Култура
Од 17 до 23 декември Недела на полскиот филм во Кинотеката
Од 17 до 23 декември во Кинотеката ќе се одржи Неделата на полскиот филм, на која ќе бидат прикажани шест филма од современата полска кинематографија. Манифестацијата е во организација на Амбасадата на Република Полска и Кинотеката на Македонија и ќе биде отворена со „Не оставајте траги“, филм од 2021 година на Јан Матушински, полски кандидат за наградата „Оскар“.
Еколошки тероризам обвиенкан со мистеријата на трилер-жанрот, воената состојба во Полска во почетокот на осумдесеттите години на минатиот век и бруталниот однос кон неистомислениците на тогашната комунистичка власт, потрагата по Бога на алтернативен начин, предрасудите на црквата, бракот и семејството, сето тоа – со љубовта некаде помеѓу, се темите на шесте наслови на кинотечната програма, кои ветуваат дека ќе допрат до интересите и вкусовите на секој филмофил.
Авторите на филмовите се Агњешка Холанд (Agnieszka Holland), Јан Матушински (Jan P. Matuszynski), Јан Комаса (Jan Komasa), Малгоржата Шумовска (Malgorzata Szumowska), Марија Садовска (Maria Sadowska) и Томаш Василевски (Tomasz Wasilewski) и ако се земе предвид периодот во кој се продуцирани нивните филмови – последниве пет години – тогаш претставувањето на современата полска кинематографија во овој случај е повеќе од репрезентативно, велат организаторите.
Наградите што ги имаат добиено овие наслови на филмските фестивали во светот се изразени во трицифрени бројки. Три од авторите во оваа репрезентативна селекција се жени, но филмовите на Холанд, Шумовска и на Садовска докажуваат дека ним воопшто не им е потребна некоја политика на родова еднаквост бидејќи квалитетот на нивните дела говори повеќе од сите стратегии.
Во изборот на оваа Недела на полскиот филм се „Траги“ (Spoor/Pokot) на Агњешка Холанд, „Не оставајте траги“ (Zeby nie bylo sladów / Leave No Traces) на Јан Матушински, „Тело Христово“ (Boze Cialo / Corpus Christi) на Јан Комаса, „Обединетите Држави на љубовта“ (Zjednoczone Stany Miłości / United States of Love) на Томаш Василевски, „Уметноста на љубовта“: Приказна за Михалина Вислоцка (Sztuka kochania: Historia Michaliny Wislockiej / The Art of Loving: Story of Michalina Wislocka) на Марија Садовска и ЛИЦЕ (Twarz / Mug) на Малгоржата Шумовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Денес е Ден на македонскиот јазик
Петти мај е прогласен за „Ден на македонскиот јазик“. На овој ден во 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни 1945, е усвоен и Правописот на македонскиот јазик.
Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со делата на Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик.
Култура
Инспиративен настап на SIN PUSTINJE во Битола за Меѓународниот ден на џезот 2024
МКЦ-Битола по јубилеен 10-ти пат го одбележа Меѓународниот ден на џезот во Битола 2024. Во прекрасниот амбиент на кафе барот Порта Џез, Ахмед Буриќ, Дамир Имамовиќ, Тони Китановски и Иван Михајловиќ приредија несекојдневно музичко поетско доживување.
Во проектот станува збор за искуството и интерпретацијата на музиката и поезијата која ги сумира различните интереси и вештини на уметниците кои досега ги познававме од другите жанрови. На концертот Буриќ, Имамовиќ, Китановски и Михајловиќ изведоа дванаесеттина песни од нивниот прв албум, како и некои други делови кои на изведбата во живо му дадоа комплетна форма и магична атмосфера.
Овој концерт по десетти пат ја стави Битола на глобалната мапа на градови кои го одбележуваат Меѓународниот ден на џезот и ги слават вредностите кои тој ги промовира. Битола ја ставаме на иста линија со светските метрополи кои имаат почит кон уметноста како начин на живот и извор на енергија не само за уметниците туку и за обичните граѓани.
Концертот се организира со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општина Битола.
Култура
Вердиевата спектакуларна опера „Трубадур“ на 11 мај на „Мајските оперски вечери“
На 11 мај со почеток во 20.00 часот ќе се изведе спектакуларната опера „Трубадур“ од Џузепе Верди, во рамките на 52. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“. Билетите за премиерната изведба на „Трубадур“ на 9 мај се распродадени.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираниот македонски режисер, Иван Поповски кој живее и работи во Москва повеќе од две децении и за своите врвни уметнички достигнувања е добитник на највисоки признанија во Русија и низ светот и за првпат поставува опера на македонската сцена. Сценографијата е на Миодраг Табачки од Србија, костимографијата е на Марија Пупучевска, а кореографијата на Саша Евтимова.
Во улогата на Манрико ќе настапи гостинот од Чиле, Филипе Рохас, тенор кој настапувал на повеќе светски сцени, во улогата на Гроф Луна ќе настапи нашиот баритон Ристе Велков, во улогата на Леонора ќе настапи гостинката од Канада Криста де Силва, драмски сопран препознатлива по нејзините темни мистични бои. Во улогата на Ацучена ќе настапи, Сања Анастасиа, мецосопран, првенка на операта во Народниот театар во Белград. Во улогата на Ферандо ќе настапи нашиот бас, Владимир Саздовски кој е чест гостин на светските оперски сцени. Во останатите улоги ќе настапат: Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Тихомир Јакимовски и Дејан Стоев во придружба на хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Романтична љубов, смртна љубомора и oдмазда се движечките драмски елементи на операта „Трубадур“ од италијанскиот музички мајстор Џузепе Верди. Операта се одликува со прекрасна музика и спектакуларно предводени вокални делови кои пренесуваат силни емоции, додека исклучително сложената приказна изобилува со огнена страст.