Култура
Почина актерот Славиша Кајевски
Македонскиот народен театар соопшти дека актерот Славиша Кајевски трагично го загубил својот живот.
„Со огромно жалење и неверување известуваме дека нашиот актер Славиша Кајевски трагично го загуби својот живот“, известуваат од МНТ .
„Кајевски е роден на 1 февруари 1982 г., во Скопје. Дипломира на Универзитетот ‘Св. Кирил и Методиј’, на Факултетот за драмски уметности, Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на проф. Владимир Милчин, во 2005 г. Од 2010 г. е актер во Македонски народен театар – Скопје.
Нè остави збунети, во болка и во неверување! Нè остави во длабока тага! Остана да замислуваме што уште можеше да направиш во животот, на театарската сцена и пред камерите! Ти секогаш ќе бидеш дел од срцето на театарот и никогаш нема да бидеш дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега. За оние кои те познаваат, остана празнина во душата и на сцената на МНТ поради твојата сеприсутност на сцената и како верен колега, пријател и човек. Останавме без твојата безрезервна љубов и поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги зад сцената.
Ти на оваа сцена беше Клег во „Бесачи“, Ленокс во „Макбет“, Семјон Семјеевич Медведенко во „Галеб“, Миле Прлиќ од „Ничија земја“, Императорот во „Авантурите на Аладин“, Еснафот во „Силјан штркот шанца“, Таткото во „Соларис“, Сергеј Александрович во „Животот е прекрасен“, „Тероризам“, Агамемнон и Еврипид во „Електра“, таткото Тил во „Сината птица“, Озрик и Цар Едип во „Аферата Елсинор“, Готфрид Најцзекер во „Вечната куќа“, Грен во „Подемот и падот на кабарето“, „Декамерон“, „Животот е сон“, Јован и Анѓеле во „Парите се отепувачка“, Корубин во „Свадбата на Фигаро“, Тибалт во „Ромео и Џулиета“, „Бесови“, „Немој ти мене Фауст“, „Троил и Кресида“, „Суд“, „Лет во три глави“, Рака во „Госпоѓа Министерка“, Џими во „Вејка на ветрот“, Гласникот во „Мара/САД“, Маро Мароев во „Дундо Марое“, Морис во „Дракула“.
Остана да те гледаме како Фантом во филмот „Хомо “, Енди Гомез во „Baaghi“, Сурла во филмот „Еј“, Пики во „Црвената соба“, Павел Киров во „Последните Македонци“, Гласот во „Скопје Ремиксд“, Малиот во „Ова не е американски филм“, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во „Превртено“, Војникот во „Караула“, Момчето со маска во „Бал-кан-кан“ и друго.
Комеморацијата е утре во МНТ, петок, 3.12.2021 година во 10:00 часот, а погребот е во 12:00 часот, во капелата Ѓорче Петров.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Промоција на книга за деца и претстава „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова
Оваа сабота (7 февруари), во рамките на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“ со почеток во 18:00 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.
Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.
Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.
„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.
Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“).
Култура
Јубилеен концерт на Љубојна за 25 години постоење
Љубојна, една од најавтентичните македонски музички групи, оваа година прославува 25 години постоење и ја започнува 2026-та со ново големо целовечерно концертно издание во Скопје за одбележување на четврт век творештво во својот препознатлив манир кој ја позиционира групата во еден од водечките музички брендови на Македонија.
Јубилејниот концерт на Љубојна ќе се одржи на 29 март со почеток во 20:00 часот, во Големата сала на Филхармонија.
Љубојна или „љубов“ и „бој“, еден од најпрепознатливите и најрепрезентативни бендови во регионот, автентично го пренесува пулсот на музичкиот бит во не само она, што се нарекува урбан, туку и светски отворен звук. Љубојна не е само популарен бренд. Таа е идеја која направи супер-саунд од една подзаборавена музика и стана јадро околу кое гравитираат многу музичари и од кое црпи младата публика. Групата твори музика, со сета нејзина страст, ентузијазам и жестина која е изговорена како универзален музички јазик, според космополитски код кој што го носи во себе.
