Македонија
Јовески: Телото на детето било најдено при вештачење на автобусот

Телото на детето било најдено во изгорениот дел на автобусот, соопшти денеска републичкиот јавен обвинител, Љубомир Јовески.
Тој рече дека уверува за тоа дека нема сомнеж за пронаоѓањето уште едно тело бидејќи автобусот имал големи оштетувања.
При изработка на вештачењата за избувнувањето на пожарот биле најдени остатоците од детето.
„Осмиот патник го споменува едно од повредените лица, кое е во болница, а документацијата на болницата покажува друго. Во болницата има дека на лекување се донесени седум лица. Забележувањето во една таква трагична атмосфера секое лице може да има забележани разни факти“, кажа Јовески.
Тој додаде дека во процесот на идентификација на изгорените патници е побарано да учествуваат и двајца претставници од Институтот за судска медицина.
„Во текот на денешниот ден Обвинителството до властите во Бугарија упати замолница на утврдувањето на идентитетот на жртвите да присуствуваат и двајца претставници од Институтот за судска медицина за да се забрза процесот. Во изгорениот автобус е најдено уште едно тело на починат патник, кое е пренесено во Институтот во Бугарија. Се работи за помладо лице. Во сообраќајната несреќа настрадале 45 патници, а 7 се пренесени на лекување во софиската болница“, додава Јовески.
На бугарските претставници ќе им биде предадена и документација обезбедена од ОЈО. Според Јовески, тоа е документација од „Беса транс“, податоци за регистрација на автобусите, како и документи од Министерството за транспорт и врски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.