Економија
Соларен парк е првата француска стратешка инвестиција во земјава
Македонија ќе добие соларен парк, кој ќе биде еден од најголемите во Европа со капацитет за производство на електрична енергија од 350 до 400 мегавати (MW).
Од Владата информираат дека станува збор за директна француска гринфилд инвестиција најголема во овој домен, за македонската економија.
Соларниот парк „Стипион“ ќе се гради во текот на следната 2022 година на локацијата која беше предвидена за карго аеродромот во Штип. Поради движењата на ветровите оваа локација не е погодна за изградба на аеродром, но согласно анализите на соларната радијација, карактеристиките на земјиштето како и оддалеченоста од преносната мрежа, оваа местоположба има одлични услови за изградба на фотонапонска електрана.
За успешна реализација на инвестицијата, Владата донесе Одлука за утврдување статус на стратешки инвестиционен проект на Друштво за производство на електрична енергија „ОСТРО СОЛАР“ – Скопје.
„Овој стратешки проект ќе го реализира водечката француска компанија за производство на електрична енергија исклучиво од обновливи извори „Акуо Енерџи“ (Akuo Energy) од Франција. Проценетата инвестиција се очекува да биде околу 270 милиони евра, за која во фаза на подготовка е посебен закон за реализација на оваа инвестиција, кој се очекува да се донесе во првиот квартал на наредната година. Согласно планот, првите количини на електрична енергија ќе протечат во текот на 2023 година, а целосна реализација се очекува до крајот на 2024 година. Производство на електрична енергија е проценето на околу 650 (GWh) гигават часови на годишно ниво, што преставува 16 проценти од годишното производство на електрична енергија од АД „ЕСМ“. Оваа фотонапонска централа ќе ги задоволува потребите на околу 116 илјади домаќинства“, велат од Владата.
„Акуо Енерџи“ основана е во 2007 година и е водечка компанија за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија во Франција. Располагаат со портфолио од над 1100 MW на електрани од обновливи извори, главно фотонапонски електрани низ целиот свет. Во моментов, во фаза на проектирање, развој и изградба имаат над 2400 MW во САД, Уругвај, Индонезија, Полска, Португалија, Хрватска, Србија, Црна Гора, Косово, Австралија и во неколку земји во Африка. Во моментот развиваат проекти од над 5 GW од кои 1 GW во соседна Грција.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

