Македонија
(Видео) Стефоска: 10 милиони евра повеќе за културата во 2022 година
Предлог-буџетот за културата за 2022 година изнесува три милијарди 855 милиони 548 илјади денари, или 62 милиона 692 илјади евра. Тоа е речиси 10 милиони евра повеќе од буџетот со кој располагавме оваа година, информираше министерката за култура, Ирена Стефоска, на денешната прес-конференција, на која го презентираше предлог-буџетот на Министерството за култура за следната година.
„За поддршка на проектите од национален интерес во културата за 2022, пак, од буџетот се издвоени над 17 милиони евра, што е за над 1 и пол милион евра повеќе за оваа намена од оваа година“, рече министерката за култура.
Во тој контекст, Стефоска на прес-конференцијата изрази задоволство што на Годишниот конкурс, кој за првпат се реализираше преку електронска апликација, се пристигнати 3.800 пријави, кои автоматски добија и архивски број.
Таа потсети и дека за електронската апликација беа одржани обуки во повеќе градови, беше изработено видеоупатство, беа отворени телефони за консултација и за техничка поддршка, како и електронски адреси за прашања од корисниците во секоја дејност, а беше продолжен и рокот за аплицирање на 39 дена.
Сепак, по административната проверка на доставената документација, службите констатирале дека голем број од пријавите се пополнети со нецелосно исполнети барања од конкурсот. Од тие причини, а во интерес на корисниците, Министерството одлучи да даде дополнителен рок од уште 15 дена.
„Во интерес на корисниците, Министерството одлучи да даде дополнителен рок од уште 15 дена (во согласност со член 39 од Законот за општата управна постапка). Корисниците што ќе добијат е-пошта ќе можат да ги докомплетираат пријавите. Фактот што речиси 2/3 од стасаните пријави во старт се нецелосни, што веројатно се должи на небрежноста на апликантите, нè наведе на овој чекор. Не смееме да го осиромашиме квалитетот, а конкуренцијата да ја сведеме на минимум. Исто така, при административна проверка на пријавите е утврденo системско преклопување при прикачувањето на дел од пријавите во издавачката дејност. Се работи за мал број пријави, 93, и од тие причини секој апликант ќе биде контактиран и известен кој податок ќе треба да го достави во дополнителниот рок. Ова не подразбира нова пријава туку само дополнување на веќе доставените пријави што имаат архивски број. Од утре, 2 декември, до 16 декември е рокот за дополнување на пријавите“, рече министерката.
За таа цел, повторно ќе бидат отворени дежурни телефони преку кои вработените во Министерството за култура ќе бидат во контакт со корисниците.
Стефоска смета дека со електронската апликација е направен огромен исчекор во градење на системот, а фактот што се овозможува дополнителен рок за пријавување, значи дека резултатите од конкурсот ќе бидат објавени, наместо до 20 јануари, најдоцна до половината на февруари следната година.
На прес-конференцијата министерката информираше дека во фокусот на буџетот за следната година се и капиталните инвестиции и санации во културата во висина од близу 10 милиони евра, средства наменети за:
– втората фаза од изградбата на Турскиот театар во Скопје,
– реализација на следната фаза од изградбата на Театар и библиотека во Тетово,
– завршни работи на Театарот во Струмица,
– втората фаза од реконструкцијата на Театарот во Куманово,
– втората фаза од реконструкцијата на Центарот за култура во Кочани,
– втората фаза од реконструкцијата на Центарот за култура во Гостивар,
– реконструкција и санација на покривот на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и за други проекти што ќе бидат одобрени во Годишната програма од областа на инвестициите за 2022 година наменети за објектите во кои се сместени културните установи.
Исто така, министерката за култура на прес-конференцијата потврди дека заштитата на културното наследство и натаму останува врвен приоритет на Министерството за култура, а во фокусот за следната година остануваат и зајакнувањето на ЕУ-интеграциите во културата и грижата кон младите уметници.
„Буџетот на Министерството и на Управата за заштита на културното наследство е близу 194 милиони денари, или 3 милиони и 200 илјади евра. За програмата Културно наследство во опасност, што ја поставивме за првпат во буџетот за оваа година, останува истата висина на средствата – 12 милиони денари. Приоритет и натаму е како материјалното така и нематеријалното културно наследство, а за блок-дотациите кон општините се предвидени речиси 6 милиони евра“, истакна министерката.
Културата во вкупниот буџет на државата учествува со 1,49 %, што, според Стефоска, не е доволно, но е одговорно однесување кон народните пари во време на здравствена и на економска криза.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

