Економија
Стојкова Серафимовска: Граѓаните имаат право да знаат како се трошат нивните пари пред истите да бидат одобрени
Денес завршува амандманската распрва по предлог-буџетот за 2022 година по која може да се заклучи дека на власта, предводена од СДСМ и зелените ДУИ и ДОМ, воопшто не ѝ е приоритет здравата животна средина и чистиот воздух, кој, за жал, ние граѓаните не го дишеме, реагираше на прес-конференција пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Велика Стојкова-Серафимовска.
„За буџетот за 2022 година пратениците од Пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија поднесоа десетици амандмани кои се однесуваат токму на подобрување на животната средина, почист воздух, енергетика и помош на граѓаните и компаниите во справувањето со енергетската криза која веќе започна и допрва ќе се влошува. Сите овие амандмани беа направени во соработка со експерти, како и со претставници од граѓански организации чија дејност е од соодветните области“, истакна таа.
Според неа и покрај тоа што власта постојано се промовира како граѓански ориентирана, се чини дека тоа го прави само декларативно на хартија и на прес-конференции бидејќи во реалноста, конретно во креирањето на државниот буџет за 2022 година, поголемиот дел од овие амандмани беа одбиени од страна на Министерството за финансии и неизгласани од страна на пратениците од власта. Најчестото образложение за тоа беше дека за овие предлози веќе има издвоено средства во владината програма „Зелен развој“, додаде пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ.
„Програмата ‘Зелен развој’ е воведена во 2021 година и за истата биле определени 11 000 000 евра за проекти од областа на екологијата, животната средина и енергетика. Тоа беше планот, но реализација нема бидејќи таква програма во 2021 година ниту се донесе, ниту се објави, ниту, пак, се реализираше. Притоа, парите од граѓаните се потрошени, но никој не знае каде и за што“, потсети таа.
Затоа апелираше до сите пратеници во Собранието заеднички да побараат од Владата во најкус можен рок, поточно пред почетокот на собраниската расправа за буџетот за 2022 година, да ја достави предлог-програмата со наслов „Зелен развој“ за која се предвидени 28 милиони евра.
„Со оглед на тоа дека оваа мистериозна програма се однесува на најважното нешто, а тоа е здравата животна средина и чистиот воздух, граѓаните имаат апсолутно право да знаат каде и како се трошат нивните пари пред истите да бидат одобрени“, додаде Стојкова Серафимовска .
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Работилница на македонската и грчката регулаторна комисија за енергетика: во фокусот поврзувањето на пазарите за електрична енергија
Регулаторното искуство во поврзување на пазарите за електрична енергија беше фокусот на третата заедничка работилница помеѓу Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) и Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY).
“Откако се донесе Законот за енергетика, во РКЕ се формирани тимови од инженери, економисти и правници кои работат интензивно на подзаконската регулатива што ќе обезбеди усогласување на домашната легислативата со европската. Ова е само еден од предусловите за да започне практичната интеграција на домашниот пазар со регионалните пазари, а потоа и со Европскиот пазар за електрична енергија. Регулаторната работилница за нас е можност да размениме искуства и знаење, затоа што грчкиот регулатор веќе го има затворено овој процес.“ посочи Лирим Сулејмани, заменик претседател на РКЕ.
Од Грчката регулаторна комисија за енергија, вода и управување со отпад (RAAEY) ги презентираа регулаторните чекори кои што ги презеле при спојување со европскиот енергетски пазар, нагласувајќи дека ова е интензивен процес што бара блиска и ефикасна соработка на засегнатите страни за да се постигне јасна и транспарентна транзиција.
РКЕ и РАЕ минатата година во февруари склучија Меморандум за соработка во областите: енергија, вода и отпад со цел размена на регулаторна експертиза.
Економија
Божиновска со концесионерите во Прилеп: Развојот на рударството продолжува со јасни правила, повисоки стандарди и поголема контрола
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Прилеп одржа заедничка работна средба со најголемите концесионери од регионот, посветена на актуелните состојби во рударскиот сектор, предизвиците со кои се соочуваат компаниите и можностите за понатамошен развој.
На состанокот присуствуваа претставници на повеќе компании кои имаат значајна улога во експлоатацијата и преработката на минерални суровини. Во отворена дискусија се разговараше за тековната динамика на работа, инвестициите во модернизација на производството, предизвиците поврзани со административните постапки, како и потребата од предвидлива и стабилна регулаторна рамка која ќе овозможи долгорочно планирање и нови вложувања.
Министерката Божиновска нагласи дека државата има јасен интерес рударството да се развива како силен економски сектор, но исклучиво со целосно почитување на законските обврски, еколошките стандарди и безбедносните правила.
„Партнерството со компаниите е важно, но уште поважно е довербата на граѓаните. Затоа развојот мора да оди паралелно со одговорност, транспарентност и засилен надзор“, истакна Божиновска.
Концесионерите ја поздравија иницијативата за почести директни средби со институциите, оценувајќи дека ваквиот пристап овозможува побрзо решавање на отворените прашања и подобра координација во секторот.
На средбата беше потенцирана и потребата од засилен инспекциски надзор на терен, при што беше нагласено дека отворањето на новата канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп ќе придонесе за поефикасна контрола, еднакви услови за работа и дополнително зајакнување на стандардите во индустријата.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини останува посветено на континуиран дијалог со индустријата, со цел создавање стабилна деловна средина, одржлив економски раст и јасни придобивки за локалните заедници.
Економија
(Видео) Мицкоски: 17 нови проекти вредни 650 милиони евра ќе донесат до 5.000 работни места
Премиерот Мицкоски денеска изјави дека во моментов се во почетна фаза на реализација или во фаза на потпишување договори за државна помош се околу 17 проекти, со вкупна вредност од над 650 милиони евра. Очекува дека овие проекти ќе обезбедат помеѓу 4.500 и 5.000 нови директни работни места, а најголемиот дел од нив годинава ќе започнат со производство, што ќе ја зголеми и вредноста на бруто-домашниот производ.
„Во овој момент работиме на овие 17 проекти само преку ТИРЗ, а има и проекти кои што ги работиме а кои што се надвор од ТИРЗ, како што е инвестицијата на Алказар во Источна Македонија, која што е во фаза на одобрение за градба. Очекувам некаде на пролет и на терен да започне реализирањето на оваа инвестиција, која што е во вредност од половина милијарда долари“, кажа Мицкоски.
Тој посочи дека земјоделството доживува позитивен пресврт и станува сериозен економски столб. Во четвртиот квартал од минатата година извозот на земјоделски производи бил повеќе од двојно поголем од увозот, со износ од околу 12,5 милијарди денари, додека за целата година извозот достигнал над 450 милиони евра, во споредба со околу 200 милиони увоз.
Премиерот истакна дека Владата ќе продолжи да ги поддржува вистинските земјоделци и дека новата програма ќе ја насочи поддршката кон оние кои реално произведуваат и придонесуваат, додека ќе се спречи злоупотреба на субвенциите.

