Економија
Шахпаска на состанок со Мисијата на ММФ: Во време на криза државата бележи најниско ниво на невработеност
Министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска, попладнево остварила онлајн состанок со Мисијата на меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од Бергљот Бјорнсон Баркбу, на кој меѓудругото, се разговарало за заздравувањето на економијата по пандемијата Ковид-19, вработеноста на младите, формализирањето на неформалната економија, како и движењето на работната сила на долг рок.
Како што информираат од ресорното министерство, Шахпаска посочила дека и во време на економска криза, предизвикана од здравствената криза, нашата држава бележи историски најниско ниво на невработеност од 15,9 проценти, што, како што рекла, е јасен показател дека политиките на Владата, како и шесте пакети економски мерки дале позитивен резултат.
„И минималната и просечната плата во изминатиов период имаат тенденција на раст. Позитивниот тренд на платите продолжи и во 2021 година, просечната нето-плата за септември 2021 година е за 5,3 проценти повисока во однос на истиот месец 2020 година. И во период на пандемија, во согласност со законската регулатива овозможивме усогласување и на минималната плата“, нагласила министерката.
Претставниците на мисијата на ММФ се интересирале какви мерки Владата презема за да им помогне на ранливите категории граѓани, во делот на потребите за електрична енергија и други енергенси.
Шахпаска информирала дека со измените на Законот за социјална заштита, во време на пандемија, за речиси 36.000 приматели на Гарантирана минимална помош, како и за околу 7.500 приматели на социјална пензија обезбеден е додаток од 1.000 денари за енергенс во текот на целата година, а не само за шест месеци како што било претходно.
„Дополнително, Владата подготвува Програма за енергетска поддршка која ќе го зголеми опфатот на граѓани на кои ќе им биде овозможена ваква поддршка“, нагласила министерката.
Шахпаска посочила и дека Владата преку систематски и мултисекторски пристап, како и преку повеќе мерки и проекти, работи на формализација на неформалната економија.
„Во тој контекст се и мерките предвидени во Оперативниот план на активни програми и мерки за вработување, потоа Стратегијата за социјално претприемништво и законската регулатива за социјални претпријатија на која во моментов работиме, а кои ќе овозможат активирање на пазарот на трудот на најтешко вработливите. Секако работиме и на јакнењето на свеста за придобивките од формализирање на неформалната економија, но и организиран пристап во дејностите како што се земјоделието и градежништвото каде што неформалната економија е најзастапена“, додала министерката.
Во однос на вработувањето на младите, таа нагласила дека младинските политики што ги спроведува МТСП и Владата даваат позитивни резултати, односно довеле до пораст на вработеноста кај младите од 15 до 29 години од 30,2 проценти во 2017 година, на 34,6 проценти во вториот квартал од 2021 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Покрај новите проекти мораме да враќаме и долгови на претходната Влада, најголем дел од еврообврзницата, околу 700 милиони евра се за тоа
„Покрај тоа што ние градиме вакви објекти, градинки, училишта, сали, автопати, железници, ние ги враќаме и долговите на претходната Влада. Минатата година во јануари месец вративме 500 милиони евра еврообврзница која ја земала претходната Влада, a со дел од овие пари, 700 милиони евра, ќе вратиме друга еврообврзница која претходната влада ја земала пред 4 години“, рече претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање за новата еврообврзница во текот на неговата денешна посета на дограденото основно училиште „Блаже Конески“ во Аеродром.
„Ако се работи посветено, чесно, нема идеални услови се разбира, но покрај тоа што треба да се испорачаат проектите и да се изреализираат, треба да се вратат и долговите и на претходната Влада. Јас уште на крајот на минатата година кажав дека ќе биде тешка година, но план имаме и средствата се обезбедени“, дополни премиерот Мицкоски.
Тој посочи дека врвни светски компании се дел од заемодавателите на оваа еврообврзница кои што никогаш досега не се појавиле на Балканот. Исто така повтори дека најголем дел од таа обврзница, околу 700 милиони евра ќе бидат насочени кон враќање на стари долгови.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.

