативно се инвестирани околу 50 милиони евра.
Сега, за првите две години на интензивна изградба на рударскиот комплекс, обезбеден е инвестиционен буџет од околу 340 милиони евра. Во оваа фаза, околу 180 милиони евра ќе бидат исплатени по реализација на комерцијални договори со домашни компании, кооперанти од различни сектори на македонското стопанство.
Во текот на планираниот период од 25 години за оперативно функционирање, по основ на аутсорсинг-сервиси, секоја година редовно ќе се исплаќаат по околу 75 милиони евра на домашните кооперанти. Само по овој основ, кумулативно за период од 25 години ќе бидат исплатени околу 1,87 милијарди евра.
Секоја година редовно ќе се плаќаат приближно 24 милиони евра во националниот буџет по основ на законски давачки, даноци и такси. Околу 5 милиони евра на годишно ниво ќе се слеваат директно во општинските буџети на Босилово и Ново Село. Само богати и економски развиени општини, региони и држава, можат реално да си дозволат практично реализирање на сите приоритетно планирани инфраструктурни и комунални проекти, како и одржливо инвестирање во грижата за заштита на животната средина, што е од интерес за сите жители независно од нивните политички, етнички, верски или културни различности.
Веднаш по започнувањето со оперативното работење, овој рударски комплекс ќе се придружи на ТОП 3 извозните компании од нашата држава со проектиран просечен извоз (зависно од берзанските цени на бакарот!) од околу 200 – 250 милиони евра годишно. Значајните приливи на девизни средства во државава во голема мерка ќе помогнат во одржувањето на билансот на плаќање во услови на трговски дефицит поради повисокото ниво на увоз во однос на извозот, ќе допринесат за ублажување на инфлаторните притисоци, зголемувањето на девизните резерви и ќе помогнат за одржување на стабилноста на националната валута…
За оперативно функционирање на овој рударски комплекс потребни се над 500 директни работни места со еднакви можности за сите кандидати од различни професии и правична „родова балансираност“ кај сите позиции. Експертскиот тим ќе помогне преку организирање и финансирање на ефикасни теоретски и практични обуки, како и индивидуални интервјуа за професионална и непристрасна проценка на секој кандидат поединечно – личните квалификации, вештини и преференции. Согласно светските искуства, тука ќе има и реална потреба од околу 2.700 „индиректни“ вработувања кај сите домашни деловни партнери – кооперанти кои по комерцијалните договори за аутсорсинг во следните 25 години се обезбедуваат најразлични сервисни услуги и потрошни добра.
Несомнено фактите потврдуваат дека оваа мега странска гринфилд инвестиција во југоистокот на нашата држава претставува неповторлива шанса за СИТЕ жители и домашните деловни партнери. Веднаш остварлива можност за локалните и регионалните институции и јавни претпријатија долгорочно да си обезбедат квалитетно партнерство и стабилна финансиска асистенција, но секако и уникатна можност за нашата национална економија за забрзан и одржлив развој, прогрес со одлучно чекорење победнички напред!
И да, сепак морам да споделам со вас дека додека ги пишував овие редови, во главата упорно ми одѕвонуваа музичките акорди и безвременската порака во текстот на култниот евергрин отпеан од рок-легендата Дадо Топиќ (1978) „Ја хоќу ЖИВОТ – болји ЖИВОТ“ … Стремежот за постигнување СРЕЌА и подобар ЖИВОТ (Резолуција на УН – Ден на ареќата, 20 март) е едно од фундаменталните човекови права и возвишена ЦЕЛ!
Д-р Живко Груевски
(ПР-текст)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Мицкоски од Давос: „Бошков Мост“, „Чебрен“ и „Галиште“ ги привлекоа инвеститорите
Премиерот Христијан Мицкоски од Давос соопшти дека имал уште еден успешен ден со бројни билатерални средби и настапи, во рамки на престојот на Светски економски форум.
„Уште еден успешен ден со многу билатерални средби“, изјави Мицкоски, посочувајќи дека денот започнал со средба со Борјана Кришто, по што следеле средби со мултинационални компании кои, како што рече, имаат значајна улога во глобалниот бизнис.
Мицкоски информираше дека имал и успешен панел на кој повторно се разговарало за клучните теми на овогодишниот самит во Давос – вештачката интелигенција, дата-центрите и потребата од зголемено производство на електрична енергија.
