Македонија
Димитров: Климатските промени нé засегаат сите и нé обврзуваат подеднакво
Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров, и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, амбасадорот Дејвид Гир, во присуство на министерот за животна средина и повеќе градоначалници, ја промовираа новата кампања „ЕУ со ТЕБЕ“ фокусирана на Европскиот зелен договор.
Вицепремиерот Димитров истакна дека заедничкото справување со климатските промени е израз на стратешкото партнерство на ЕУ и Западниот Балкан при што специфичноста на овие појави е аргумент повеќе за потребата од придвижување во процесот на пристапување и приближување кон европските стандарди.
„Климатските промени и нивните последици не познаваат граници ниту разлика во статус на членство и кандидатски статус, но налагаат заедничка акција и солидарност и потврдуваат дека европеизацијата е важна и потребна – и за земјите кандидатки и за Европската Унија. Зелениот договор е израз на способноста на ЕУ како глобален актер да преземе одговорност, да предводи и да биде сила која влече за добро и за позитивни промени. Зелената агенда за Западниот Балкан може да стане реалност преку доследно спроведување на Акцискиот план на национално, но и на локално ниво, бидејќи ова е едно од оние прашања околу кои мораме политички да се надраснеме и да дејствуваме заедно. Здравата животна средина како област и основно човеково право во ‘Агенда: Европа дома’ е издигната на ниво на првиот кластер ‘Темели’, бидејќи овие прашања директно влијаат врз нашето здравје и квалитетот на нашиот живот како граѓани – без разлика кои сме и во што веруваме или за што се залагаме“, изјави Димитров.
Амбасадорот Гир нагласи дека Европската Унија може да помогне со нудење експертиза, совети и со значително финансирање во рамките на инструментите со кои располага: „Климатските промени не можат да се надминат преку одделни иницијативи – Европската Унија е подготвена да направи повеќе, но потребни се сеопфатни политики, со силна политичка посветеност и соодветни административни капацитети на национално и локално нивo, со вклученост на граѓаните и на изворните иницијативи.“
Кампањата има за цел да ја подигне свеста за Европскиот зелен договор и неговата клучна цел – да достигне нето нула емисии на стакленички гасови до 2050 година, со што Европа ќе стане првиот климатски неутрален континент, додека, пак, Северна Македонија е влучена во Зелената агенда за Западен Балкан, одобрена од лидерите на земјите од Западен Балкан на Самитот на Берлинскиот процес во Софија во 2020 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски му одговори на Филипче: Имаме незрела, безидејна и неодговорна опозиција
Имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме од господинот Филипче, вели премиерот Христијан Мицкоски, по прес – конференцијата на лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој кажа дека нема да има лидерска со криминалци. Според Мицкоски, пораките од опозицијата се збунувачки, затоа што прво тие барале лидерска средба, а сега ја одбиваат.
„Мислев дека со овој повик ќе покажеме зрелост и широчина и на тој начин ќе можеме како политички чинители да се обединиме. Тема на лидерската средба не беше само законот за техничката влада. Ако така незрело и неодговорно се однесуваме како опозицијата, тогаш нам лидерската средба не ни е ниту потребна и можеме со 61 глас да го смениме законот за влада и да ја избришеме техничката влада Но, ние сакавме целиот процес да биде инклузивен“, рече Мицкоски во одговор на новинарско прашање.
Тој додаде дека на средбата сакале да се зборува и за реформската агенда, за законите од областа на правосудството, јавното обвинителство и други области преку еден инклузивен процес.
„Но, ете, за жал, имаме неодговорна, неконструктивна, незрела и безидејна опозиција која се служи со вакви квалификации како што денеска ги слушнавме на прес – конференцијата на господинот Филипче. Однесувањето на Филипче, очигледно, на ваков тип обраќање на јавноста е составен дел од неговиот менаџерски договор што го има потпишано со СДСМ, договор да се служи со навреди“, рече Мицкоски.
Премиерот кажа дека, сепак, ќе испратат формални покани за средбата која била планирана за 14 јануари.
„Но, тоа е негов избор. Ние, сепак, формално денес или утре ќе ги испратиме поканите за средба. Планирано беше на 14 јануари во Клубот на пратениците да се одржи таа лидерска средба. Пораките се збунувачки, тие бараа лидерска средба, а сега ја одбиваат. Збунувачки и неодговорно е ваквото однесување на опозицијата“, рече Мицкоски.
Македонија
За една недела 1.725 заболени од грип, пикот се очекува на крајот на јануари и почетокот на февруари
Во периодот од 29 декември 2025 година до 4 јануари 2026 година пријавени се 1.725 случаи на грип, што е за 2,2 пати повеќе во споредба со неделата претходно, кога бројката на пријавени случаи изнесувала 771 заболен, информира директорката на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), Марија Андоновска.
