Македонија
Бугарската министерка Комитова: Патот „Струма“ има недостатоци, но тие не се причина за пожарот во автобусот
Заштитната ограда во која удри автобусот е според стандардите што важеле во 2002 година кога се реконструирал патот, а денеска автомагистрала „Струма“.
Во 2021 година има нови норми за поставување на заштитната ограда, но тие важат за оние што ќе се градат од 2021 година и наредните години. Ова го образложи министерката за регионален развој на Бугарија, Виолета Комитова, која додаде дека единствената промена на патот е во знаците, меѓу кои е и оној за брзината, која била ограничена на 90 километри на час, а потоа зголемена на 120 километри на час.
Заштитната ограда, која патот го одделуваше од местото за одмор, ќе остане. Но, според бугарските власти, таа ќе биде подобро означена.
Министерката и нејзините колеги што правеа проверка на автомагистралата сметаат дека ова не е причина за несреќата иако веднаш предложиле намалување на брзината во тој дел на патот.
„Во 2002 година бил одобрен проектот. Реализираното е според проектот, разликата е минимална. Тој пат де јуре не е автомагистрала, туку пат. Патот не е проектиран за да биде автомагистрала. Не е нормално да се движиме со 140 на пат. Ќе ја намалиме до 90 километри на час. Мора да има ограничување“, вели архитектот Владо Калинов.
Министерката и архитектите, по анализата, веќе предложиле и поставување светлосна сигнализација на сите места на кои има места за одмор, заградени со заштитна ограда.
Министерката Комитова вели дека недостатоците во знаците и заштитната ограда не е причина за пожарот во автобусот, при што каде загинаа 45 лица.
„Патот има долга историја. За жал, жртвите не можеме да ги вратиме. Ова е невообичаена катастрофа. Автомагистралите не ги прави само ширината, има други параметри. Магистралите што дозволуваат поголема брзина, но има мали завои. Ова е помала категорија на пат. На магистралите сме виделе многу катастрофи, превртени камиони итн., но овде имаме пожар, кој, според мене, е првата причина за толку загинати, а кој не знаеме како настанал“, рече Комитова.
Таа посочи дека предложиле краткорочни и долгорочни мерки до тамошното Министерство за внатрешни работи.
„Имаме 11 институции за безбедност на патиштата. Не е ова оправдување. Ние се фокусиравме на делот што можеме да го направиме, тоа е да се заврши маркирањето, да се поправи заштитната ограда и да ја намалиме брзината на патот од 120 на 90 километри на час“, додаде Комитова.
Министерката вели дека автобуската трагедија со 45 загинати е вообичаена несреќа, исто како што неколку дена потоа се запалил и друг автобус.
„Ударот е слаб. Нема објаснување зошто автобусот изгорел во толку кратко време. Многу фактори влијаеле на тој случај. Но, заштитната ограда им помогнала и на многумина, ако ја гледаме вината во неа. Некој од вас може да каже дека заштитната ограда е виновна, но ние велиме дека нема едноставен одговор“, вели министерката Комитова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Зелени коридори на сите премини и размена на искуства и податоци: Скопје и Атина со заеднички план за побрза трговија
Блиската соработка на Царинските управи на Македонија и Република Грција носи видливи придобивки за економиите на двете земји, при што двете страни се длабоко посветени кон унапредување на безбедноста и забрзување на протокот на стока преку засилена соработка, размена на искуства и споделување податоци.
Проширување на примената на зелените коридори на сите граничните премини, споделување на најдобрите практики и искуства на државната хемиска лабораторија на Грција, како и унапредување на соработката помеѓу службите за контрола и истраги, се дел од иницијативите што ќе бидат опфатени во заедничкиот Акциски план на коишто двете страни започнуваат да работат веднаш. Ова се дел од заклучоците на денешната билатерална средба на делегации од двете царински управи предводени од директорите Бобан Николовски и Димитриос Бурикос, на која активно учествуваше и директорката на Националната лабораторија на Грција, Софија Зиси.
