Македонија
Заев ги информираше коалиционите партнери за постигнатиот договор со Алтернатива

Претседателот на Владата, Зоран Заев имаше средба со лидери на партии од владината коалиција на која ги запозна со постигнатиот договор со Алтернатива со којшто се обезбеди стабилно мнозинство во Собранието и стабилна Влада со влезот на оваа партија во извршната власт.
Премиерот ги запозна лидерите од коалицијата со деталите од договорот со Алтернатива, како и со содржината на документот Основни начела за надградба на програмата за работа на Владата на Република Северна Македонија кој треба да се допрецизира и појасни со цел да стане составен дел од новата владина програма.
На средбата од страна на премиерот беше презентирано и дека договорот со Алтернатива за зајакнување на парламентарното мнозинство и на Владата значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните.
Заев додаде дека во овие моменти кога најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со КОВИД-19 пандемијата и се разбира глобалната енергетска криза.
Претседателот на Владата Заев информираше и за делот од договорот со кој Алтернатива презема одговорност за активностите во неколку министерства, институции или подрачни единици или одбори согласно претходно утврдени принципи за постигнување договор за проширување на мнозинството.
Целокупниот процес на одржување стабилност на централната власт во Северна Македонија и натаму ќе биде обезбедуван во духот на демократијата и заради стратешките цели на земјата, но и поради тоа што на граѓаните не им се потребни предвремени или вонредни парламентарни избори, туку стабилен период за остварување на приоритетите од владината програма, беше потенцирано на средбата од страна на премиерот Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Регионална иницијатива за превенција од пожари на Западен Балкан

Во услови на зголемени ризици од пожари, започна регионална иницијатива за подигање на свеста за управување со пожари на ниво на предел во земјите од Западен Балкан. Иницијативата, поддржана од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, има за цел да го поттикне интегрираното и одржливо управување со екосистемите, наместо традиционалниот пристап што се фокусира исклучиво на гаснење.
Пожарите оставија сериозни последици врз природата, економијата и животот на граѓаните, а над 90% од нив се предизвикани од човечка невнимателност — факт што укажува дека превенцијата е клучна.
Преку интерсекторска соработка, јакнење на локалните капацитети и активности на терен, иницијативата тежнее да создаде предели и заедници отпорни на пожари.
„Природата е наша заедничка одговорност. Со здружени напори можеме да постигнеме нула пожари предизвикани од човечки фактор,“ велат од Министерството.
Македонија
Гром го предизвикал пожарот во велешката фабрика, велат од „Мирана“

Удар од гром е причината за пожарот што синоќа избувна во дел од производствениот погон на „Биокосмос“ во Велес, информираат од компанијата „Мирана“ преку официјално соопштение.
Од ударот се оштетени дел од просториите на „Биокосмос“ и, како што посочуваат од таму, тие привремено ќе бидат надвор од употреба додека не се санира штетата.
Фабриката „Мирана“, која се наоѓа во истиот индустриски комплекс, не била зафатена од пожарот и производствениот процес таму продолжува непречено.
Во пожарот нема повредени лица.
Центарот за управување со кризи, претходно денес информира дека пожарот бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите на ЦУК, огнот зафатил магацински простор со фрижидери и канцеларии со документација, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Македонија
(Видео) Едниот качен на хауба, друг вози без дозвола – поднесени пријави за скопјаните кои дивееа низ улиците

Министерството за внатрешни работи поднесе пријави против двајца млади скопјани, откако на социјалните мрежи се појави видео од опасна и непромислена „возачка забава“ по скопските булевари.
Во видеото се гледа како едно лице стои на хаубата од автомобил во движење, а возачот, покрај тоа што управува без дозвола, вози и без регистарски таблици. Станува збор за 20-годишниот С.З. и 19-годишниот Р.Ѓ., двајцата од Скопје. Против нив се покренати поднесоци по неколку основи, вклучително и управување без возачка дозвола, загрозување на сопствената и туѓата безбедност, како и дозволување управување на лице без дозвола.
Од МВР информираат дека лицата биле веднаш повикани на службен разговор, а полицијата презема и дополнителни активности за целосно расчистување на случајот.