Македонија
Очевидци зборуваат за несреќата: „Стигнав прв, видов маж кој ја носи девојката на раце и татко чијшто син останал во автобусот“
За тоа што се случувало трагичната ноќ раскажуваат двајца од очевидците на несреќата со автобусот, во која 45 лица загинаа, а 7 беа спасени.
Во понеделник вечерта Валентин Георгиев патувал од Софија до Благоевград. Работи како курир, наведува „Нова.бг“ во извештајот за несреќата.
„Најпрво мислев дека шумата гори. Пламените јазици беа огромни. Ако не се лажам сигурно беа 2-3 метри. Силен пожар“, вели Валентин Георгиев.
Кога се приближил, видел автобус како гори. Тој е и првиот очевидец на трагедијата. По него дошле полицајците и пожарникарите.
„Камионот ми беше на околу стотина метри. Јас бев првиот. И за околу 5-10 минути дојдоа второто, третото, четвртото возило. Кога излегов од камионот слушнав вресоци. Преживеаните кои успеале да излезат врескаа и плачеа. Нивните лица беа облеани во крв и црни“, вели Валентин Георгиев.
Човекот побрзал да помогне. Првото нешто што го здогледал е маж кој се обидува да ја спаси својата девојка.
„Викаше: „Полиција, полиција“. Ја носеше девојката во раце. Мислам дека имаше повреда на ногата бидејќи куцаше. И ја испушти на патот. Ја преместив девојката до крајот на автопатот. Мислам дека и беа скршени нозете. Беше без чорапи, боса. На другата девојка и беше ладно, и дадов јакна да се стопли. Им дадов вода“, вели Валентин Георгиев.
Тој раскажува и за татко кој се обидел да го спаси својот син од пламенот.
„Велеше дека неговиот син е внатре. Отиде до автобусот за во пожарот да го спаси синот. Се обидов да го спречам да оди таму“, вели Валентин Георгиев.
Раскажа дека полицијата и пожарникарите дошле за околу 20 минути, а потоа стигнала и брзата помош.
Од автобусот се слушало само како од пожарот се кршат стаклата.
„Несреќата очигледно се случи 10-15 минути пред да стигнам таму. Веројатно сите беа веќе или задушени или мртви. Трчав до камионот по вода, по цигари, по јакни, постојано трчав“, вели Валентин Георгиев.
Се обидел да помогне и Емил Методиев кој постојано се јавувал на 112. Тој чувал градилиште во близина на местото на несреќата. Методиев е првиот што се јавил на бројот за итни случаи.
„Мислам дека предната гума пукна. Неколку секунди по ударот се појавија пламените јазици. И додека автобусот се лизгаше, зад него имаше трага од тие мали пламени јазици. Кога застана, тој беше во пламен. Не само напред или позади, насекаде. Кога дојдоа од противпожарната станица веќе беше видлива конструкцијата на автобусот. Тие во автобусот, мислам дека немаа шанса да излезат од него. Ова не се заборава“, вели Емил Методиев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Пешак тешко повреден во сообраќајна несреќа кај Брвеница
На 26 декември 2025 година околу 06:45 часот на регионалниот пат Тетово – село Брвеница, патничко возило „пежо“ со тетовски регистарски ознаки, управувано од 20-годишниот Б.Н. од Тетово, удрило во 35-годишниот пешак Б.С. од село Брвеница.
Пешакот се здобил со тешки телесни повреди, кои му биле констатирани во Клиничка болница Тетово. За настанот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, а увид на местото на несреќата извршила екипа од СВР Тетово.
Македонија
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања
Граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ ги објави заедничките усогласени барања, кои, како што велат оттаму, се направени во отворена координација со сите граѓани кои се вклучија во иницијативата. Барањата ќе бидат официјално доставени до сите надлежни институции за понатамошно постапување.
