Спорт
Леброн со 33 поени го реши Детроит
Три натпревари се одиграа изминатата ноќ во НБА-лигата. Победи забележаа Лејкерси, Бостон Селтикс и Мемфис Гризлис.
ЛА Лејкерс се мачеше со еден од најслабите тимови во лигата, Детроит Пистонс. Лејкерси противникот го скршија во третата четвртина (32:22), на крајот славеа со 110:106.
Леброн Џејмс постигна 33 поени, Расел Вестбрук 25, а Ентони Дејвис 24 на кои придодаде 10 скока. На спротивната страна се истакна Џереми Грент со 32 поени.
Бостон селтикс со тимска игра славеа убедлива победа во Торонто 109:97. Петмина играчи на Селтикс постигнаа двоцифрен број на поени. Најефикасен беше Маркус Смарт 21 поен. Торонто го предводеше Ванвилт со 27 поени.
Мемфис го прегазија Сакраменто со 128:101. Тројца се истакнаа во победата на Мемфис: Брукс со 21, Бејн со 18 и Џексон со 17 поени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Спорт
Премиер лигата ќе ја укине својата најстара традиција
Современите текови во фудбалот, полека исчезнуваат традиционалните настани што ја обележуваа оваа популарна игра низ историјата.
Дури и Премиер лигата, иако Англичаните се познати по тоа што се многу приврзани кон своите традиции, се откажува од својата најстара традиција.
Класичниот „Боксинг Деј“ полека заминува во историјата. Поради проширувањето на европскиот календар, само еден натпревар ќе се игра на 26 декември.
Легендарниот „Боксинг Деј“, денот по Божиќ кога традиционално се играат бројни фудбалски натпревари во Премиер лигата, заминува во историјата.
Британската традиција што со децении се поврзува со 26 декември, ден за фудбал, празнични собири и шопинг, претрпува радикална промена оваа сезона.
Според весникот „Тајмс“, оваа година само еден натпревар од Премиер лигата ќе се игра на тој ден, што е најмал број натпревари од 1982 година.
Причината за оваа одлука лежи во проширувањето на календарот на европските натпреварувања под покровителство на УЕФА, што директно влијае на распоредот на ФА Купот.
Како резултат на тоа, Премиер лигата беше принудена да ги резервира саботата, 27 декември, и неделата, 28 декември, со цел да ги исполни телевизиските и договорните обврски кон партнерите и клубовите.
Последниот пат кога 26 декември падна во петок, во 2014 година, сите десет натпревари беа одиграни во ист ден.
Денес, клубовите и радиодифузерите го дознаваат распоредот најмалку шест недели однапред, но засега се потврдени само натпреварите до 20 декември.
Сепак, дискусиите сè уште се во тек, па затоа сè уште не е одлучено кои тимови ќе го играат единствениот натпревар на „Боксинг деј“, што барем симболично ќе ја зачува една од најомилените традиции на англискиот и светскиот фудбал воопшто.
Спорт
ПСЖ оствариле рекордни приходи
Пари Сен Жермен оствари рекордни приходи минатата година, беше објавено денес.
Актуелниот шампион на Франција и Европа објави дека минатата година остварил приход од 837 милиони евра.
Во извештајот е наведено дека 175 милиони евра од тоа биле приходи остварени на деновите на натпреварите, а 367 милиони биле комерцијални приходи.
Минатата година клубот доби шест нови спонзори. Приходите не се однесуваат само на фудбалскиот клуб, туку ги вклучуваат и приходите што ги носат женскиот фудбалски клуб, ракометниот клуб и џудо клубот.
Јасно е дека најголем дел од приходите ги генерира фудбалскиот клуб.
Во мај оваа година, магазинот „Форбс“ ја процени вредноста на Пари Сен Жермен на 4,6 милијарди долари, што го прави ПСЖ седми на листата на највредни фудбалски клубови во светот.
Реал Мадрид беше прв на таа листа (6,75 милијарди), по што следуваа Манчестер Јунајтед (6,6 милијарди) и Барселона (5,65 милијарди).
Спорт
Родри се враќа на теренот
Родри, брилијантниот играч за врска на Манчестер сити, се врати на теренот по паузата поради повреда.
Најдобриот играч на светот во 2024 година го напушти теренот во 22-та минута од натпреварот против Брентфорд поради болки во коленото. Да ве потсетиме дека шпанскиот репрезентативец ја пропушти речиси целата мината сезона поради операција на коленото.
Сега тој повторно беше отсутен повеќе од три недели и лекарите конечно му дадоа зелено светло да се врати на теренот.
Тоа ќе биде голем поттик за Сити и тренерот Гвардиола, за чија игра Родри е од клучно значење.
Повеќекратните англиски шампиони следниот ќе се соочат со Свонси во купот во среда, 29 октомври, додека во недела, 2 ноември ќе го пречекаат Борнмут во Премиер лигата.