„Разговаравме со луѓе кои навистина значат во светот на вештачката интелигенција, фирми кои се водечки во управувањето со дата-центри, но и за предизвиците поврзани со потребата од зголемување на производството на електрична енергија“, изјави премиерот.
Тој додаде дека пред соговорниците ги презентирал и проектите кои за Владата се значајни, а кои опфаќаат производство на електрична енергија, подобрување на преносните капацитети и интерконекторите за електрична енергија и гас.
Мицкоски соопшти дека за прв пат на панелот ги презентирал и клучните проекти кои Владата планира да ги објави во периодот што следи – Бошков Мост, Чебрен и Галиште.
Според него, проектите привлекле големо внимание кај инвеститорите, кои по завршувањето на панелот му пристапиле за размена на контакти и биле поканети да ја посетат земјата. „Убеден сум дека овие проекти ќе бидат успешни, ќе додадат вредност во економијата на Македонија и во квалитетот на живот на македонските граѓани“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека престојот во Давос продолжува со уште еден панел и презентација на инвестициските можности на Македонија пред нова група инвеститори, а враќањето во Скопје е планирано за утре.
Економија
Потврда за квалитет и доверба: „Реплек“ по петти пат сертифициран со EU GMP сертификатот
„Реплек“ по петти пат ја потврдува својата усогласеност со највисоките европски стандарди за квалитет, безбедност и добра производна пракса. Најновото сертифицирање со EU GMP сертификатот е доказ за континуираната посветеност на компанијата кон унапредување на производствените процеси, што ја потенцира нејзината доверливост и професионалност во секоја фаза од производството. Новиот, петти по ред, EU GMP сертификат вклучува проширување на опсегот на производството со три нови форми, и тоа супозитории, вагитории, како и гранулати за орална употреба (сакети). Ова е потврда на континуираното проширување на капацитетите со нови фармацевтски форми, што е резултат на интензивни инвестиции во модернизација на производствените линии, примена на најсовремени технологии, како и постојано усовршување на вработените.
Во своите завршни забелешки инспекторите нагласија дека „Реплек“ демонстрира висок степен на зрелост во спроведувањето на добрата производна пракса, високо стандардизирани оперативни процеси, како и робусен систем за квалитет, што ја потенцира доверливоста и професионалноста на компанијата во секоја фаза од работењето. Сертификатот е веќе официјално објавен на дата базата на Европската агенција за лекови (EMA).
„Новиот EU GMP сертификат е потврда за нашата долгорочна посветеност кон квалитетот, иновациите и безбедноста на производственото портфолио. Проширувањето на опсегот на производство е резултат на континуирани инвестиции во технологија и знаење, како и на посветеноста на целиот тим на ‚Реплек’. Сертификатот е признание кое дополнително ја зацврстува довербата кај пациентите и партнерите, и ја потврдува позицијата на компанијата како современа, конкурентна и подготвена да одговори на најстрогите европски и меѓународни стандарди. Станува збор за признание кое е резултат на постојани вложувања во човечкиот капитал, експертизата на вработените и иновативните технологии“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Ваквата потврда ја зацврстува позицијата на „Реплек“ како сигурен и кредибилен партнер на европските и меѓународните пазари, истовремено реафирмирајќи ја континуираната посветеност кон примена на највисоките стандарди во сите сегменти од оперативните процеси. Со новото сертифицирање уште повеќе се засилува стратешката поставеност на „Реплек“ на 450-милионискиот пребирлив европски пазар, каде што компанијата веќе пласира сериозен дел од своето портфолио. Овој европски GMP сертификат служи како референтен и за партнерите од голем број на останатите пазари, што значи дека се прошируваат можностите за пласман на производите на „Реплек“ и во тие држави.
Овој успех ја потврдува долгорочната стратегија на компанијата за одржлив и стабилен раст и развој, зацврстувајќи ја нејзината позиција на меѓународните пазари, каде што „Реплек“ пласира над 75 отсто од своето портфолио и продолжува да го зголемува својот удел преку висока доверба од потрошувачите. Континуираното унапредување на високите стандарди за квалитет и усогласеноста со европските регулативи се неразделен дел од корпоративната стратегија на „Реплек“. Квалитетот на производството се рефлектира и во финансиските резултати на компанијата за 2025 година, при што е постигнато значајно унапредување на профитабилноста, односно раст за 39% во однос на 2024 година.
