Македонија
Интензивна соработка помеѓу институциите и невладиниот сектор за заштита на жртвите од семејно насилство
На конференција на тема „Жената како жртва на насилство- механизми за заштита и помош од институциите“, организирана денеска од страна на АУЕ – ФОН, учесниците истакнаа дека родово базираното насилство претставува посегање врз слобода и достоинство, една од најраспространетите форми на кршење на човековите права
Родово базираното насилство, односно насилството врз жените претставува посегање врз слобода и достоинство, една од најраспространетите форми на кршење на човековите права. Заштитата на жртвите на семејното насилство, проблем со којшто нашето општество се соочува и, за жал, има нагорен тренд во последните три децении, треба да се заснова за интензивна, планска и координирана соработка помеѓу институциите и невладиниот сектор. Бројот на осудени лица за семејно насилство е мал, што значи дека потребно е поголемо подигање на свеста за охрабрување на жените, но и на сите членови на семејството да го пријават ваквото девијатно однесување.
Ова е заклучокот од денешната конференција на тема „Жената како жртва на насилство – механизми за заштита и помош од институциите“, која што ја организираше Американскиот Универзитет на Европа – ФОН во рамките на кампањата „СТОП на домашното насилство. Биди храбра!“.
„Разбирањето на факторите кои придонесуваат за семејно насилство и факторите кои влијаат на жената да остане во насилна врска е важно за програмата за превенција, како и за изготвување план за третман на жените жртви на семејно насилство. Анализирајќи ги сите карактеристики на жртвата, всушност се поставува основата и за институционално дејствување. Тоа подразбира сеопфатна институционална соработка во насока на приближување на жртвата кон остварување на правдата и оневозможување за нејзино повлекување под страв и закани“, истакнаа во своето излагање Александра Србиновска-Дончевски, професор по комуникации и масовни медиуми, и Наташа Тодоровска, професор по казнено процесно право на Американскиот универзитет на Европа-ФОН.

Според последните податоци, во казнено-поправните установи во Република Северна Македонија казната затвор ја издржуваат вкупно 2045 осудени лица, од кои 26 се осудени лица поради семејно насилство во повеќе облици. Во КПД „Идризово“ казната затвор ја издржуваат и 2 жени кои извршиле кривично дело како резултат на семејното насилство.
Сите осудени лица, па и оние за семејно насилство, поминуваат низ процес на ресоцијализација со цел нивно полесно реинтегрирање, не само во семејството, туку и во општеството. Па така, според Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување на санкции во изминатиот период во КПД Идризово, жените меѓу кои осудени и за насилство, биле вклучени во повеќе активности за ресоцијализација.
„Во соработка со УНДП, организирани се стручни обуки со кои жените се стекнуваат со валидни сертификати за шивачки или фризерки, а дел од нив беа вклучени и во дооформување на основното образование. Овие активности, односно стручното оспособување на жените ќе им овозможи нивно полесно осамостојување и реинтегрирање во општеството по излегување од казнено-поправната установа, со што ќе доведе и до намалување на можноста да бидат жртви на семејно насилство“, истакна Марјан Спасовски, директор на Управата за извршување на санкции, говорејќи за третманот на лицата осудени за семејно насилство.
Полицијата најчесто прва доаѓа во контакт со жртвите на семејно насилство и постапува во случаите на семејно насилство. Затоа, според Јулијана Станчова, главен инспектор за семејно насилство во Единица за криминалистички работи при СВР Скопје, од исклучителна важност е да се работи на полето на сензибилизирање на полициските службеници за препознавање на семејното насилство и постапување со жртвите на семејно насилство, како и меѓуресорската соработка и вмрежување на институциите, сè во интерес на жртвите.
