Европа
Германија го надмина бројот на 100.000 смртни случаи од Ковид-19

Германија стана петтата земја во Европа што ја надмина бројката од 100.000 смртни случаи од Ковид-19 од почетокот на пандемијата, покажуваат официјалните податоци објавени денеска.
Германската агенција за контрола на болестите објави дека евидентирала 351 смртен случај од коронавирусот во последните 24 часа, а вкупниот број е 100.119.
Во Европа, Германија е петта земја што ја надмина таа бројка по Русија, Велика Британија, Италија и Франција.
Институтот „Роберт Кох“, федерална агенција што собира податоци од речиси 400 регионални здравствени канцеларии, соопшти и дека Германија забележала рекорден број новозаразени во последните 24 часа – 75.961 лице.
Од почетокот на пандемијата во таа земја се регистрирани вкупно 5,57 милиони случаи на заразени од коронавирус.
Поради скокот на бројот на заболени, новата германска коалиција, која треба да формира влада, вчера најави формирање нова постојана експертска група, која ќе ги советува официјалните лица како да се справат со пандемијата.
Болниците предупредуваат дека бесплатните кревети во одделенијата за интензивна нега се намалуваат, а некои болници во јужниот и источниот дел на земјата почнаа да ги префрлаат пациентите во други региони.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
ЕУ блиску до договор за санкции против Русија, се чека официјална потврда

Претставниците на Европската Унија се блиску до договор за 18-тиот пакет санкции против Русија, со кој ќе се намали ограничувањето на цената на руската нафта, според извори.
Тие за Ројтерс изјавија дека сите елементи од новиот пакет се договорени, иако една земја остана воздржана во врска со новото ограничување на цените.
Изворите рекоа дека очекуваат договор да биде постигнат во понеделник, пред состанокот на европските министри за надворешни работи во Брисел еден ден подоцна, каде што тој ќе биде формално потврден.
Ројтерс објави дека е договорен механизам за динамично ограничување на цените. Европската комисија во петокот предложи променливо ограничување на цената на руската нафта на 15 проценти под просечната пазарна цена во претходните три месеци.
Еден од изворите рече дека почетното ограничување ќе биде 47 долари за барел, врз основа на просечната цена на руската нафта во последните 22 недели, намалена за 15 проценти. Цената ќе се ревидира на секои шест месеци.
Словачка, која бара гаранции од Европската комисија, загрижена поради планот за постепено прекинување на снабдувањето со руски гас, се согласи со новите мерки, велат изворите.
Усвојувањето на санкциите бара едногласна одлука од земјите-членки на ЕУ.
Европа
Американски генерал: Руската армија е поголема денес отколку кога ја започнаа војната во Украина

На НАТО ќе му требаат повеќе ракети со долг дострел во својот арсенал за да ја одврати Русија од напад врз Европа, бидејќи се очекува Москва да го зголеми производството на оружје со долг дострел, изјави американскиот генерал Џон Раферти за Ројтерс.
Ефикасната употреба на ракети со долг дострел од страна на Русија во војната во Украина ги убеди западните воени претставници за нивната важност за уништување на командни пунктови, транспортни центри и лансери за ракети длабоко зад непријателските линии.
„Руската војска е поголема денес отколку кога ја започнаа војната во Украина“, рече генерал-мајор Раферти во интервју во американската воена база во Висбаден, Германија. „Знаеме дека тие ќе продолжат да инвестираат во ракети со долг дострел и софистицирана воздушна одбрана. Затоа поголемите капацитети на алијансата се навистина, навистина важни.“
Војната во Украина ја истакна големата зависност на Европа од Соединетите Држави за снабдување со ракети со долг дострел, бидејќи Киев се обидува да ја зајакне својата воздушна одбрана.
Раферти неодамна го заврши својот мандат како командант на 56-та артилериска команда на американската армија во германскиот град Мајнц-Кастел, која се подготвува за привремено распоредување на американски ракети со долг дострел на европско тло од 2026 година.
На состанокот со американскиот секретар за одбрана Пит Хегсет во понеделник, се очекува германскиот министер за одбрана Борис Писториус да се обиде да разјасни дали ваквите распоредувања, договорени меѓу Берлин и Вашингтон кога Џо Бајден беше претседател, ќе бидат имплементирани сега кога Доналд Трамп се врати во Белата куќа.
Европа
(Видео) Пожар зафати луксузна суперјахта во пристаниште во Франција

Пожар избувна на суперјахта од 41 метар вчера во Сен Тропе, предизвикувајќи загриженост дека може да потоне во пристаништето кое го посетуваат богатите и славните во текот на летото, објавија француските медиуми.
Пожарникарите поставија заштитна бариера за да спречат загадување околу „Си Лејди II“, луксузна јахта чија изнајмување чини повеќе од 80.000 евра неделно.
Два часа по избувнувањето на пожарот, пожарникарите пријавија тешкотии при качувањето на бродот, а снимките на социјалните мрежи покажуваат густ црн чад како се извишува околу пристаништето.
„Брзо ги преместивме околните јахти и поставивме заштитни бариери против загадување“, изјави портпаролот на противпожарната служба за АФП. Тој додаде дека е „веројатно“ да потоне во пристаништето и дека причината за пожарот е под истрага.
Јахтата е изградена во 1986 година и последен пат е обновена во 2024 година. Има екипаж од осум лица и може да прими десет гости. Секоја од петте кабини има бања, според веб-страницата на Чартерлинк, една од агенциите што ја даваат под наем.