Економија
Бесими го достави дополнетиот предлог-буџет за следната година
Министерот за финансии, Фатмир Бесими, денеска го достави дополнетиот предлог-буџет за 2022 година до претседателот на Собранието, Талат Џафери, кој Собранието треба да го усвои на пленарна седница најдоцна до 31 декември.
Дополнетиот предлог-буџет за 2022 година ги содржи прифатените амандмани во текот на расправата во собраниските комисии. Вкупната вредност на прифатените амандмани изнесува 382 милиона денари, што е проценето како една од најголемите измени направена преку амандманската расправа, што е потврда за инклузивноста на процесот на усвојување на буџетот и демократскиот капацитет на нашата земја.
На средбата министерот Бесими истакна дека очекува дебатата да продолжи во ваков дух на пленарната седница и со широка поддршка да се усвои буџетот за 2022 година.
Главни цели на буџетот за 2022 година се продолжување на грижата за заштита на здравјето на населението, економско заздравување и забрзување на растот, зголемување на инвестициите при спроведување фискална консолидација, како и поддршка на реформските процеси во правосудството и евро-атлантските интеграции и непречено финансирање на основните функции на државата.
Главниот фокус во буџетот за 2022 година е на инвестициите, така што капиталните расходи се планирани на досегашно највисокото ниво од 38,2 милијарди денари. Капиталните расходи учествуваат со 14 % во вкупните расходи и се зголемени 28,3 % во споредба со 2021 година. Притоа има кратење на непродуктивните трошења.
Буџетот е конципиран според златното правило во јавните финансии, односно буџетскиот дефицит е помал од капиталните расходи, што значи дека задолжувањето ќе биде само за капитални расходи, а средствата ќе бидат насочени кон проекти што даваат најголем ефект. Тоа ќе поттикне инвестициски циклус, што ќе придонесе за забрзан економски раст.
Со дополнетиот предлог-буџет за 2022 година расходите се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што претставува раст од 1,4 % во споредба со 2021 година и се на ниво од 35,2 % од БДП. Приходите се планирани на 238,9 милијарди денари и се 7,4 % повисоки од 2021 година. Оттука, буџетскиот дефицит се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 % од БДП.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Трипуновски: Зголемување од 15 проценти на откупот и продажбата на земјоделски производи во последното тримесечје, споредбено со лани
„Минатата година, следејќи ги сите тримесечја во споредба со 2024 година, и последниот извештај потврди позитивни трендови во земјоделството. Според официјалните податоци, откупот и продажбата на земјоделските производи во последното тримесечје изнесуваат 12,5 милијарди денари, што претставува раст од 15% во однос на истиот период од 2024 година“, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски од Струмица.
Тој додаде дека растот не се однесува само на откупните и продажните цени, туку и на зголемениот квантитет на земјоделски производи.
„Според табелите објавени од Државниот завод за статистика, речиси кај сите земјоделски производи се бележи зголемување на количините. Особено се издвојуваат грозјето, пченицата и јаболката, како и производството во сточарството, особено во свињарството, овчарството и производството на говедско месо“, појасни Трипуновски.
Тој додаде дека зголемувањето на количините е забележано и кај останатите земјоделски култури, што претставува значаен показател дека 2025 година може да се оцени како успешна, со зголемен интензитет и на откупот и на извозот на земјоделски производи.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.

