Црна хроника
Истрага против двајца скопјани што пренесувале над 150 килограми дрога
Скопското Основно јавно обвинителство ќе спроведе истрага со која се опфатени двајца скопјани за кои постои сомнение дека сториле кривично дело неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги.
Еден од осомничените се гони и за кривично дело неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје.
Како што информираат од Обвинителството, двајцата осомничени скопјани, на возраст од 30 и 51 година, во два автомобила на автопатот „Пријателство“, во правец од Скопје кон Велес, пренесувале марихуана, која била пронајдена и одземена при извршена полициска контрола.
Во првиот автомобил „фолксваген туран“ била пронајдена вреќа со 92.447 грама марихуана, а во вториот автомобил „опел зафира“ биле откриени 60.540 грама марихуана спакувани во патна торба.
Со наредба издадена од Основниот кривичен суд Скопје, извршен бил претрес и во домовите на двајцата осомничени, при што во домот на 30-годишникот во Визбегово биле пронајдени уште 16.213 грама марихуана, но и 11 куршуми во калибар 7,62 Х 39 милиметри, кои неовластено ги држел.
Надлежниот јавен обвинител до судија на претходна постапка доставил предлог за определување притвор за двајцата осомничени ценејќи дека постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоци и особени околности што упатуваат дека би можеле да го повторат кривичното дело.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Топ
Работник од Дебар загина по несреќа на градилиште, починал на пат кон болница
Работник од Дебар го загуби животот по несреќа на градилиште што се случила вчера претпладне.
Како што било пријавено во ОВР Дебар околу 11:35 часот од Итната медицинска помош, 40-годишниот С.К. од Дебар починал на пат кон болницата во градот. Според информациите, околу 11:15 часот тој паднал од зграда во изградба на улицата „Братство единство“ во Дебар, каде што бил ангажиран на работа.
По несреќата, повредениот бил пренесуван кон болницата, но им подлегнал на повредите за време на транспортот.
На местото на настанот излегле трудов инспектор и јавен обвинител, а по нивна наредба телото на починатиот е предадено на обдукција. Увид на локацијата извршила екипа од ОВР Дебар.
Црна хроника
Две жени тешко повредени додека се движеле пеш во одделни сообраќајни несреќи во Скопје
Во два одделни сообраќајни инциденти што се случиле вчера во Скопје и околината, две жени пешаци се здобиле со тешки телесни повреди, по што биле пренесени на лекување.
Првата несреќа била пријавена во раните утрински часови. Околу 06:50 часот, во селото Петровец, во општина Петровец, патничко возило „шкода“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 46-годишниот Д.К. од Петровец, удрило во 61-годишната Ј.Ц. од Скопје. Жената се здобила со тешки телесни повреди, кои биле констатирани во Градска општа болница „Св. Наум Охридски“. На местото на настанот бил извршен увид од увидна екипа на СВР Скопје.
Неколку часа подоцна, околу 12:00 часот, уште една жена била тешко повредена во сообраќајна несреќа во Скопје. На крстосницата меѓу улиците „Московска“ и „Женевска“, патничко возило „цитроен“ со скопски регистарски ознаки, управувано од 54-годишниот В.Т. од Скопје, удрило во 74-годишната Љ.В., исто така од Скопје. И во овој случај, повредите биле оценети како тешки и биле констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Увид на местото извршила увидна екипа од СВР Скопје.
Се преземаат мерки за целосно расчистување на двата случаи.
Црна хроника
Уапсени крадци од Куманово и кумановско, следуваат соодветни пријави
Ноќеска во 01:45 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода 30-годишниот А.С. од село Романовце, кумановско. Тој е затекнат во куќа во село Романовце, сопственост на Х.Ш., при обид да одземе предмети.
Вчера во 16:40 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишија од слобода 32-годишниот У.З. од Куманово. Тој се сомничи дека на 01.01.2026 со употреба на сила влегол во деловен простор на плоштад „Нова Југославија“ во Куманово и одзел предмети.
Тие се приведени во полициска станица и по целосно документирање на случаите против нив ќе следуваат соодветни пријави.

