Спорт
Џабе и Ѓоковиќ, Хрватска ги има Мектиќ и Павиќ за Дејвис куп финале

Никола Мектиќ и Мате Павиќ, најдоброрангираната тениска двојка на светот, стигна до убедлива 7:5/6:1 победа над Новак Ѓоковиќ и Филип Крајиновиќ во одлучувачкиот меч во двојки во полуфиналето на Дејвис купот, за Хрватска да стигне до 2:1 победа и дуел со подобриот од мечот Русија-Шведска во неделното финале на најелитното репрезентативно тениско натпреварување.
Херој на Хрватите, секако е 23-годишниот Бруно Гојо, кој во првиот меч го победи Душан Лајовиќ по три сета, за потоа во вториот меч, Новак Ѓоковиќ повторно да ги врати во игра Србите, со победа во два сета против Марин Чилиќ. Сепак, и самиот Ѓоковиќ знаеше дека во одлучувачкиот меч ќе се сретнат со Мектиќ и Павиќ, двојка која освои 9 турнири оваа сезона, и се закити со златото од Олимпијадата во Токио.
Во првиот сет беше тесно до 5:5, кога еден брејк беше доволен Хрватска да поведе со 1:0 во сетови, за во вториот, Мектиќ и Павиќ да ја покажат својата сила и да го добијат со 6:1.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Спорт
Пеко полека го губи трпението со Дукати

Италијанскиот возач на Дукати во шампионатот на Мото ГП, Франческо Бањаја, испрати порака до лидерите на својот тим дека полека го „губи трпението“.
Франческо Бањаја е двократен светски шампион во Мото ГП и прв возач по Кејси Стонер кој му го донесе шампионскиот трофеј на „црвениот“ италијански тим.
Оваа сезона, Пеко вози многу послабо отколку во претходните години, додека неговиот тимски колега, Марк Маркез назапирливо ита кон шампионската титула во Мото ГП.
Бањаја стартуваше од третата позиција во Австрија и заврши на скромната осма позиција, додека Маркез стартуваше од четвртото место и победи во Шпилберг.
Франческо верува дека проблемот не е во него и неговото возење и му порача на Дукати:
„Сè што се случува цела година се случи на трката во недела. Се борам и давам се од себе, но овој пат тоа значеше позиција број осум. Победникот на трката победи со време со кое победив јас минатата година. Имам тој потенцијал. Не знам зошто ништо не ми функционира. Марко Бецеки и Марк Маркез прават сè подобро од мене. Доцнев 12 секунди на патека каде што секогаш правев разлика и не го разбирам тоа, навистина не го разбирам. Се обидував но сите ме заобиколуваа во кривините. Дукати мора да ми го објасни тоа, но ми снемува трпение“, рече искрениот Франческо Бањаја.
Спорт
„Новак е најголемиот спортист во историјата“

Трикратниот вицешампион на Гренд слем турнирите, Каспер Руд е убеден дека Новак Ѓоковиќ е најголемиот… не тенисер, туку и спортист на сите времиња.
Руд и Ѓоковиќ се сретнаа во финалето на Ролан Гарос, кога Новак победи во три сета, а вкупниот резултат меѓу нив е 5-1.
„Новак е најголемиот спортист во историјата. Не сакам да споредувам спортови, бидејќи е глупаво, но ако го споредите Новак со Том Брејди, на пример… Брејди е Г.О.А.Т, да не ме разберете погрешно, но атлетски, Новак би го скршил на повеќето физички тестови…“ вели Руд, сега 12-ти на АТП листата, и додава:
„Добро, Леброн можеби ќе го „растури“ Новак во некои физички аспекти, но за мене, Новак е најголемиот спортист што некогаш живеел.“
Ѓоковиќ и Руд наскоро ќе се сретнат во Њујорк, каде што ќе се игра последниот Гренд слем во сезоната од 24 август.
Ждрепката е закажана за четврток.
Спорт
Шефот на Мекларен: Ферстапен е во право

Андреа Стела, шефот на Мекларен во Ф1, рече дека Макс Ферстапен бил во право кога зборувал за „папаја“ тимот.
Оваа сезона, како што сите очекуваа, Мекларен е најдоминантниот тим со 11 победи во 14 одржани трки и тие имаат значителна предност и во битката за титулата кај возачите и конструкторите.
Со десет трки што остануваат до крајот на сезоната, Мекларен се чини дека има сè во свои раце за двојна круна, а Ферстапен неодамна тврдеше дека „папаја тимот“ има голема предност во кривините.
„Тоа е едноставно лесен одговор кога ќе ги погледнете податоците. Само споредете ги брзините на кривините (бавни и средни брзини) и ќе видите колку е брз Мекларен. Значи, Макс Ферстапен е во право“, рече Андреа Стела.
И покрај нивната доминантна позиција, шефот на Мекларен вели дека до успехот нема да дојдат по пократок пат.
„Сè уште имаме слаби точки. Да ги погледнеме кривините каде што влегувате со голема брзина, како Копс во Силверстоун или Пуон во Спа. Не сме најбрзи. Сепак, ги знаеме кривините каде што се освојуваат титули и таму сме најбрзи“, рече Стела.