Конференцијата „Жената како жртва на насилство – механизми за заштита и помош од институциите“, којашто ја организираше Американскиот универзитет на Европа – ФОН во рамките на кампањата „СТОП на домашното насилство. Биди храбра!“ е на иницијатива на Билjaна Ангелова, сопруга на амбасадорот на Република Бугариjа во Скопје. Ангелова на денешната конференција истакна дека домашното насилство се случува 365 дена во годината и затоа за овој проблем општeството треба да биде гласно. Таа ги охрабрува жртвите на насилство отворено да зборуваат за проблемот со којшто се соочуваат, без страв, срам или осуда од околината. Ангелова на денешната конференција организирана од АУЕ – ФОН, ги повика сите заинтересирани граѓани на 12 декември да се приклучат на Маршот против насилството под мотото „Заедно сме посилни“ и тивко да им дадат поддршка на жените и децата жртви на насилство, којшто ќе се организира во неколку поголеми градови во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Малолетник сакал да се самоубие, МВР го спречи постапувајќи по објава оставена на социјалните мрежи
Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи интервенираше навремено откако беше забележана објава на социјалните мрежи што укажуваше на можност за самоубиство од страна на малолетен корисник.
Полицијата веднаш ги презеде сите неопходни мерки за утврдување на идентитетот и локацијата на лицето, кое за кратко време беше пронајдено. Малолетникот е во добра состојба, а родителите се известени и запознаени со понатамошните чекори за негово ментално здравје.
Овој настан уште еднаш ја нагласува важноста од внимателно следење на однесувањето на младите во дигиталниот простор. Родителите треба редовно да комуницираат со своите деца, да се интересираат за нивните активности на социјалните мрежи и да реагираат веднаш при забележување загрижувачки објави или несвојствено однесување – апелираат од Секторот за компјутерски криминал.
Апел е упатен и до пријателите, соучениците и сите корисници на социјалните мрежи: доколку забележат објави што упатуваат на самоповредување, безнадежност или најави за самоубиство, веднаш да ги искористат механизмите за пријавување на платформата или да известат родител, наставник или најблиска полициска станица.
-Навремената реакција може да спаси човечки живот. Секторот за компјутерски криминал ќе продолжи со засилени активности за рано откривање и превенција на ризични појави во дигиталниот простор, велат од МВР.
Македонија
Почна седницата на Советот за безбедност во Вила Водно
Почна седницата на Советот за безбедност што ја закажа претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на која на дневен ред е безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Претседател на Советот за безбедност е претседателката Гордана Сиљановска Давкова, а на седницата присуствуваат членовите на Советот за безбедност: претседателот на Собранието Африм Гаши, претседателот на Владата Христијан Мицкоски, министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, министерот за одбрана Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, министер за надворешни работи и надворешна трговија, како и Џевдет Хајредини, Малинка Ристевска Јорданова, и Владо Спиридонов.
Советот за безбедност е највисокото советодавно тело во државата, коешто ги разгледува прашањата сврзани со безбедноста и одбраната на Републиката и дава предлози на Собранието и на Владата.
Начинот на работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија, начинот на остварување на правата и исполнувањето на должностите на членовите на Советот, свикување и одржување на седниците, спроведувањето на заземените ставови, поведените иницијативи и дадените мислења и предлози, информирањето за својата работа, како и други прашања во врска со организирањето и начинот на работа на Советот, се определени со Деловник за работа на Советот за безбедност на Република Северна Македонија.
Седниците на Советот се затворени. Во одредени случаи седниците можат да бидат и јавни за што одлучува претседателот на Советот.
Македонија
Муцунски разговарал со шеикот Бин Зајед и дал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати
Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски денеска телефонски се слушнал со заменик-премиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан.
Муцунски ја истакнал целосната поддршка кон Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ) и изразил сочувство за жртвите од нападите.
„Министерот остро ги осуди нападите извршени од Иран врз Обединетите Арапски Емирати, оценувајќи ги како сериозна повреда на принципите на меѓународното право, вклучително и почитувањето на државниот суверенитет и територијалниот интегритет. Тој нагласи дека во услови на зголемени регионални тензии, неопходни се воздржаност, одговорност и дипломатски ангажман, со цел спречување понатамошна ескалација и зачувување на стабилноста и мирот во регионот“, се вели во соопштението на МНР.

