Македонија
(Видео) Шахпаска: Предлог-граѓанскиот буџет на МТСП изнесува 50,6 милијарди денари
Министерката за труд и социјална политика (МТСП), Јагода Шахпаска, денеска го претстави предлог-граѓанскиот буџет на Министерството за 2022 година, кој изнесува 50,6 милијарди денари. Шахпаска истакна дека 2022 ќе биде година на економско закрепнување, забрзување на растот преку капитални инвестиции. Таа очекува бројот на социјални случаи, кој во моментот е 35.000, поради пандемијата да се зголеми за уште 5.500. Но, напомена дека системот е подготвен и ќе обезбеди средства за сите семејства што се во социјален ризик.
„Во предлог-буџетот на МТСП средствата наменети за капитални инвестиции се зголемени речиси 100 отсто. За капитални инвестиции предвидени се 195,5 милиони денари, од кои за градежни работи 177 милиони, а за опремување 18,5 милиони денари. Предучилишното образование е особено важно за правилниот раст и развој на децата на возраст од 0 до 6 години и затоа МТСП продолжува со изградба на нови градинки и проширување на капацитетите на веќе постојните“, истакна Шахпаска.
Таа нагласи дека секое дете е еднакво важно и затоа МТСП продолжува да гради градинки и во руралните средини.
„В година ќе заврши изградбата на 10 детски градинки, и тоа во општина Чаир за 350 деца, Росоман, Ерџелија, Карпош и Битола за 150 деца, Липково, Арачиново, Пробиштип, Валандово. Со градба почнува и градинката во Гостивар, во која ќе бидат сместени 100 деца, а со поддршка на ИПА-фондови ќе бидат изградени две градинки во Теарце и Тетово. Продолжува и изградбата на Домот за стари лица ‘Нада Михајлова’ во Пробиштип со капацитет за 55 корисници. Во општина Чашка и во село Палчиште во општина Боговиње градиме дневни центри за лица со телесна и интелектуална попреченост. За непречено финционирање на градинките и институциите за сместување стари лица, предвидени се блок-дотации во износ од 2 милијарди и 85 милиони денари“, нагласи министерката.
Во буџетот за социјални надоместоци предвидени се 11,6 милијарди денари за речиси 300 илјади корисници.
„Во моментот 35.500 семејства се приматели на гарантирана минимална социјална помош. Обезбедени се средства за исплата на детски додаток, кој во моментот го користат 47 илјади деца, и образовен додаток, што го користат приближно 30 илјади ученици и студенти“, рече Шахпаска.
Таа информира дека во 2022 година ќе се воспостават пет нови специјализирани сервиси за жени жртви на насилство, и тоа во Куманово еден, во Кичево и Гостивар по два.
„Обезбедени се средства за лични асистенти за лица со попреченост од 6 до 64 години, кои ќе им помагаат во извршување на секојдневните активности и инклузија во општеството. Преку системот за социјална заштита обезбедни се средства за стари лица – пензија што во моментот ја примаат околу 9.500 граѓани“, рече Шахпаска напоменувајќи дека Владата ја гарантира стабилноста на пензискиот систем во 2020 година за што се предвидени 30 милијарди денари кон Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Во буџетот на МТСП предвидени се и средства за намалување на стапката на невработеност, која се реализира преку активни мерки и програми. За таа намена, МТСП трансферира 400 милиони денари за Агенцијата за вработување.
„Целта е активно вклучување на пазарот на трудот на долгорочно невработени лица, ранливи групи, Роми, жени и млади невработени лица, на лица што им престанал работниот однос поради пандемијата“, рече министерката.
Таа, меѓу другото, соопшти дека е во финална фаза законското решение со кое се воведува татковско родителско отсуство.
„Ова законско решение е во финална фаза со последните консултации што ги правиме со социјалните партнери и многу бргу, се надевам до крајот на месецот, ќе ја отвориме јавната дебата за траењето и условите на породилното отсуство. Сакам да истакнам дека воведуваме новина. Воведуваме татковско родителско отсуство. Значи, и таткото ќе учествува во грижата за детето во првата година од неговиот живот“, информира министерката за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Филипче: Со изолацијата на земјата од ЕУ страдаат граѓаните, страда државата
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска во одговори на новинарски прашања предупреди дека актуелната влада свесно ја носи државата во изолација, со директни последици врз економијата, транспортниот сектор и секојдневниот живот на граѓаните.