Споредено со истата недела од мината сезона, бројот на заболени од грип е зголемен за 5,2 пати.
Според возраста, најголем дел од заболените лица или 749 се од возрасната група помеѓу 15 и 64 години, потоа 618 се деца на возраст од пет до 14 години, 229 од заболените се деца на возраст од нула до четири години и 129 лица се на возраст над 65 години.
„Согласно овие податоци во Македонија имаме висок интензитет на вирусот на грип со очекување за натамошно зголемување во наредниот период“, рече Андоновска и додаде дека сепак, ваквата ситуација не е нешто ново, имајќи предвид дека се наоѓаме среде период на празници со многу прослави и собири на луѓе, што го зголемува ризикот од трансмисија на вирусот.
Андоновска кажа дека пикот се очекува да биде во втората половина од овој и првата половина од февруари.
„Со враќањето на децата во училиште очекуваме дека и бројот на лица коишто ќе бидат заболени од грип или заболувања слични на грип може да биде зголемен“, рече Андоновска.
Институтот за јавно здравје препорачува оние коишто не се заболени да избегнуваат колку што е можно некакви собири или да престојуваат во простории или трговски центри каде што има голем број на луѓе, да избегнуваат контакт со веќе заболени лица или оние што ќе пројават некакви симптоми на кивање и кашлање. Често да се мијат раце со обичен сапун и вода, да се проветруваат просториите, да се почитуваат здрави животни навики – редовна хидратација со течности односно вода, лесна храна, витамини, минерали.
Македонија
(Видео) Филипче: Средба со криминалци нема да има
Средба со криминалци нема да има. Нема средба за техничката влада, Мицкоски е во тесно, му се брза и бара алиби за распишување на предвремени избори, изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Ова што се случува е сценарио кое што е смислено уште лани, кое јас и СДСМ го разоткривме и јавно го говоревме повеќе од два месеци. Предвремени избори па мигранти за пари. Нема пари во буџетот, власта се брза да превеземе мигранти, да земе кредит 6 милијарди евра плус 20.000 фунти по мигрант, како што пренесоа британските медиуми. Мицкоски и тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ нека си ги распишат изборите сами кога веќе се имаат испланирано, СДСМ нема да биде покритие за оваа сценарио“, рече Филипче.
Според него, техничката влада мора да остане, затоа што власта узурпирала се.
„Ги стави канџите во правосудството, презема целосна контрола врз обвинителството, носи измени на Кривичниот законик спротивно од препораките на Европската Унија.Тоа го прави за заштита на криминалот на власта. Донесе резолуција за укинување на слободата на говор на опозицијата, со тоа ја загуши дополнителна демократијата и донесе Закон за полиција за целосна партизација и за бркање на професионалците. И за сето ова во текот на утрешниот ден ќе организираме брифинг на којшто ќе ги соопштам во детали работите кои што се прават во правосудството со поднесените предлог-закони. Да не беа овие чекори, можда и можеше да се разговара, но ова е класична мафија“, рече лидерот на СДСМ.
Филипче додава дека со криминалци кои се обидуваат да узурпираат се и да се спасат себеси, нема седнување на маса за техничката влада, има само одговорност.
„Сето она што СДСМ го говори во изминатиот еден месец сега се случува пред очите на граѓаните. Се потврди и поврзаноста и со СНС и со Србија, исто така тоа што го зборувавме. Како е можно во рок од само еден час по изјавата на Вучиќ во Србија, Мицковски да ги споменува изборите? Што е тоа коинциденција или тоа што го зборуваме изминатите повеќе од месец дена.
И сега е на сите јасно се, нема потреба од дополнителни објаснувања. Акцијата на Соединетите Американски Држави, Законот за западен Балкан каде фокус е борбата против криминалот и корупцијата ги забрзаа работите. Зошто постои потреба токму на најголемиот празник на Божиќ да се пласираат такви политички вести? Очигледно е дека се разоткриени пред целиот свет. Постојат најави за црни листи, за санкции на политичари од целиот регион кои што ќе бидат објавени овој или наредниот месец. Мицкоски повикува на средба, а до вчера не обвинуваа секој ден, бараа да си заминам од СДСМ, измислуваа за мене приказни, Дубаи, Харис Џинович, Сент Моритц, секој ден лажни вести, навреди додека со службите ме следат. Дури и во СДСМ од внатре се обидоа да ја рушат партијата. И сега средба? Па, дали мислат дека и јас и СДСМ сме наивни? Средба нема, техничката влада останува“, вели Филипче.

