Македонија
Демократскиот сојуз: Со изборот на старo-нова влада бараме робусна борба против криминалот и корупцијата
Во пресрет на избор на стара-нова влада, Демократскиот сојуз укажува на потребата од радикални промени во поставеноста, дејствувањето и приоритетите.
Во оваа насока, додаваат од партијата на Трајанов, освен реформите сврзани со евроинтеграциските процеси, Демократскиот сојуз инсистира и на: робусна борба против организираниот криминал и високата корупција, преку системски промени и формирање на Агенција за борба против криманалот, со висок степен на самостојност и посебни права и овластувања (ФБИ).
„Второ, испорачување на правдата преку законска можност за фер судење за монтираните судски процеси (Нема правда, нема мир). Трето, реформа на судскиот и правниот систем во целина, преку ревизија на работата на секој судија, обвинител и припадник на МВР, департизација на службите за безбедност и администрацијата. Четврто, коренити реформи на изборните правила, укинување на системскиот монопол на четирите партии и Македонија да биде една изборна единица“, се додава во барањата на Демократскиот сојуз.
Само со конкретни и радикалнии чекори, велат од таму, можат да се придвижат процесите во позитивна насока и да се отворат перспективи за развој на државата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Судии и обвинители како Наќе Ѓорѓиев и Иџет Мемети кои земаат мито и влијаат врз судски пресуди, бараат плати и до 6.000 евра
Судиите и обвинителите како Наќе Ѓорѓиев и Иџет Мемети кои земаат мито и влијаат врз судски пресуди, бараат плати и до 6.000 евра со само 2% доверба. Македонската јавност заслужува да знае кој се овие поединци од судската и обвинителската фела, кои се имплицирани во вакви судски пресуди со своите влијанија, а од друга страна со 2% доверба сакаат зголемување на платите, вели Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Група на поединци како Наќе Ѓорѓиев и Иџет Мемети, тогашни високи функционери во правосудството, беа фатени како земаат мито за да влијаат врз пресуда во вредност од 10.000 евра, а за ова кривично дело и двајцата се спогодија со судот, односно ја надиграа правдата.
Со кое лице и како очекуваат од народот и граѓаните, луѓе како Ѓорѓиев и Мемети, да бараат зголемување на и онака високите плати? Како народот да очекува правда, кога истите овие луѓе кои земаа по 10тина илјади евра мито, се спогодија со судовите? Како може народот да очекува правда и одговорност кога кој е тој што ја гарантира независноста на оние судии и обвинители кои се спогодиле со Ѓорѓиев и Мемети? Кој гарантира дека нема да влијаат истите и врз некои други предмети“, прашува Манасиевски.
Оценува дека на македонското правосудство му е потребен ремонт.
„Во судството и обвинителството не смее да има остатоци од оние кои ги бираа СДС и ДУИ. Корумпирани и криминални. Заради оваа група на поединци, чесни и транспарентни судии и обвинители не можат да дојдат до израз“.
Македонија
Зајкова назначена за шефица на набљудувачката мисија на ПС на ОБСЕ на предвремените парламентарни избори во Киргистан
Претседателката на Либерално-демократската партија (ЛДП) и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, е назначена за шефица на делегацијата на набљудувачи на Парламентарното собрание (ПС) на ОБСЕ на претстојните предвремени парламентарни избори во Киргистан, закажани за 30-ти ноември.
Зајкова, која воедно е и шефица на македонската парламентарна делегација која ќе ги набљудува изборите, ќе ја извршува својата должност заедно со Клод Хаген, пратеник од Луксембург и специјален координатор и водач на краткорочната мисија за набљудување на изборите на ОБСЕ и со уште 80 други набљудувачи на ПС на ОБСЕ од 28 земји.
Во текот на изборите, Зајкова и тимот на ПС на ОБСЕ ќе соработуваат со Мисијата за набљудување на изборите на ОБСЕ/ОДИХР, предводена од Тамас Мезерич (Унгарија) и партнерската делегација на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), предводена од Георгиос Стаматис (Грција).
Парламентарците на ОБСЕ ќе бидат сразмерно распоредени на територијата на Киргистан за да извршат проценка на сите фази од изборниот процес и нивните наоди ќе бидат собрани и анализирани. Податоците ќе се искористат во прелиминарните заклучоци на меѓународната мисија за набљудување на изборите, кои подоцна ќе бидат презентирани на заедничка прес-конференција.
„Ова е дванаесетти пат како ПС на ОБСЕ ги набљудува изборите во Киргистан. Заедно со нашите колеги од ОДИХР и ПССЕ ќе извршиме проценка на сите фази од изборниот процес. Киргистан влегува во овие избори со изменат законска рамка, нов систем на гласање, нови изборни единици, нови правила за кандидирање на кандидати и финансирање на кампањата. Ова ќе бидат првите национални избори во Киргистан на кои ќе се користи новата опрема за гласање и ќе се понуди гласање од далечина, а луѓето разбирливо обрнуваат големо внимание на тоа како ова ќе функционира во пракса. Со нетрпение очекуваме да ги набљудуваме овие случувања на терен и тесно да соработуваме со ОДИХР и нашите партнери од ПССЕ низ целата земја“, истакна претседателката и ЛДП и шефица на делегацијата на ПС на ОБСЕ, Зајкова.
На денот на изборите, Зајкова и набљудувачите на ПС на ОБСЕ ќе посетат гласачки места низ цела територија на Киргистан за лично да извршат проценка на процедурите, технологиите за гласање и целокупното спроведување на процесот. Изборите ќе бидат оценети во однос на демократските обврски содржани во Копенхашкиот документ на ОБСЕ од 1990-та година.
Македонија
Од четврток снег на планините и пад на температурите
Под влијание на циклонска активност од утре до сабота ќе преовладува претежно облачно време со повремени врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат во текот на утрешниот ден и во четврток, информира УХМР.
Поради спуштање на постудена воздушна маса од север, во четврток на планините врнежите ќе преминуваат во снег, а дневните температури ќе опаднат за 4-6 степени во споредба со утрешните.
Стабилизирање на времето се очекува од недела.
Во Скопје, до сабота времето ќе биде претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Во делови од котлината повремено врнежите ќе бидат пообилни и се очекува да наврнат над 15 l/m2 за 24 часа.

