Европа
Банкнотите на еврото преку нов дизајн ќе промовираат различност и инклузивност

Европската централна банка (ЕЦБ) во понеделникот објави дека планира да ги редизајнира банкнотите на еврото во следните три години за да ги доближи до Европејците од сите возрасти и потекла.
Фокус групите на ЕЦБ ќе соберат јавни предлози за изгледот на новите банкноти во 19 земји кои досега го прифатија еврото, соопшти ЕЦБ. Новиот дизајн ќе ги замени прозорците, портите и мостовите од различни архитектонски стилови кои ги красат евробанкнотите од нивното воведување во 2002 година, пишува „Ројтерс“.
„По 20 години, време е да се преиспита изгледот на нашите банкноти за да им се доближи на Европејците од различни возрасти и потекла“, изјави претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард. Оригиналниот дизајн означува единство и отвореност, а во исто време е доволно апстрактен да не може да се поврзе со ниту една членка на Европската Унија.
Но во меѓувреме, многу владини агенции настојуваа да се нагласува различноста и инклузивноста при дизајнирањето на нови банкноти, а американското Министерство за финансии ја избра афро-американската активистка против ропството Хариет Табмeн за својата банкнота од 20 долари.
Советодавната група која се состои од експерти од секоја земја од еврозоната ќе ги скрати темите и ќе ги достави до Управниот совет на ЕЦБ, кој ќе побара јавно мислење пред да објави конкурс за дизајн. По дополнителна јавна консултација, Управниот совет ќе донесе конечна одлука до 2024 година. На последниот конкурс во 1996 година победи решението на австрискиот дизајнер Роберт Калина.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Европа
Германски министер за завршувањето на војната: Украинските отстапки се можни, но не сега

Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул изјави дека Европа не е само набљудувач кога станува збор за иднината на Украина. По средбата со колегите од ЕУ, Вадефул изјави за германскиот јавен радиодифузен сервис ZDF дека Европејците цврсто стојат заедно и дека затоа нивните гласови ќе бидат слушнати и во Вашингтон и во Москва.
Тој најави серија онлајн-состаноци утре, организирани од германскиот канцелар Фридрих Мерц, на кои ќе учествуваат лидерите на Франција, Велика Британија, Италија, Полска, Финска, генералниот секретар на НАТО и високи претставници на ЕУ, како и американскиот претседател, Доналд Трамп, и украинскиот претседател, Володимир Зеленски.
„Важно е Трамп да го чуе европскиот глас и добро е што Германија јасно го пренесува. Европејците имаат голема тежина, едноставно затоа што имаат заеднички став“, рече тој.
Вадефул нагласи дека Европа останува јасна дека преговорите за иднината на Украина може да се одржат само по договорено и почитувано примирје и дека самитот в петок би можел да биде само почеток на дискусиите за условите за почнување мировни преговори.
„Самиот факт дека Украина сега е подготвена да разговара за статус кво е веќе отстапка бидејќи Русија ја окупира украинската територија кршејќи го меѓународното право“, рече тој. Тој нагласи дека одлуките за иднината на Украина може да ги донесе само Киев. „Европејците не може да дозволат некој друг да одлучи за тоа. Ние нема да го сториме тоа ниту, пак, САД можат“.
Тој додаде дека идниот мировен договор може да вклучува отстапки од украинската страна, но дека ова е прашање за кое ќе се одлучува подоцна. Разговорите оваа недела, рече тој, служат за создавање фер услови за овие преговори.
Вадефул заклучи дека иднината на Украина е поврзана со европската безбедност и дека европските лидери нема да стојат настрана додека одлуките се носат зад наш грб. „Европејците ќе продолжат да стојат покрај Украина, како што правевме во текот на целата војна“, рече тој додавајќи дека Германија останува на чело на таа поддршка.
фото: принтскрин
Европа
Зеленски: Русија се подготвува за нова офанзива, а не за крај на војната

Украинскиот претседател Володимир Зеленски предупреди дека руската војска не се подготвува да ја заврши војната, туку презема чекори, што, како што вели тој, укажуваат на подготовки за нови офанзивни операции.
Во објава на социјалните мрежи тој им се заблагодари на лидерите на ЕУ за нивната поддршка за независноста и за територијалниот интегритет на Украина и нагласи дека единството на ставовите не смее да биде загрозено повикувајќи ги партнерите дополнително да го зголемат притисокот врз Русија.
I am grateful to the leaders of Europe for their clear support of our independence, territorial integrity, and precisely such an active approach to diplomacy that can help end this war with a dignified peace.
Indeed, we all support President Trump’s determination, and together…
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) August 12, 2025
„Заедно разговараме за прашања што се однесуваат на безбедноста на Украина и на Европа. Секоја одлука мора да придонесе за нашите заеднички безбедносни капацитети. И ако Русија одбие да го запре убивањето, таа мора да ја сноси одговорноста за тоа“, рече Зеленски.
Тој исто така го поддржа планот на американскиот претседател Доналд Трамп за одржување самит со рускиот претседател Владимир Путин. „Навистина, сите ја поддржуваме решителноста на претседателот Трамп и заедно мора да формираме ставови што нема да дозволат Русија повторно да го измами светот“, рече Зеленски.
Тој додаде дека сè додека војната и окупацијата продолжуваат, сите мора да продолжат со притисокот – преку воена сила, санкции и дипломатија. „Им благодарам на сите што помагаат. Мир преку сила“, заклучи украинскиот претседател.
фото: принтскрин
Европа
Топлотен бран на југот од Франција: 12 департмани во состојба на зголемена готовност

Франција денес очекува температури од исклучителни нивоа на југот, а Националниот метеоролошки институт стави дванаесет оддели во состојба на висока готовност. Се очекува температурите да надминат 40 Целзиусови степени, а на некои места дури и да достигнат 42 Целзиусови степена, објави „Метео Франс“.
„Можеме да се приближиме до рекордни нивоа и да забележиме невидени вредности, но националниот рекорд од 48 степени треба да остане недостижен“, изјави прогнозерката Кристел Роберт на прес-конференција синоќа.
На многу места веќе се измерени 40 степени во текот на викендот. Во департманот Л’Еро беа измерени 42,2 степена, во Пиринеи-Ориентали 41,3 степен и во Гард 40,9 степени. Топлотниот бран што го погоди поголемиот дел од јужна Франција во петокот сега се движи кон север, објави „Франс прес“.
Поголемиот дел од земјата ќе биде над 30 Целзиусови степени, со 38 во нејзиниот центар и 34 во регионот на Париз, објави „Метео Франс“.
Агенцијата во својот последен билтен објавен утрово соопшти дека се очекува сегашниот топлотен бран да трае најмалку до 15 август. „Ноќите ќе бидат доста тешки“, предупреди Роберт. Се очекуваат високи ноќни температури: за Париз следната вечер се прогнозираат температури над 20°C.
Овој топлотен бран, втор што ја погоди земјата ова лето по епизодата од 19 јуни до 4 јули, е исто така 51. регистриран од 1947 година, според „Метео Франс“.
фото: принтскрин