Свет
Јужноафриканскиот претседател лут на Европа: Новиот сој не настана кај нас
Претседателот на Јужноафриканската Република е бесен на Европа, која со брзање воведе рестриктивни мерки веднаш штом се појави најновиот вид на Ковид-19, сега наречен омикрон.
За време на своето обраќање Кирил Рамафоса истакна дека ваквата реакција на многу земји е спротивна на декларацијата, потпишана во Рим минатиот месец, во која беше речено дека претпазливо ќе ја третираат ситуацијата во помалку развиените земји.
Тој исто така рече дека ништо не се знае со сигурност за овој нов тип на вирус, освен дека првпат е откриен во Боцвана, а не во Јужноафриканската Република, која сакала да биде транспарентна, па веднаш пријавила, а тоа се свртело против неа.
Рамафоса особено е огорчен бидејќи многу светски земји, особено европските, веднаш го забранија патувањето во Јужноафриканската Република, што го смета за неосновано бидејќи сè уште не се знае со сигурност како реагира или како се однесува овој нов вид вирус.
Во Јужноафриканската Република на сила е полициски час од полноќ до 4 часот наутро и задолжително е носењето маски.
Властите во Јужна Африка исто така бараат да се вакцинираат што е можно повеќе луѓе, иако не е познато колку е ефикасна вакцината за новиот сој. Одобрена е и бустер-доза, најпрво за постарите лица, а се споменува и воведување задолжителна вакцинација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Зеленски и Трамп разговараа пред новата рунда преговори со Русија
Украинскиот претседател Володимир Зеленски и неговиот американски колега Доналд Трамп разговараа телефонски во пресрет на новите преговори со Русија.
Во објава на мрежата „Икс“, Зеленски соопшти дека со Трамп разговарал за прашањата што ќе бидат тема на утрешните билатерални разговори во Швајцарија. На разговорот присуствувале и специјалниот пратеник Стив Виткоф и зетот на Трамп, Џаред Кушнер.
Зеленски наведе дека разговарале и за подготовките за следните трилатерални мировни преговори меѓу Москва, Киев и Вашингтон, планирани за почетокот на март.
„Очекуваме овој состанок да создаде можност разговорите да се подигнат на ниво на лидери. Претседателот Трамп го поддржува овој редослед на чекори. Тоа е единствениот начин да се решат сите сложени и чувствителни прашања и конечно да се стави крај на војната“, изјави Зеленски.
Тој нагласи дека украинскиот и американскиот тим интензивно работат и им се заблагодари на САД за активното учество во преговорите и напорите за завршување на војната.
Свет
Мексико ја скратува работната недела од 48 на 40 часа
Мексиканскиот парламент усвои уставна реформа со која работната недела постепено ќе се скрати од 48 на 40 часа, при што намалувањето целосно ќе стапи во сила во 2030 година.
Од 2027 година работната недела ќе се намали на 46 часа, а потоа ќе се кратат по два часа годишно сè додека не достигне 40 часа во 2030 година. Властите нагласија дека намалувањето на работното време нема да доведе до намалување на платите.
Реформата беше изгласана со 469 гласа „за“ и без ниту еден „против“. За да стапи во сила, потребно е одобрување и од 17 од 32 регионални парламенти.
Опозициски пратеници ја критикуваа реформата, оценувајќи дека не гарантира доволно денови за одмор. Тие побараа експлицитно да се предвиди два дена одмор по пет работни дена.
Според податоците, Мексико е меѓу земјите со највисоко ниво на стрес поврзан со работата, што беше наведено како аргумент за потребата од повеќе одмор.
Свет
Зеленски: „Дружба“ нема наскоро да биде поправена, Унгарија да се обрати до Русија
Поправката на нафтоводот „Дружба“, преку кој се транспортира руска нафта кон Источна Европа, нема да биде завршена наскоро, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски, и покрај барањата од Европската унија и негодувањето од Унгарија.
Испораките на руска нафта кон Унгарија и Словачка се прекинати од 27 јануари, откако, според Киев, во руски напад била оштетена опрема на нафтоводот во западна Украина. Будимпешта и Братислава, пак, ја обвинуваат Украина за прекинот.
Зеленски изјави дека Русија е целосно одговорна за прекинот поради нападите врз украинската критична инфраструктура и ги отфрли „ултиматумите и политичкиот притисок“.
Тој додаде дека Унгарците треба да се обратат до Русија доколку сакаат решавање на проблемот.
„Унгарците треба да апелираат до Русите за енергетско примирје“, изјави Зеленски.

