Македонија
Стојузот на стопанските комори: Неприфатливо е тестирањето за оние што не сакаат да се вакцинираат да падне на претпријатијата
Сузбивање на пандемијата и намалување на несаканите ефекти врз економијата е единствено возможно доколку се носат одржливи мерки што ќе даваат вистински резултати, а не да се избираат преодни решенија од кои нема ефект. Со префрлање на одговорноста на друго место и со поставување ултиматуми за кои нема правен механизам за спроведување сите се ставаат во неповолна состојба, велат од Сојузот на стопанските комори на Македонија.
„Со најавената задолжителна вакцинација во приватниот сектор се добива впечаток дека проблемот се префрла од Министерството за здравство кон деловните субјекти. Во услови кога не е спроведена целосна вакцинација на медицинскиот персонал, потребна е сериозна кампања на Министерството за здравство, преку која ќе се споделат релевантни информации за вакцините и ќе им овозможи на луѓето секој индивидуално да донесе одлука базирана на факти“, посочуваат од Сојузот.
Целосно е неприфатливо, велат од таму, товарот за задолжително тестирање за оние што не сакаат да се вакцинираат да падне на претпријатијата бидејќи тие и така се наоѓаат во лоша финансиска состојба со сериозно намалена ликвидност бидејќи голем дел од обврската за да се задржат вработените и да се одржи деловната активност во услови на криза е токму на работодавците.
„Во услови на инфлација, раст на цените на сите суровини и репроматеријали, стотици парафискални давачки, наместо олеснување и креирање политики за економско заздравување, ваквото наметнување нов трошок за ПЦР-тестови само ќе придонесе за згаснување на претпријатијата и продукција на зголемен број невработени лица што ќе паднат на товар на државата. Проблемот е нагласен поради тоа што не се работи за еднократен трошок за да може деловните субјекти да калкулираат во своите пресметки, како што се, на пример, редовните систематски прегледи за вработените, туку се работи за константно повторување на секои 72 часа, што е тотално несправедливо“, е наведено во соопштението од оваа институција.
Ја повикуваме Владата, додаваат од таму, наместо носење мерки со кои ќе се продлабочи кризата, во наредниот период да се посвети на креирање и имплементација на политики што ќе донесат заздравување на економијата преку нови, навремени, континуирани и насочени мерки, донесени во консултација со приватниот сектор.
Појаснуваат дека Сојузот на стопанските комори како и досега изразува подготвеност со свои експерти да придонесе во предлагање и нивно креирање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Битола, Охрид и околината: епицентарот во Албанија
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 23 часот и 10 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Албанија, на околу 150 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Битола, Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Земјотрес во Охрид
Земјотрес со епицентар во Грција е почувствуван во Охрид и околината, вечерва во 19 и 50 часот.
„Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани и одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, вечерва во 19 часот и 50 минути регистрираа земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 100 км југозападно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML3.7“, соопшти Сеизмолошката опсерваторија.
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Охрид и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
За потребите на сеизмолошките истражувања, доколку сте го почувствувале земјотресот, пополнете го прашалникот за почувствуваност достапен на линкот: https://seismobsko.pmf.ukim.edu.mk/prasalnici или јавете се на 112.
Македонија
Андоновски на состаноци во Стејт департментот: Соработката во областа на сајбер безбедноста и дигитализацијата во фокусот
Во рамки на работната посета во Вашингтон, денеска се реализираат работни средби во Стејт департментот на САД. Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, утринава оствари работна средба со Russ Headlee, Senior Bureau Official (SBO), прв човек на Бирото за Сајбербезбедност и дигитални политики на Стејт Департментот на САД.
„На средбата беше потврдена заедничката определба за унапредување на билатералната соработка меѓу Република Македонија и Соединетите Американски Држави во областа на дигиталната трансформација и сајбер безбедноста. Разговорите се фокусираа на продлабочување на соработката во клучни области: сајбер безбедноста и дигиталните политики; привлекување на инвестиции од САД во областа на дигитализацијата и сајбер безбедноста; доверливо поврзување на институциите и безбедна инфраструктура; отпорност и доверба“, соопштија од Министерството.
Дополнително, во рамки на дискусијата биле опфатени и прашања поврзани со јакнење на капацитетите помеѓу партнерските влади, размена на експертиза, како и јавно-приватна соработка во доменот на сајбер безбедноста, со цел развој на безбедни и доверливи дигитални јавни услуги и заштита на критичната дигитална инфраструктура.
„Дигиталната трансформација мора да оди рака под рака со сајбер безбедноста и довербата во технологијата. Соработката со Стејт департментот и со Бирото за сајбер безбедност и дигитална политика е значаен чекор за зајакнување на нашите капацитети и за побрза модернизација на јавните услуги“, истакна министерот Андоновски.
Во продолжение на работната агенда, заедно со македонската делегација предводена од претседателот на Собранието, Африм Гаши, министерот Андоновски оствари средба и со Daniel J. Lawton, заменик помошник секретар во Стејт департментот.
Според Министерството, оваа средба претставува значаен чекор кон зајакнување на соработката, градење институционални капацитети, размена на експертиза и меѓусебна поддршка помеѓу Македонија и САД.
Средбите завршија со договор за наредни чекори, вклучително и утврдување приоритетни области за соработка и редовна комуникација меѓу тимовите, со цел подготовка и реализација на конкретни активности и проекти во претстојниот период.