„Со националистичка реторика, со лажна пропаганда дека сите се предавници на националните интереси, ветуваа подобра преговарачка позиција со Европската Унија. Што направија? Ја изолираа земјата. Гледајте каде сме ние, гледајте какви проблеми има, гледајте какви протести има. Ќе страда индустријата во следниот период, нема повеќе да функционира како што функционираше досега транспортниот сектор. Камионџиите ги блокираат граничните премини, не без причина. Тие имаат реален проблем. Но владата знаела од 2025 година и не презела ништо. Една од работите што најмногу загрижува е антиевропската реторика на оваа влада и лоцирањето на вината во сѐ во Европа, додека тие домашната работа не ја сработуваат“ рече Филипче.
Тој нагласи дека Европската Унија известила за овие одлуки за новите регулативи, но дека Владата на Мицкоски не презела ништо со месеци.
„Знаевме дека во 2025-та година таква одлука донесе Европската Унија, се поставува прашањето што Владата направи на тоа поле?“ рече претседателот Филипче.
Тој додаде дека ваквото неодговорно однесување води кон сè подлабока меѓународна изолација:
„Ние ќе бидеме сè повеќе и повеќе изолирани со оваа влада на маргините на Европската Унија. Гледајте како Соединетите Американски Држави исто така не ставаат по страна. Оваа влада нема покана за бордот за мир на претседателот Трамп и новата администрација, има други земји во регионот.“
Филипче додаде дека станува збор за намерна стратегија на изолација.
„Тоа е само доказ дека владата намерно ја води земјава во изолација, носејќи сомнителен капитал, соработувајќи со авторитарни режими во регионот, гушејќи ја демократијата и слободата на говор и тоа едноставно не води никаде. Една од работите што најмногу загрижува е антиевропската реторика на оваа влада и лоцирањето на вината во сѐ во Европа, додека тие домашната работа не ја сработуваат. Очигледно е дека владата не прави ништо, а не правејќи ништо ние ќе бидеме сѐ поизолирани. Граѓаните ќе имаат сѐ поголем проблем. И не се само превозниците. Многу други граѓани имаат проблем на повеќе нивоа. Со оваа влада, со изолацијата која што намерно се наметнува, сè страда во државата. Сè буквално“ рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Македонија
Сали-Ортиз: разговарано за европската политика, економијата, образованието и културата
Првиот заменик-председател и министер за европски прашања на Северна Македонија, Беким Сали, денеска оствари средба со амбасадорот на Кралството Шпанија, Рафаел Соријано Ортиз.
За време на средбата се дискутираа блиските билатерални односи меѓу Северна Македонија и Шпанија, како и можностите за проширување на соработката во различни области, вклучувајќи ја европската политика, економијата, образованието и културата.
Посебен фокус беше ставен на евроинтеграцискиот процес на Северна Македонија, со акцент на важноста од напредокот во реформите и исполнувањето на европските критериуми.
Исто така, на средбата се разгледа и реформската агенда која е во тек, со цел зајакнување на институциите, транспарентноста и подобрување на инвестициската клима, поставувајќи ја земјата поблиску до стандардите на Европската Унија. Двете страни изразија подготвеност за продлабочување на соработката и зајакнување на стратешките односи меѓу двете земји.
Македонија
По ревизорскиот извештај, Обвинителството отвори предмет за Општина Охрид
Јавното обвинителство отвори предмет по извештајот на Државниот завод за ревизија за Општина Охрид, во кој утврди дека се граделе хотели и куќи без дозволи, дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а утврди и неправилности и во финансиското работење на општината.
„Државниот завод за ревизија на 19.12.2025 година го достави ревизорскиот извештај за Општина Охрид до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде извештајот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Охрид. Оформен е предмет и се преземаат дејствија на проверки“, соопштија од ЈОРМ.
Ревизијата утврди дека општината нема донесено урбанистички планови за 20 населени места, а во дел од населените места се изведени градби и градежни активности за индивидуално домување и хотелски комплекс без платен надоместок за уредување на градежно земјиште и без издадени одобренија за градење.