(ПР)
Економија
МЕМО и словенечката енергетска берза БСП потпишаа договор со кој започнува имплементацијата на пазарот во тековниот ден
Во просториите на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО ДООЕЛ Скопје, денеска официјално беше потпишан Договор со словенечката енергетска берза БСП, како избран економски оператор за обезбедување услуги на трговски платформи и клиринг платформа за пазарите на електрична енергија во сегментите ден-однапред (Day-Ahead Market) и пазар во тековниот ден (Intraday Market).
Пазарот ден-однапред во нашата земја успешно функционира од 10 мај 2023 година, кога започна тргувањето на организираниот пазар на електрична енергија и од тогаш соработката меѓу МЕМО, БСП и ЕПЕКС СПОТ бележи континуиран раст. Дополнително, во заедничка соработка до крајот на вториот квартал од 2026 година ќе биде воспоставен и пазар во тековниот ден.
Договорот, во присуство на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, го потпишаа управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски, и извршниот директор на словенечката енергетска берза БСП и претседател на управниот одбор на групацијата АДЕКС, Анже Предовник.
Со овој Договор, МЕМО прави значаен исчекор во насока на унапредување на функционалноста на организираниот пазар на електрична енергија и негова подготовка за идно поврзување со единствениот европски пазар, информираат надлежните.
„Договорот претставува континуитет на соработката со БСП и ЕПЕКС СПОТ, важен чекор во развојот на македонската берза за електрична енергија и зајакнување на нејзината техничка и институционална подготвеност за пазарна интеграција со Европската Унија. Изборот на реномирани берзи како БСП и ЕПЕКС СПОТ, со кои веќе имаме воспоствено соработка базирана на доверба и резултати е потврда за нашата посветеност кон транспарентен, сигурен и ефикасен пазар“, изјави управителот на МЕМО, Зоран Ѓорѓиевски.
Тој додаде дека по потпишувањето на Договорот се одржа и kick-off состанок со претставници на БСП, на кој официјално започнаа активностите за дополнително воспоставување на пазарот во тековниот ден, со цел истиот да биде ставен во функција до крајот на вториот квартал од 2026 година.
„„МЕМО и Северна Македонија денес направија значаен и стратешки исклучително важен чекор кон интеграција во европскиот пазар на електрична енергија. Потпишувањето на договорот за воспоставување на пазарoт во тековниот ден и имплементацијата на проектот, чија реализација е предвидена да заврши во вториот квартал од 2026 година, претставуваат важна пресвртница во процесот на интеграција на земјата во европскиот пазар на електрична енергија.
Со јасна и амбициозна насока, како и со силна поддршка од надлежната министерка и министерството, Северна Македонија продолжува да остварува убедлив напредок на патот кон целосна интеграција во европскиот пазар на електрична енергија – препознаен и во регионот и во рамки на Европската Унија. Високоефикасните тимови на МЕМО и БСП и ЕПЕКС СПОТ, заедно со поддршката од министерката и Министерството, претставуваат силна и јасна гаранција дека Северна Македонија ќе биде меѓу првите земји во регионот што ќе се приклучат кон Единствениот европски пазар на електрична енергија.
Ова е наша заедничка и силна заложба, изградена врз експертиза, доверба и одлично партнерство. Горд сум што јас и мојот стручен тим од БСП сме дел од овој значаен проект“, изјави Предовник.
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, истакна дека воспоставувањето на пазарот во тековниот ден е суштински чекор за модернизација на македонскиот енергетски сектор и негова реална интеграција во европскиот пазар.
„Со вакви конкретни проекти ја градиме стабилноста, транспарентноста и конкурентноста на пазарот. Министерството активно и континуирано ја поддржува институционалната и техничката подготвеност на пазарните оператори. Нашата цел е јасна – функционален, сигурен и европски усогласен пазар на електрична енергија. Пазарот во тековниот ден, носи поголема флексибилност, подобро управување со обновливите извори и намалување на системските ризици. Тоа е директна придобивка и за учесниците на пазарот и за енергетската стабилност на државата“, нагласи Божиновска.