Барањата ги пренесуваме во целост:
1. Мерната станица кај Усје, поставена од Општина Кисела Вода во 2023 г., да започне со континуирано 24/7 мерење и јавно прикажување на податоците во реално време. Истата да биде интегрирана со сите јавни апликации за квалитет на воздухот (пр. AirCare), наместо досегашното парцијално објавување резултати преку ПДФ документи на веб-страницата на општината. Дополнително, да се постават повеќе мерни станици во поширокиот простор околу Усје, со цел јавноста транспарентно и во реално време да го следи нивото на загадување.
2.Усје да инсталира автоматски CEMS (Continuous Emissions Monitoring System), директно поврзан со МЖСПП, кој ќе обезбедува континуирано следење и автоматски аларм ако мерната станица поставена во oџаците на УСЈЕ покаже загадување над дозволеното. При секое прекршување, веднаш да се изрекува казна по принципот „Safe city“, како и времена забрана за работа. Податоците од CEMS мерењата да бидат јавно и транспарентно достапни 24/7 за сите граѓани.
3.Да се ревидираат постојните мерки за прогласување вонредна еко-состојба, така што при температурна инверзија и надминување на граничните вредности на загадување, автоматски да стапува на сила мерка за целосен стоп на работата на Усје, вклучително и рудниците. Истата мерка да важи за сите иматели на интегрирана А-дозвола.
4.Важечките гранични вредности за ПМ10, ПМ2.5, NO₂ и други загадувачи да се усогласат со препораките на СЗО (Светска здравствена организација), односно да се намалат и заострат во однос на сегашните стандарди.
5.Целосно елиминирање на употребата на високо-загадувачки горива во производниот процес на Усје и премин кон почисти енергенси, како природен гас или водород.
6.Акредитација на државната лабораторија за мерење на аерозагадувањето.
7.Запирање на активностите на рудникот за лапорец.
8.Најстрого и целосно почитување на сите мерки предвидени во интегрираната А-дозвола за спречување на фугитивната прашина.
9.Поништување на одредбата за „деловна тајна“ од Законот за контрола на индустриски емисии, со цел целосна транспарентност кон јавноста
Македонија
Таткото на загинатата Надица во „Пулс“: До последен здив ќе се борам за правда за моето дете
Александар Наунов, татко на Надица која го загуби животот во трагичниот настан во дискотеката „Пулс“ во Кочани, денеска се обрати пред јавноста, испраќајќи емотивна порака за загубата на својата ќерка и барањето одговорност за, како што рече, системските пропусти што довеле до трагедијата.
Наунов истакна дека маршот е посветен на „ангелите“ кои ги загубија животите, а неговото обраќање дојде еден ден пред 28 декември, датумот кога неговата ќерка Надица требаше да го прослави својот 18-ти роденден.

Тој се присети на последните моменти поминати со своето дете, кога семејството заедно ручало и зборувало за подготовките за роденденската прослава – музиката, гостите, фустанот и соништата што Надица ги имала за иднината.
„Тоа не беа само планови, тоа беше живот што го очекувавме. Но на 16 март сè згасна“, рече Наунов, додавајќи дека со загубата на ќерката, нивниот дом бил исполнет со тишина која, како што рече, боли повеќе од секој крик.
Во своето обраќање, таткото на Надица директно ја посочи корупцијата, немарот и институционалните пропусти како причини за трагедијата, нагласувајќи дека неговата ќерка „не заминала по Божја волја“, туку, како што рече, била „земена од систем што требало да штити, а не да убива“.
Наунов истакна дека од денот на трагедијата неговиот живот е борба за правда и дека нема да престане да зборува и да се бори додека одговорните не сносат последици.
„Сакам правдата да биде гласна, колку што беше тивка нивната совест“, порача тој, додавајќи дека единствената негова молба е да има сила да го дочека денот кога ќе може да каже дека правдата е задоволена – не само за неговото дете, туку и за сите деца кои ги загубија животите.
Маршот за правда продолжува како симбол на барањето одговорност и вистина за трагедијата во Кочани, а семејствата на загинатите најавуваат дека нема да се откажат од својата борба сè додека, како што велат, љубовта кон нивните деца не се претвори во праведна разрешница.