„Овој состанок го гледам како можност за утврдување на конструктивни заеднички активности во областа на ефикасни контроли и практични мерки за олеснување на трговијата на границата, имајќи ги предвид напорите и активностите кои Царинската управа на Република Северна Македонија ги спроведува на патот на интеграцијата кон Европската Унија“, истакна Бурикос.
Директорот Бурикос во своето обраќање особено се осврна на реформата на Царинската унија на ЕУ, која значително ќе влијае на идната соработка. Во оваа насока, тој се осврна на трите главни области кои се акцентирани со реформата – централизација на царинските податоци преку заеднички Царински податочен центар на ЕУ, целосна дигитализација, како и поедноставување на постапките преку унапредување на програмата за Овластен економски оператор како клучна за олеснување на трговијата и зајакнување на безбедноста во синџирот на снабдување преку партнерство со приватниот сектор.
Директорот Николовски нагласи дека Царинската управа е цврсто посветена кон спроведување на реформската агенда за побрза интеграција во единствениот пазар на ЕУ, при што размената на искуства со Грција, како земја членка е од големо значење за понатамошно усогласување со европските системи и практики.
„Преку соработката со грчката Царинска управа јасно потврдуваме дека нема отстапувања од нашата цел, изградба на модерна царинска служба што работи по највисоки стандарди. Во фокусот на нашата соработка во периодот што следи се модернизација на царинската лабораторија, унапредување на контролите базирани на анализа на ризик, зајакнување на истражните механизми и олеснување на трговијата преку проширување на зелените ленти и размена на податоци во реално време. Нашата блиска соработка е основа и за унапредување на условите за водење бизнис, како клучно за зголемена трговска размена помеѓу двете држави“, вели директорот Николовски.
Македонија
Таравари поднесе тужба за клевета против Изет Меџити
Претседателот на поделената Алијанса за Албанците, Арбен Таравари, преку својот адвокат, Aбидин Абдули, вчера поднесе тужба за клевета во Основниот суд Скопје 2 против градоначалникот на Чаир, Изет Меџити.
Тужбата доаѓа по изјавите дадени од Меџити во телевизиска емисија на „Лајм“, каде што тој тврдел дека Таравари за време на својот мандат како министер, издал седум лиценци за фабрики за преработка на канабис.
Според соопштението, пред поднесувањето на тужбата бил даден и законски рок за јавно извинување, кој Меџити не го искористил.
Таравари категорично ги демантираше овие обвинувања, оценувајќи ги како невистинити и клеветнички. Тој претходно најави дека ќе преземе правни чекори доколку не биде упатено јавно извинување за дадените изјави.
Со поднесувањето на тужбата во Основниот суд Скопје 2, случајот сега се очекува да добие институционален тек.
Македонија
Пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, го оштетил буџетот за 1,4 милиони денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, две други лица и еден правен субјект, за злоупотреби и несовесно работење со што го оштетиле буџетот на општина Кичево за сума од над 1.400.000 денари.
„ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Ф.Д.(52) од кичевското село Србица, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“, против Б.К.(46) од кичевското село Аранѓел поради постоењер основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“, против Д.С.(41) од кичевското село Длапкин Дол за сторено кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“, како и против едно правно лице со седиште во Длапкин Дол“, соопшти МВР.
На 08.01.2025, Ф.Д., во својство на градоначалник на општина Кичево, искористувајќи ја својата службена положба донел план за јавни набавки за 2025 година на општина Кичево спротивно на одредбите од Законот за комунални дејности. Иако, општина Кичево има јавно комунално претпријатие, Ф.Д. сите комунални дејности ги доверил на пријавеното правно лице со седиште во Длапкин Дол со намера да се стекне со поголема имотна корист на штета на буџетот на општина Кичево.
Второпријавениот, одговорно овластено лице за одржување на зелени површини, пропуштил должен надзор и несовесно постапил во вршењето на своите овластувања и должности, додека третопријавениот во својство на управител во правното лице, свесно ги повредил прописите на постапката за јавен повик.
Со тоа, вкупно исплатените парични средства за одржување на зеленилото околу зградата на општината изнесува вкупно 1.457.205 денари на штета на општина Кичево.

