Македонија
Облачно со врнежи од дожд, а на повисоките планини снег

Утрово биле измерени 0 степени на Попова Шапка, 1 степен во Лазарополе, 3 во Тетово, Струмица, Крушево и во Маврово, 4 во Скопје – Зајчев Рид и Скопје – Петровец, 5 во Крива Паланка, 6 степени во Прилеп и Берово, 7 во Охрид, Битола, Куманово и во Дебар, 8 степени во Претор и Дојран, 9 во Виница, 10 степени во Штип, Демир Капија и во Гевгелија.
Денеска, се очекува облачно време со врнежи од дожд, а на повисоките планини на северозапад од снег.
На места врнежите ќе бидат поројни и обилни, особено попладне и во ноќните часови. На повеќе места ќе наврнат над 20 литри на квадратен метар воден талог.
Преку денот ќе дува слаб до умерен, а особено во источните делови повремено засилен југоисточен ветер, кој во текот на ноќта ќе се промени во северен. Поради спуштање студена воздушна маса од север, кон крајот на денот врнежите, освен на планините, ќе преминуваат во снег и на повисоките места.
Максималната температура ќе биде во интервал од 6 до 14 степени.
Во Скопје времето ќе биде облачно со врнежи од дожд, пообилни попладне, како и во текот на вечерта и ноќта. Ќе дува слаб до умерен југоисточен, а кон крајот на денот засилен северен ветер. Максималната температура ќе достигне 10 степени.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Муцунски за „Политико“: Државата не е подготвена за уставните измени што ги бара Бугарија без цврсти гаранции од ЕУ, дека тоа ќе биде последното такво барање

Во рамки на работната посета на Брисел, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, даде интервју за политичкиот магазин „Политико“.
Говорејќи за процесот на европска интеграција, министерот истакна дека државата во моментов не е подготвена да ги направи уставните измени што ги бара Бугарија, освен ако не добие цврсти гаранции од Европската Унија дека тоа ќе биде последното вакво барање. „Нашиот страв е: ако ги направиме уставните измени, што ќе се случи ако за шест месеци Бугарија повторно дојде со барања поврзани со историјата, идентитетот или јазикот?“, рече Муцунски.
Тој нагласи дека Северна Македонија е подготвена и веќе работи на сите други неопходни реформи, бидејќи тие не се само барање на Унијата, туку и потреба на општеството. „Ако утре земјите членки ни кажат дека треба да направиме повеќе во областа на владеењето на правото или доброто управување – тоа го разбираме. И не само што го разбираме, туку го чувствуваме како наша обврска“, додаде министерот.
Во интервјуто тој се осврна и на геополитичкиот контекст, нагласувајќи дека иако ја разбира итноста за интеграција на Украина, тоа не смее да биде на сметка на Западен Балкан. „Најбрзата, а веројатно и најевтината инвестиција во европската стабилност е ЕУ што побргу да ги отвори вратите за целиот регион. Не мислам дека селективното проширување е најдобрата опција“, изјави Муцунски.
Тој потсети дека Северна Македонија го започна европскиот пат заедно со Хрватска, но додека Хрватска денес е членка на Шенген и користи евро, нашата држава сè уште нема отпочнато преговори за членство.
Министерот изрази увереност дека проширувањето сè уште е возможно. „Слушаме за скептицизам кон проширувањето. Но, Северна Македонија – културно, социјално и политички – е европско општество. Доколку ги направиме реформите како што треба, не верувам дека ќе има силен отпор за проширувањето на нашиот регион.“
Покрај темите поврзани со ЕУ-членството, Муцунски зборуваше и за поддршката што Северна Македонија ја дава за Украина, придонесот во НАТО Алијансата, како и целосната усогласеност со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. Тој посочи и дека Северна Македонија беше првата земја од регионот што потпиша безбедносно-одбранбено партнерство со Европската Унија – дури пред Велика Британија и Канада.
Македонија
Регионалниот пат преку Јасен од утрово пуштен за сообраќај

Денеска од 05:00 часот регионалниот пат Р-1106 Нова Брезница – Македонски Брод преку националниот парк Јасен ќе биде пуштен за сообраќај во термините од Министерството за внатрешни работи.
Се препорачува внимателно возење, почитување на сигнализацијата и прилагодување на брзината поради можни одрони на патот, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен поради летните одмор, меѓутоа на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Пожар кај „Зебра“, огнот зафатил возило

Пожар избувнал ноќеска во главниот град во близина на трговскиот центар Зебра.
Според последните информации огнот се проширил и зафатил возило на улицата Васил Ѓоргов во Скопје.
На местото на настанот биле присутни противпожарни возила кои го гаселе пожарот.