Својата музика Љубојна ја свири страсно, со енергија на рок бенд и тоа во сите нејзини форми: нејзината изворна, класична, популарна, експериментална форма. Ја соопштува преку фантастичната вокална експресија на Вера Милошевска која заедно со Оливер Јосифовски (контрабасист, композитор и продуцент) веќе 25 години се бренд на бендот и синоним за Љубојна. Експериментирајќи и истражувајќи, Љубојна постојано ја освежува музиката одново и одново, одржувајќи го звукот модерен, моќен, кадифен, елегантен и енергичен.
Музиката на Љубојна е спој на сите експресивни и елегични чувства и звуци на радост, тага, еуфорија, интензивност, чилаут, поп, страст, фанк, соул, фолк, ориентал, стомачен танц, џез, ортодокс-гламур…
„На 29 март, во Филхармонија македонската публика ја очекува концертна вечер посветена на безвременската музика на Љубојна, во нивниот препознатлив автентичен израз, богат со емоции, магичен сценски набој и специјални гости кои наскоро ќе бидат објавени. Влезниците за концертот се достапни онлајн и во продажната мрежа на МкТикетс“, велат од Пасворд продукција.
Култура
Култната монодрама „Последниот час на Његош“, која го прошета светот, гостува во МНТ на 28 февруари
Монодрамата „Последниот час на Његош“, со актерот Слободан Маруновиќ, првенец на Црногорското народно позориште ќе гостува на сцената во Македонскиот народен театар, на 28 февруари, во 20 часот.
По текст на Слободан Томовиќ и во режија на Благоја Ераковиќ, монодрамата во која ликот на Петар II Петровиќ Његош, маестрално ја игра Маруновиќ, досега е изведена повеќе од 1.500 пати на театарските сцени низ светот.
Ги има добиено најголемите регионални, европски и светски признанија и награди. Изведувана е во Париз, Њујорк, Рим, Виена, Цирих, Лондон, Москва, Кострома, Белград, Загреб, Сараево, Љубљана, Стокхолм, Ташкент, Самарканд, Сеул, Торонто, Бишкек, Костанaј, Монтреал, Халифакс, Чикаго, Детроит, Сан Франциско, Лос Анџелес, Сан Педро, Мелбурн, Сиднеј, Атина, Келн, Штутгарт, Карлсруе, Франкфурт, Бруклин, Њу Џерси, Улан Батор, Чељабинск, Хмељницки, Хановер, Кишињев и други.
Премиерно е изведена на 19 мај 1988 година во Црногорското народно позориште.
Монодрамата „Последниот час на Његош“ претставува јазично и мисловно слоевито драмско дело, посветено на Петар II Петровиќ Његош.
Во суштина, монодрамата е ремек-дело на драматично соочување со смртта, мигови во кои се преиспитува она што му припаѓа на времето, но со насетување на вечноста, со акцент на антрополошките и филозофските прашања.
Монодрамата, која се изведува речиси четири денеции, на театарските сцени во Црна Гора и низ светот е сведоштво за естетските вредности на текстот и за извонредниот дар на Слободан Маруновиќ, првак на Драмата на Црногорското народно позориште. Со актерска умешност го оживува ликот на поетот и владетелот. Неговата уметничка зрелост, емоционалното и интелектуалното влегување во ликот на Његош се клучните адути за долготрајниот живот на монодрамата „Последниот час на Његош“.
Синергијата меѓу добро осмислениот драмски текст на Слободан Томовиќ, инвентивната актерска интерпретација на Слободан Маруновиќ и режиските решенија на Благоја Ераковиќ се доказ дека само на овој начин можат да се создаваат големи остварувања.
„Монодрамата е синтеза на различни историски, културолошки, филозофски и метафизички аспекти и со своето повеќедецениско траење стана култна претстава — симбол со трајна естетска вредност“, извадок од театарската критика на Соња Томовиќ Шундиќ.
Билетите се пуштени во продажба.

