Македонија
Арсовски: Фондот за иновации стана како списание за готвење – промовира скапи рецепти

Молкот на СДСМ во изминатите неколку дена поврзан со криминалните иновации во власта е потврда дека СДСМ како и по обичај испумпува пари преку државните институции, пари кои се на граѓаните, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.
Тој вели дека молкот и ненегирањето дека се дадени 40.000 евра за рецепт за пица укажува оти парите на граѓаните завршиле залудно или во нечиј џеб.
„Замислете, втор проект, цела Тиквешија прави домашни слатки со маџун, познат како гроздов мед инаку во јавноста, а Фондот за иновации за рецепт и за производство на слатки со гроздов сируп дава 2,5 милиона денари на одредена фирма која аплицирала исто со рецепт за храна. Иновативно нема што. 40.000 евра за рецепт за пица, уште 40.000 евра за рецепт за слатки со гроздов мед. Партиските другари на Заев и понатаму земаат проекти во милионски суми во денари од државата за веќе измислени иновации што постојат, исто како што дадовме пример за неговиот партиски другар на Зоран Заев, одреден Миле Милановиќ од Струмица. Поранешниот директор на ФЗО и на ‘Телекомот’ од СДСМ, Заревски, за софтвер зел над 40.000 евра“, рече Арсовски.
Тој додаде дека, наместо 40.000 евра за рецепти, можело со истите тие пари да се набават амбулантни или противпожарни возила.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
СДСМ: Бројот на вработени намален за 17.000 – погубни економски политики на ВМРО-ДПМНЕ

Фрапатни се податоците кои покажуваат дека по доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ на власт во 2024 година во земјава има над 17.000 помалку вработени, обвини СДСМ.
Според партијата, тоа е директен резултат на погубните економски политики, хаосот и несигурноста, како и напуштање на политиките кои ги востастави СДСМ за стабилна и одржлива економија.
„Со оваа неспособна Влада: пазарот на труд се стеснува, продуктивното население е разочарано и заминува, Фондот за пензиско осигурување е под притисок, бидејќи денес 1,63 вработени обезбедуваат една пензија, наместо 1,74 како што беше пред само една година. Владата нема стратегија, нема визија, нема мерки за задржување и отворање на нови работни места“, велат од СДСМ.
Од таму обвинија дека ова се последици од владеењето на Мицкоски и дека се зголемува несигурноста за младите, пензискиот систем се доведува во ризик, а приватниот сектор е оставен сам да се снаоѓа.
Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.