Македонија
Маричиќ: Академијата за судии и јавни обвинители е единствена гаранција дека во правосудството ќе влезат најдобрите кадри

На свечениот настан што се одржа по повод 15-годишнината од основањето на Академијата за судии и јавни обвинители, министерот за правда, Бојан Маричиќ, во своето обраќање даде кус осврт на важноста и значењето на Академијата, како и на заложбите што Министерството за правда и Владата ги прават за нејзин развој и усовршување преку реформата во правосудниот систем.
„Тука Академијата ја игра најважната улога. Таа е храм на образованието во правосудниот систем, изворот на квалитетни и стручни судии и јавни обвинители и единствена гаранција дека во правосудството ќе влезат најдобрите кадри. Но, може да се каже и дека е појдовна точка за целокупниот правосуден систем со значајна улога на чувар на достоинството и кредибилитетот на судиите и јавните обвинители“, рече Маричиќ во своето обраќање.
Тој потенцира дека измените и дополнувањата на Законот за Академијата на судиите и јавните обвинители се во насока на исполнување на заложбата и ангажманот на Владата и Министерството за правда во процесот на креирање независен, непристрасен и ефикасен правосуден систем, кој одговара на европските стандарди.
„Академијата и понатаму останува единствена точка за влез во судството и Јавното обвинителството, каде што судиите и јавните обвинители во континуитет добиваат стручно усовршување на теоретските и практичните знаења според однапред подготвени програми, дизајнирани според потребите на целните групи. Ова е формулата што носи квалитет во правосудниот систем и продуцира кадри на судии и обвинители, кои, покрај домашното законодавство, ги знаат и применуваат Европската конвенција за човекови права и слободи, законодавството на ЕУ и други меѓународни стандарди“, додаде Маричиќ.
На крајот, министерот за правда испрати честитка за досегашната работа на Академијата и посака да продолжи посветено да работи и понатаму заради квалитетот на идните генерации на судии и јавни обвинители, заради заштита на професијата, заради граѓаните, но и заради напредокот на државата, која одлучно работи на европската агенда.
Академијата му додели благодарница за неговиот ангажман и придонес како министер за правда во развојот на Академијата за судии и јавни обвинители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Ивановска: Претседателката на ДКСК мора под итно да си поднесе оставка, на потег е Собранието

Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Татјана Димитровска, мора итно да си поднесе оставка, затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата, порача поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска.
Според Ивановска несомнено е нанесен тежок удар врз општеството, граѓаните и институцијата, нагласувајќи дека не е момент да се седи со скрстени раце. На потег, вели, сега е законодавниот дом пред кого одговараат и претседателката и членовите на Антикорупциската комисија.
Димитровска минатата недела се најде на листата осомничени во случајот „Адитив“ поради оддавање службени тајни на друг обвинет во случајот.
Македонија
Богојески ја менува постапката за избор на надворешни експерти за оценување на проектите и апликациите за Еразмус+

Националната агенција за европски образовни програми и мобилност го објави почетокот на клучна постапка, а во рамки на заложбите за транспарентност и борба против корупцијата.
Денес, директорот на Националната агенција, Петар Богојески, донесе нова процедура за постапката за избор на надворешни експерти/евалватори за оценување на предлог-проекти и/или периодични и конечни извештаи од одобрени проекти, како и за апликации во рамките на програмите Еразмус+ (2021–2027) и Европски солидарен корпус (2021–2027).
Во таа насока, како што посочуваат од Националната агенција, ќе следува целосна реевалуација на постојните евалватори, согласно највисоките професионални стандарди и етички норми. Потоа, ќе биде објавен нов јавен повик за избор на професионални и департизирани евалватори, експерти од различни области, кои со својата стручност и интегритет ќе придонесат кон натамошно зајакнување на кредибилитетот на Агенцијата.
Со оваа постапка, од Националната агенција велат дека се испраќа јасна порака дека борбата против корупцијата е приоритет и дека се стреми да биде пример за интегритет и професионализам, не само во нашата земја, туку и во земјите членки на Европската унија.
Македонија
Филков : Сите закони, кои се дел од реформската рамка, се подготвени или се во финална фаза на усвојување

Министерот за правда Игор Филков на денешната прес конференција се осврна и на Реформската агенда и законите кои се подготвени или се во финална фаза на усвојување во изминатите 10 месеци.
Подготвени се:
-Предлог Закон за судски совет
-Предлог Закон за јавно обвинителство
– Предлог Закон за платите на јавните обвинители
-Кривичен законик
-Предлог Закон за кривична постапка
-Предлог Законот за судска служба
Во план и подготовка се и:
Предлог Законот за судски буџет
Предлог Законот за Советот на јавни обвинители
Предлог Законот за јавнообвинителска служба
Измени на Изборниот законик, со поддршка на ОДИХР.
Закони со кои се регулираат платите на судиите, јавните обвинители, и јавно обвинителската служба
Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер
Закон за помилување
Закон за вештачење
Закон за нотаријат
Закон за извршување
Закон за пробација
Закон за извршување на санкции
Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка
Закон за заштита на лични податоци
,,Реформската агенда има рокови до кои законот треба да биде донесен од Собранието. Од друга страна, Годишната програма на Владата опфаќа поранешна фаза — кога законот треба да биде доставен до ЕНЕР или до Владата.
Во просек, собраниската постапка трае два месеца. Кај одредени закони, постојат надворешни фактори.
Изборниот законик, на пример, бара широк политички консензус,”рече министерот за правда Игор Филков.
Министерот порача дека се оди на квалитетни измени и законски решенија во интерес на граѓаните, не како што досега била праксата да се носат во интерес на поединци или какви било интересни групи кои што во минатото ги носеле измените на штета на граѓаните ,на начини на кои што сите ги знаеме.
,,Законите се тука, подготвени, доставени, транспарентно објавени. Ние нема да дозволиме реформите да бидат жртва на дневна политика или бирократска инертност. Затоа ќе повторам: реформите не се желба, туку одговорност. И Министерството за правда таа одговорност ја носи до крај”,потенцира министерот за правда Игор Филков.