Македонија
Со плата под просекот половина од младите новинари сакаат да ја напуштат професијата
– Половина од анкетираните 54,5 би ја напуштиле професијата ако им се укаже можност
– 72,7 % од младите новинари немаат ментор кога почнуваат да работат
– 62 процента од новинарите на возраст од 18 до 35 години земаат плата пониска од просечната
Во време на светска пандемија и брз проток на (не)проверени информации на интернет како младите новинари и медиумски работници се соочуваат со предизвиците? Дали имаат финансиска поткрепа за справување со ценовните шокови иницирани од енергетската криза во државата? Зошто секој втор млад новинар сака да ја напушти професијата? Во анкетата на Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ), спроведена во октомври 2021 година, новинарите беа прашани за разни фактори што влијаат врз нивната работа. Во анкетата на која учествуваа 150 новинари и медиумски работници, 51,7 отсто oд анкетираните се на возраст од 18 до 35 години.
Младите новинари најприсурни на телевизија и на интернет
Иако интернетот денес сè повеќе го зазема приматот на главен извор на информации, сепак доминантен медиум во кој младите работат е телевизијата, односно 51,9 отсто од анкетираните. Втор по застапеност е токму интернет-просторот, каде што 40 отсто од младите новинари работат во портал. Само 6 отсто од анкетираните работат во радио, а еден отсто од анкетираните во печатен медиум.

Табела 1: Вид на медиуми во кои работат младите
Младите од 18 до 35 години, генерално, работат како новинари со полно работно време или 63,6 отсто од анкетираните. Според анкетата на ССНМ, има значително поголем број млади уредници отколку дописници. Девет од анкетираните лица одговориле дека работат како уредници во медиум, само еден од нив работи како дописник за национални и меѓународни медиуми, а 18 отсто од младите медиумски работници работат како сниматели, монтажери, фоторепорери и режисери.

Табела 2: Работна позиција на малдите новинари во медиумите
Голем процент од младите новинари не студирале новинарство
Поголемата достапност до образование на младите генерации се пресликува и во резултатите на анкетата, каде што 79 отсто од младите медиумски работници имаат високо образование, а само 3,8 отсто од нив се со вишо, односно 16,8 отсто со средно образование.
Повеќето од младите новинари имаат високо или вишо образование во областа на новинарството, односно 58,5 отсто. Сепак, високи 41,5 отсто од анкетираните студирале на разни факултети, со што се покажува дека работата во медиумите е привлечна и за младата популација од другите области.

Табела 3: Проценти на високо и вишо образование во областа на новинарството
Младите новинари на почетоците на својата кариера немале менторство од поискусните колеги. Дури 72,7 отсто од анкетираните одговориле дека немале назначен ментор што би ги вовел во работните обврски. Иако сопствениците и уредниците дозволуваат отсуство од работа за обуки, во најголем процент професионалното надградување останува задача на самите млади. Па, така, 56 отсто од анкетираните одговориле дека сами се снаоѓаат во пронаоѓање дополнително неформално образование.
62 процента од младите новинари имаат плата под просечната
Просечната месечна исплатена нето-плата на државно ниво, според податоците на Државниот завод за статистика, во септември 2021 година изнесувала 28.869 денари. Но, платата на повеќето од младите новинари, според анкетата на ССНМ, не ја достигнува оваа цифра. Шест отсто од анкетираните млади новинари одговориле дека земаат помалку од 25.000 денари, а дури 27 отсто од нив се платени помеѓу 15.000 и 20.000 денари. Престанатите 12,9 отсто одговориле дека нивната плата е од 25.000 до 30.000 денари, односно 24,6 отсто дека имаат плата повисока од 30.000 денари.

Табела 4: Месечни примања на малдите во денари
Плата на први е синтагма што за повеќето од младите новинари, за жал, не важи, односно 66 отсто од анкетираните одговориле дека платата jа добиваат до 15 во месецот. Само 26 отсто рекле дека ја земаат платата на први, а тројца испитаници рекле дека платата им доцни, односно дека ја земаат секој месец на друг датум. Ваквите трендови на исплаќање на новинарскиот труд ги прават 61 отсто од младите новинари главно незадоволни од примањата. За да ја изработат својата плата, 74 отсто од младите новинари одговориле дека во просек работат по 40 часа неделно и на 62 отсто од нив им е регистирано работното време.
Статусот на младите во медиумите доминантно е вработен/а на неопределено време, односно 50,6 отсто, а само 32,4 отсто од младите се вработени на определено време. Преостанатите 14 отсто, односно 2,5 отсто, работат хонорарно во еден, односно повеќе медиуми.
Новите генерации во борбата против лажните вести
Во новото динамично време, во кое најголем ден од информациите се добива преку интернет и каде што генерално не постои регулативна рамка што ја гарантира точноста, младите новинари според одговорите на анкетата се поставуваат како филтер пред конечното објавување. Дури 97 отсто од анкетираните новинари до 35 години одговориле дека не се соочиле со ситуација во која свесно пласирале дезинформација со цел зголемување на популарноста на нивниот медиум. Оние што имале такво искуство одговориле дека иницијативата за пласирање таква вест доаѓала од уредникот.
Младите новинари не се имуни на предизвиците од пандемијата
Како и во сите области на нашето живеење и работење, ниту новинарството не беше отпорно на промените што ги поттикна ковид-кризата. Шеесет и пет отсто од младите анкетирани новинари и медиумски работници одговорија дека известувањето за време на пандемијата имало влијание врз нивното ментално здравје. Стрес, анксиозност и страв за сопственото здравје се најчестите описи за тоа како се чувстувале младите новинари за време на извршување на работните обврски во пандемиски околности.
„Лошите слики што ги гледаме на екран или на некоја веб-страница не влијаат ни малку исто кога ги гледате пред ваши очи. Тоа не се заборава“, е една од изјавите на новинарите.
Пандемијата влијае и на другите медиумски работници кои на терен одблиску се соочуваат со вирусот и повеќето не се чувстуваат заштитени од ризикот за можна зараза при извршување на работните задачи. Дури 63,6 отсто од анкетираните одговориле дека работодавците немаат обезбедено осигурување во случај на повреда на работното место.
„Стравувам да не се заразам бидејќи нема никогаш реално решение за нас снимателите. Премногу тесни простории и слично“, коментира еден од снимателите на терен.

