Македонија
Кампања „16 дена активизам против родово базираното насилство“
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, се обрати на форумот во рамките на кампањата „16 дена активизам против родово базираното насилство“ во организација на Канцеларијата на УНДП во Скопје и Владата. На форумот видеообраќање имаше министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, а поздравни обраќања имаа и Армен Григорјан, постојан претставник на Канцеларијата на УНДП, и Анке Холштајн, амбасадорка на Сојузна Република Германија.
Спасовски потенцира дека кампањата има цел да ја подигне свеста дека семејното насилство не е лична работа, односно приватен проблем што треба да остане во семејството, туку дека сите ние сме должни, и како луѓе и како институции, да го препознаеме овој проблем, да преземеме мерки за негова превенција, но и да дадеме ефикасен одговор за заштита на жртвите.
„Денешната дебата посветена на прашањата што произлегуваат од истражувањето за фемицидите е особено значајна од повеќе аспекти. Поаѓајќи од континуираната посветеност на следењето на трендовите, идентификувањето на причините, а пред сѐ од аспект на дебата за подобрување на ефикасноста на институциите за реакција при превенирање на насилството врз жените. Заеднички именител на денешната дискусија е фактот дека фемицидот е најекстремната форма на родово базираното насилство, односно криминал сторен од омраза“, рече министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека анализата на случаи на фемициди, односно на убиства на жени во Република Северна Македонија, изработена во рамките на проектот „Подобрување на националните практики во врска со мало и лесно оружје и градење заедници отпорни на насилство“, поради веќе воспоставениот концепт за нулта толеранција, ја апострофира определбата на државата дека е потребен сериозен аналитички пристап, кој се темели на основните постулати за превенција, рана идентификација, брз одговор на институциите во обезбедувањето мерки за помош и заштита на жените жртви на родово базирано насилство и на семејно насилство и образложи дека креирањето квалитетни мерки за превенција се базира на навременото собирање податоци за родово базираното насилство.
„Министерството за внатрешни работи, поддржано од германската влада, во соработка со Канцеларијата на УНДП работи на имплементација на проектот ‘Подобрување на националните практики во врска со мало и лесно оружје и градење заедници отпорни на насилство’ преку кој треба да се постигнат дел од целите на патоказот за одржливи решенија за нелегално поседување, злоупотреба и илегална трговија на мало и лесно оружје и муниција во Западен Балкан.
Една од клучните цели е преку подобрување за прибирање податоци, анализа и дисеминација на информации поврзани со малото и лесното оружје да се обезбедат политики и практики за негова контрола“, акцентира министерот Спасовски.
Спасовски истакна дека современите трендови на криминал, криминалот од омраза, родово базираното насилство, фемицидите – како екстремно злосторничко однесување бараат пристап што ќе се темели на поголема активност и оттаму развивањето на полицискиот информациски систем значајно ќе придонесе да се намали нелегалното оружје, но и да се зголеми бројот на одземени дозволи за оружје на лица, а сето тоа ќе придонесе за поголема општа и лична безбедност на граѓаните.
„Сите ние треба да посветиме повеќе внимание на причините, не само на последиците од семејното насилство. Една од причините за фемициди е пристапот до огнено оружје на сторителите. Статистиката, која е навистина неверојатна, покажува дека дури 99,5 отсто од огненото оружје во државата е во сопственост на мажи, а жените оној минимален дел што преостанува. Би сакал да истакнам дека ние во УНДП остануваме посветени на поддршката на МВР за зајакнување на капацитетите за регулирање на пазарот на огнено оружје и за борба против недозволената трговија со оружје“, истакна постојаниот претставник на УНДП, Армен Григорјан.
Анке Холштајн, амбасадорката на Сојузна Република Германија, потенцира дека во рамките на кампањата против родово базираното насилство пред два дена беше објавен извештај во кој се посочува дека во Германија секој втор ден по една жена е убиена од сегашниот или поранешниот партнер и посочи дека родовиот баланс во секојдневниот живот и во политиката, во сите сегменти во општеството, е предуслов за ставање крај на родово базираното насилство.
Кампањата „16 дена активизам против родово базирано насилство“ во Република Северна Македонија се одбележува од 2014 година и има цел да ја подигне општествената свест и да поттикне на размислување за индивидуалниот и колективниот придонес во борбата за спречување родово базираното насилство, а се случува секоја година во текот на 16 дена во периодот помеѓу 25 Ноември, Меѓународниот ден за елиминација на насилството против жените, и 10 Декември, Меѓународниот ден на човековите права.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

