Македонија
Димитров за проблемот со Бугарија: Не може антиевропски критериум да биде услов за влез во ЕУ
На дискусијата за политиката на проширување на ЕУ со Западен Балкан што утрово се одржа во Мадрид, вицепремиерот Никола Димитров ги образложи македонските позиции во однос на проблемот со Бугарија.
„Блокирањето на евроинтегративниот пат дефинитивно не е помагање и е спротивно на членот 2 од нашиот договор, додека, пак, од страна на Северна Македонија не постои такво прекршување. Ние како политичари се договоривме да обезбедиме предуслови за успех на Комисијата за историски и образовни прашања, тие имаа повеќе средби и беше предложена и странска експертиза и помош за нивната работа. Со овој договор започнавме еден важен процес што некако беше исфрлен од колосек од причини кои сè уште се неразбирливи.
Во нацрт-преговарачката рамка што сè уште е на маса има еден технички параграф што е ист за сите земји кандидатки кои отпочнуваат преговори и предвидува превод на правото на Унијата на сопствениот јазик – во нашиот случај македонскиот јазик, за да се овозможи соодветно функционирање на Унијата во согласност со нејзините правила и принципи откако земјата ќе стане членка. Оттука, ова прашање се третира како прашање на самоопределување, како што е уредено со меѓународното право бидејќи нема правна основа и не е пристојно ниту една земја во светот, вклучително и за самата Унија, да признае или да не признае јазик. Јазикот е прашање за нашиот народ, според меѓународното право“, посочи Димитров.
Вицепремиерот се осврна и на обидите за надминување на овој проблем, претставени и низ напорите на триото претседателства со Советот на ЕУ:
„Бугарската страна покрена пет прашања од билатерален карактер, како услов за зелено светло од Софија, но на средбите во Брдо, пак, Бугарија не можеше да го потврди овој свој став. Не може да се прави вештачка разлика помеѓу оваа билатерална патека и преговарачката рамка, мислам дека ако одиме согласно португалскиот предлог, односно предлогот застапуван од триото претседателства, почнувајќи од Германија преку Португалија до Словенија како актуелен претседавач, може да се најде разумно решение.“
Тој заврши нагласувајќи дека бугарската блокада е инвестиција во антагонизам наместо во пријателство, како што потврдува и истражувањето од бугарски тинк-тенк објавено деновиве, кое покажува дека говорот на омраза по социјалните мрежи, за којшто обвинува официјална Софија, всушност e потхранет токму од нивното вето.
„Кога покрај петте прашања го поставувате и прашањето за дискриминација, а ние навистина немаме таков случај, го покренувате прашањето за пописот – а ние ги немаме резултатите од тој попис, тогаш изгледа вие креирате мета во движење!
Ако не го почитувате туѓото достоинство, навистина е тешко да сме пријатели.
Ако предусловот за придвижување кон Европа не е во согласност со европските вредности и ако сме условени со македонскиот јазик, тогаш, сум го кажал ова и кај нас, за мене е подобро да не постигнеме напредок кон ЕУ, бидејќи тогаш тоа не е зачленување во заедница на вредности.
Не можете да создадете антиевропски услов и да го претставувате како критериум за една земја да се приклучи во ЕУ и секако не откако ја искачивме големата планина – проблемот со името. Решението со Грција беше можно, ние ја додадовме придавката Северна, само затоа што Грција ги прифати нашето право на самоопределување и македонскиот јазик како македонски“, нагласи Димитров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Лажни дојави за бомби во училишта во Скопје и Тетово
Во неколку училишта во Скопје и во Тетово денеска биле примени дојави за поставени експлозивни направи, но по извршените проверки било утврдено дека станува збор за лажни пријави.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека веднаш по добивањето на пријавите биле преземени соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници.
„Веднаш по добиените пријави преземени се соодветни мерки и активности од страна на полициски службеници и утврдено е дека станува збор за лажни пријави“, соопштија од МВР.
Во Тетово дојавите ги опфатиле средните училишта СОУ „Никола Штејн“, СОУ Гимназија „7 Март“, СОУ Гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ и СОУ „8 Септември“.
Кај основните училишта биле опфатени ООУ „Истикбал“, ООУ „Кирил и Методиј“, ООУ „Братство-Мигени“, ООУ „Гоце Делчев“, ООУ „Беса“ и ООУ „Прпарими“.
Надлежните институции продолжуваат со преземање мерки за расчистување на случајот.
Македонија
МНР со апел: македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на Мексико да го напуштат во првата безбедна прилика
Поради влошената безбедносна состојба во Мексико, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија апелира до македонските државјани кои се наоѓаат на територијата на оваа држава, истата да ја напуштат во прва можна и безбедна прилика.
Истовремено, се препорачува одложување на сите патувања кон Мексико кои не се од итен и неопходен карактер.
„Министерството ги става на располагање сите свои капацитети за асистенција на државјаните на Република Северна Македонија, преку 24-часовниот СОС дежурен телефон: +389 75 268 736, електронската адреса: [email protected], како и преку дежурниот телефонски број на Дипломатско-конзуларното претставништво на Република Северна Македонија во Вашингтон: +1 (202) 758-7798 или на е-маил адресата: [email protected].
Министерството континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста“.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.

