Македонија
Јовески: Човечки фактор или техничка неисправност на возилото можни причини за несреќата

Јавниот обвинител Љубомир Јовески изјави дека сè уште не може да се каже која е причината за незгодата.
„Можни се два фактора, човечкиот фактор или, пак, техничката неисправност на возилото“, изјави Јовески пред болницата „Пирогов“ во Софија, каде што се сместени седуммина од преживеаните патници од денешната автобуска несреќа.
„За причините во овој момент не може да се каже. Сите прашања се отворени. Впрочем, затоа се води и истрагата. Нашите колеги јавни обвинители од Република Бугарија, со кои имаме одлична соработка, ги фиксираат сите траги, прибираат податоци и во овој момент не може воопшто ништо да се каже која е причината за незгодата“, истакна тој и појасни дека станува збор за пообемни вештачења.
Додаде дека обдукцијата на телата ќе се врши во Бугарија, додека биолошките траги на роднините на починатите ќе се земаат во Институтот за судска медицина во Скопје и веднаш ќе се достават во Бугарија.
„Телата се извлекуваат од автобусот, ќе треба да се земат биолошки траги од роднините и очекуваме тој процес многу брзо да заврши“, изјави Јовески.
„Со Обвинителството на Бугарија имаме развиено добри колегијални односи. Станува збор да се забрза оваа постапка, да видиме кои документи им се потребни од нашата држава за да може што поскоро да се утврдат сите факти за оваа трагедија“, вели Јовески.
Државниот јавен обвинител изразувајќи сочувство до семејствата на настраданите вели дека е уверен оти бугарските лекари и медицинските лица преземаат сè што е неопходно за повредените патници.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Почувствуван земјотрес во Македонија

Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, попладнево во 16 часот и 14 минути регистрираше земјотрес чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Тетово-Гостивар, 39 км западно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.7.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Тетово, Гостивар и блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
МНР: Амбасадата во Прага е во координација со семејството на Чифлиганец за пренeсување на телото во Македонија

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информира дека на 2 август 2025 година, до македонската амбасада во Прага била доставена информација за тешка сообраќајна несреќа во која бил повреден македонскиот државјанин Душко Чифлиганец. Тој управувал мотор кога дошло до незгодата, по што со тешки повреди бил пренесен во болница.
На 3 август, семејството го известило дипломатско-конзуларното претставништво дека Чифлиганец им подлегнал на повредите.
Како што соопштија од МНР, Амбасадата во Прага е во континуирана комуникација со семејството со цел завршување на сите неопходни формалности и организација за пренос на телото во Македонија.
Македонија
Изгаснат пожарот кај Липково, гори на две локации

До 12 часот активни се два пожари на отворен простор, еден пожар е под контрола, а еден е изгаснат.
Активните пожари се наоѓаат во село Богомила во општина Чашка, каде гори мешана шума, како и во село Грешница во општина Македонски Брод, во деградирана нискостеблеста шума, соопшти ЦУК.
Пожарот кој е под контрола е во село Стровија во општина Долнени, зад местото викано Гајдарец-Клепало, во нискостеблеста шума.
Пожарот што е изгаснат се наоѓа во село Слупчане во општина Липково, каде горела ниска вегетација.