Македонија
Судот во Стразбур постапува по жалбата на Камчев за кршење на човековите права
Европскиот Суд за човекови права во Стразбур одговарил на барањето на одбраната на Орце Камчев и побарал одговори од Владата за нејзиното непостапување, велат од правниот тим на бизнисменот, а во врска со необезбедување на соодветен третман за неговата здравствена состојба.
„Најдоцна до 24 ноември, Владата треба да даде информација на Судот во Стразбур за барањето од 29 октомври 2021 за издавање дозвола за влез во КПУ Затвор Скопје на доктор интернист/кардиолог, вешто лице од областа на интерната медицина, за да изврши преглед на г-динот Камчев, испратено до Основниот Суд Скопје. Доколку е применливо, Судот во Стразбур ја бара на увид одлуката, доколку не е одлучено по барањето, Судот ја повикува Владата да го извести за причините зошто истата ја нема“, се наведува во соопштението.
Од правниот тим на Камчев, информираат дека медицински белешки потврдени од кардиолози од Македонија како и од кардиолози од Австрија и Словенија укажуваат на тоа дека тој спаѓа во групата на „пациенти со висок ризик од смрт поради кардиоваскуларни проблеми’’ и постои висок ризик со животозагрозувачки последици доколку неговата состојба не е соодветно третирана и следена.
Од таму додаваат дека Европскиот суд за човекови права реагира за настанот од 29 октомври годинава, кога одбраната на Камчев се обратила до Кривичниот суд во Скопје со барање за издавање дозвола за влез на кардиолог со цел да изврши детален преглед на Камчев и да даде соодветно мислење за здравствената состојба како и препорака за натамошно лекување.
Тие се пожалиле до судот во Стразбур, откако на ваквото барање не добиле никаков одговор ниту одлука.
„Судот бара образложение од Владата и за последниот медицински третман на жалителот во врска со неговата срцева состојба. Конкретно, на кој начин и до кој степен националните власти му обезбедиле на Камчев редовен медицински третман од кардиолог и/или медицински прегледи со помош на ехокардиографија и/или коронарографија?
Европскиот суд за човекови права согласно со правилото 39 од Правилата на Судот во случајот на г-дин Камчев, а поради причина на флагрантно и континуирано кршење на неговите основни човекови права, е во постапка за изрекување на времена мерка со која на македонските власти треба да им се наложи под итно да извршат медицински преглед од кардиолог и итно ослободување и сместување во домашен притвор поради неговата влошена здравствена состојба“, се наведува во соопштението.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши – Јиан: Билатералните односи со Кина во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, оствари средба со Ли Јиан, генерален директор за европски прашања во Министерството за надворешни работи на Народна Република Кина.
Посакувајќи му добредојде во законодавниот дом од името на пратениците, претседателот Гаши истакна дека и покрај географската оддалеченост, билатералните односи остануваат срдечни и продолжуваат да се развиваат во духот на меѓусебно разбирање, почитување и конструктивна соработка.
Тој ја повтори посветеноста на државата на принципот на „Една Кина“, односно признавањето на Владата на Народна Република Кина како единствена легитимна влада на кинескиот народ и признавањето на Тајван како неотуѓив дел од кинеската територија.
Понатаму, претседателот Гаши информираше дека парламентарното мнозинство останува цврсто фокусирано на реализација на клучните стратешки цели кои се непроменети од нашето осамостојување, односно напредок кон отворање на преговори за полноправно членство во Европската Унија.
Двајцата соговорници се сложија дека иако соработката на билатерално ниво дава опипливи резултати во широк спектар на сектори – има простор за продлабочување на односите во областа на туризмот, културата и трговската размена. Беше нагласен и континуираниот придонес на Кинеската амбасада во Скопје за развојот и унапредувањето на односите меѓу двете држави.
Исто така, беше потенцирано дека Пратеничката група за соработка со Парламентот на Народна Република Кина, која се формира во Собранието во сите досегашни мандати, е форум за воспоставување, негување и продлабочување на потесни меѓупарламентарни врски и размена на мислења за сите аспекти на законодавната работа меѓу меѓу двете држави.
Генералниот директор за европски прашања му врачи на претстедателот Гаши честитка од неговиот хомолог, Џао Леџи, претседател на Постојаниот комитет на Секинескиот народен конгрес.
Македонија
Пуштена за сообраќај клучката на автопатот Охрид-Кичево, кај селото Подмољје
СВР Охрид ја известува јавноста дека од денеска, во редовен сообраќај е пуштен сообраќајниот крак-клучката на автопатската делница Охрид-Кичево, кај селото Подмољје, општина Дебрца.
Со тоа, воспоставен е нормален сообраќај во правецот Охрид-Кичево-Скопје, Охрид-Струга , Струга-Кичево-Скопје и Струга-Охрид и истата е во редовна функција без дополнителни сообраќајни ограничувања.
„Апелираме до возачите на патнички и други моторни возила, при користење на овој сообраќаен крак како и на целата автопатска траса, да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи како и и другата поставена хоризонтална и вертикална сигнализација и со тоа, да придонесат за зачувување на сообраќајната безбедност“, велат од СВР Охрид.
Македонија
Делови од Карпош и Центар утре без вода
Делови од Карпош и Центар утре ќе останат без вода, извести ЈП Водовод и Канализација.
„Поради промена на вентил ф-2 на крстосницата ул.Октомвриска Револуција/ бул.Партизански Одреди , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од зграда 10,12 и 14 на ул.Октомвриска Револуција и дел од бул.Партизански Одреди (потегот од Никола Тесла до Октомвриска Револуција). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот. Поради водоводен приклучок од ф 100мм на ул.Наум Наумовски Борче бр.63, со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од ул.Наум Наумовски Борче бр.63. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување.(Центар)“, се наведува во соопштението.

