Македонија
(Видео) Ковачки: Институциите молчат за скандалот со еден тон дрога на скопскиот аеродром
Застрашувачки е молкот на институциите за скандалот со 1 тон дрога, кој бил внесен во државата преку скопскиот аеродром пред еден месец. Молкот на МВР, Царината и на Обвинителство доволно говори дека институциите се обидуваат овој скандал да го забошотат и да го прикријат, а причината за тоа е дека има сериозен сомнеж за поврзаност на власта со него, истакна на денешната прес-конференција Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Институциите не демантираа дека во Царината имало вонредни состаноци како да се забошоти ваквиот скандал ниту, пак, беше демантирано дека биле вршени притисоци врз вработените да молчат. Молкот говори дека ова е голема афера. Ова само покажува дека во Македонија нема правна држава, нема борба со организираниот криминал на власта, нема слободни правосудни органи и нема владеење на правото“, рече Ковачки.
Во Македонија, смета тој, има спрега на мафијата и на институциите. Затоа, според него, Македонија е на 111. место во борбата против корупцијата во светот и сме последни во Европа.
„Во Македонија за само неколку месеци се случи скандал со доделување официјални македонски пасоши на странски наркомафијаши, се случи пробиената акција ‘Планина’ и се случи скандал со пратка на марихуана во близина на Прилеп, во која беа фатени близок човек на семејството Заеви и началник на прилепската полиција. Ова само говори дека Македонија е претворена во земја во која наркокартелите се директно поврзани со моќници на власта и имаат слобода да прават што сакаат. Јавноста заслужува одговори и некој мора да понесе одговорност“, истакна Ковачки.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со повремен локален дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со повремен локален дожд. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 7 до 11, а максималната ќе достигне од 11 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно со услови за повремен дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до 9, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Вo среда ќе има врнежи од дожд, локално пообилни (над 25 l/m²), особено попладне и во текот на ноќта, кога во западните делови ќе преминуваат во снег. Ќе дува засилен ветер од јужен правец (над 60 km/h). Поради продор на постуден воздух и засилен северен ветер во четврток врнежите ќе бидат претежно од снег. Во западните делови се очекува да се формира нова снежна покривка. Во петок ќе има преодно стабилизирање на времето, а во деновите од викендот повторно ќе има локални врнежи од дожд и снег.
Македонија
Посебен сообраќаен режим денеска во Скопје
Денеска, по повод големиот христијански празник Бадник на подрачјето на град Скопје ќе се одржи „Бадникова манифестација“ во склоп на „Бадникови Поворки“ со траса на движење од пред општинската зграда на општина Кисела Вода, по ул.„Борис Трајковски“, лево по бул.„Македонија“, во продолжение по ул.„Св. Кирил и Методиј“ до пред Музеј на град Скопје, потоа на ул.„Македонија“ во продолжение се до плоштад „Македонија“ каде што ќе се одржува централната манифестација.
Од тие причини Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе преземе мерки за пренасочување на сообраќајот како и мерки за посебен режим на сообраќај на сообраќајниците каде што ќе се движат Бадниковите Поворки и околу верските објекти.
– Апелираме до сите учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници, велат од МВР.
Македонија
Бесплатен превоз за сите граѓани до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“
Општина Битола и јавното претпријатие „Пелалинк“ и оваa зима за време на зимскиот распуст за учениците, но и за сите граѓани ќе обезбеди бесплатен превоз до ски центрите на Баба Планина.
„На 8 и 9 јануари ( четврток и петок ) бесплатно можете да одите до ски центрите кај Нижеполе и кај хотелот „Молика“ и да уживате во убавините на планината“, велат од Општината.
Линијата број 1 за до Нижеполе тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Спортската сала, а линијата број 2 е за до хотелот „Молика“ и тргнува во 8:00 часот од паркингот кај Новиот пазар.
Враќањето на двете линии е во 13:00 часот.