Табела 5: Повеќето од малдите би ја напуштиле професијата доколку се укаже можност
Сите овие фактори придонесуваат сè повеќе младите новинари и медиумските работници да размислуваат за алтернативна замена за својата професија, а 54,5 отсто од младите новинари одговориле дека би ги напуштиле медиумите доколку им се укаже можност.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојаноски: СДСМ ја напуштија седницата кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти
Лицемерието на СДС излезе на виделина, ја напуштија собраниската седница кога требаше да се разговара за Резолуцијата за наводни мигранти, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски.
„Откако устата им беше полна со наводни мигранти, кој ене ги чекале на граница, само што не дошле и што уште не излажаа, денес кога требаше да се дискутира во Собранието на таа непостоечка тема која тие ја отворија, тие го напуштија Собранието. Не само што избегаа од темата, како маче од куче, туку и фамозната Резолуција која ја предлагаа во јавноста и устата пена им фати од говорење дека била најдобрата, ја немаат ниту поднесено во Собрание“, рече Стојаноски.
Тој кажа дека Резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ која е поднесена и е на дневен ред, денес ќе биде изгласана и со тоа ќе ја затвориме измислената тема од страна на СДС за наводни мигранти во Македонија.
Македонија
СДСМ: Владата на Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови како во времето на Груевски
Свиркачи од Министерството за здравство информираат дека Владата на Христијан Мицкоски го враќа паралелниот увоз на лекови со сомнителен квалитет, кој беше укинат во времето на СДСМ, велат од опозициската партија.
„Еве како планира владата на Мицкоски да го направи тоа, со измена на член од Закон за до членство на ЕУ да може да тераат паралелен увоз. Не сакаат во ЕУ заради пари, тргуваат и со здравјето на луѓето. Информациите за намерите на власта ги потврдуваат и некои здруженија но и многу пациенти кои стравуваат од лекови со крајно лош квалитет опасни по здравјето. Токму преку паралелниот увоз на лекови власта на ДПМНЕ и Никола Груевски ги правеше најголемите криминали на штета на здравјето на граѓаните“, велат од СДСМ.
Од таму велат дека во 2016 бил откриен скандал дека во државава биле внесени фалсификувани лекови и тоа дел од нив биле откриени на Клиниката за онкологија каде се лекуваат пациенти болни од рак.
„Затоа СДСМ го забрани. Но, криминалот за ДПМНЕ е поважен од здравјето на граѓаните. Оттука се овие обиди на власта да го врати паралелниот увоз на лекови. Само заради бизниси со тендери. За пари. Ова се случува во време на корупциски скандали и обиди на власта да дефокусира од темите со мигрантите и недостатокот на пари. На мала врата буктаат вакви сериозни и големи работи. СДСМ ги поддржи сите акции кои ќе значат спречување на овој обид на власта да го врати паралелниот увоз и да ги загрози животот на пациените за пари“, наведува СДСМ.
Македонија
СДС да не го злоупотребува случајот со новороденчето за дневнополитички поени, бара ВМРО-ДПМНЕ
СДС да престанат да се однесуваат како хиени и чим дознаат за нечија смрт, да им се јавува павловиот рефлекс, и да се радуваат над нечија тажна судбина како што е случајот со новороденчето на Универзитетска Клиника за Гинекологија и Акушерство, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Она што е јасно како бел ден е дека сите неопходни протоколи се преземени и сите надлежни институции се известени. И доколку се утврди било каква човечка грешка истите ќе бидат отстранети и ќе има одговорност за причинителите за несреќата. Ниту ќе биде сокриен некој, ниту овој случај ќе биде заташкан како многу претходно кога Филипче беше министер за здравство. Тоа е важната разлика помеѓу оваа и претходната влада. Не е во ничиј интерес да се сокрие било што. Наместо сочувство до семејството, СДС прави политика од смртта на новороденчето. Тоа е за секаква осуда“, велат од партијата.

