Свет
Убиени 16 лица во џамија во Нигерија
Вооружени напаѓачи убија 16 верници во џамија во село во северна Нигерија и киднапираа многу луѓе, изјави локален официјален претставник.
Нападот врз селото во државата Нигерија синоќа траел со часови, пренесува АП.
Десетици напаѓачи пристигнале со мотоцикли и дивееле низ селото убивајќи луѓе што се молеле во џамијата и ограбувале. Не е познато колку луѓе се киднапирани.
Полицијата потврди дека имало напад и дека се убиени девет лица, наведува АП и додава дека полицијата претходно била обвинета за намалување на бројот на жртвите во таквите напади. Нападот е последен во ескалацијата на насилството во северозападна Нигерија, каде што вооружени групи напаѓаат оддалечени населби убивајќи и киднапирајќи жители за откуп.
Напаѓачите се претежно млади мажи од етничката група Фулани, кои традиционално се номадски сточари и се во повеќедецениски конфликт со луѓето од Хауса, кои се занимаваат со земјоделство, поради вода и пасишта.
Нигериските безбедносни сили се преокупирани повеќе од една деценија со борбата против исламските екстремисти во североисточниот дел на земјата. Во многу оддалечени населби во северна Нигерија вооружените групи се помногубројни од безбедносните сили.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
САД ја проширија листата на држави: гаранција до 15.000 долари за американска виза
Државјаните на уште 25 земји, меѓу кои и Венецуела, може да мора да положат гаранција до 15.000 долари за да добијат американска виза, соопшти американскиот Стејт департмент. Со ова, листата опфаќа вкупно 38 држави, претежно од Африка, Латинска Америка и Јужна Азија. Новите правила стапуваат на сила на 21 јануари.
Гаранцијата ќе изнесува 5.000, 10.000 или 15.000 долари и ќе се утврдува при интервјуто за виза Б1/Б2, а уплатата ќе се врши преку платформата Pay.gov. Мерката е дел од пилот-програма започната во август, чија цел е да се спречи пречекорување на дозволениот престој.
Администрацијата на Доналд Трамп ја оправдува мерката со зајакнување на безбедноста, додека организациите за човекови права ја критикуваат како рестриктивна.
Фото: pexels
Свет
Трамп: Постигнавме договор за нафтата од Венецуела, ние ќе ги контролираме приходите
Каракас и Вашингтон постигнаа договор за извоз на венецуелска сурова нафта во САД во вредност до две милијарди долари, изјави вчера американскиот претседател Доналд Трамп, наведувајќи дека ова ќе го пренасочи снабдувањето од Кина и дека Венецуела ќе избегне големи намалувања на производството на нафта.
Трамп изјави дека договорениот обем е помеѓу 30 и 50 милиони барели нафта под санкциите на САД.
Според него, нафтата ќе се продава по пазарна цена, а приходите ќе бидат контролирани од САД. Спроведувањето на договорот го води американскиот секретар за енергетика Крис Рајт, а нафтата ќе биде насочена од танкерите директно кон американските пристаништа.
Поради извозното ембарго воведено во средината на декември, Венецуела има милиони барели нафта складирани на танкери и во резервоари што не можеше да ги испорача. Дел од испораките што сега треба да завршат во САД првично беа наменети за Кина, најголемиот купувач на венецуелска нафта во последните години.
Цените на суровата нафта во САД паднаа за повеќе од 1,5 проценти по објавувањето на договорот, поради очекувањата за зголемување на количината на венецуелска нафта на американскиот пазар.
Извозот на венецуелска нафта во САД моментално е целосно контролиран од „Шеврон“, единствената американска компанија со лиценца за извоз, која испорачува помеѓу 100.000 и 150.000 барели дневно. Не е познато дали Венецуела ќе има пристап до приходите од продажбата, бидејќи сметките на државната нафтена компанија PDVSA се замрзнати поради санкциите на САД.
Венецуела ја продава својата главна мешавина „Мери“ со попуст од околу 22 долари за барел во однос на „Брент“, со што вредноста на договорот изнесува максимум 1,9 милијарди долари.
Министерот за внатрешни работи на САД, Даг Бургум, изјави дека зголемениот проток на тешка венецуелска нафта до рафинериите на брегот на Мексиканскиот Залив би бил корисен за американскиот пазар на гориво и за венецуелската економија. Американските рафинерии во областа увезуваа околу 500.000 барели венецуелска нафта дневно пред воведувањето на санкциите.
Европа
Коалицијата на волните договори што по мирот во Украина
Триесет и пет земји од таканаречената Коалиција на волните во вторникот ја поддржаа Париската декларација во која се детално опишани „силните безбедносни гаранции за цврст и траен мир“ во Украина, вклучително и распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот, објави францускиот претседател Емануел Макрон.
Безбедносните гаранции што земјите од коалицијата, првенствено европските, планираат да ги обезбедат со поддршка од САД по евентуалното завршување на непријателствата „се клучни за да се обезбеди дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи предавање на Украина и дека ниту еден мировен договор никогаш не може да значи нова закана за Украина“ од Русија, изјави Макрон на прес-конференција.
Макрон, британскиот премиер Кир Стармер и украинскиот претседател Володимир Зеленски потпишаа политичка декларација што вклучува распоредување на мултинационални сили по прекин на огнот во Украина.
Претставници на 35-те земји-членки на Коалицијата на волните се собраа во вторникот во Париз за да разговараат за начините за одржување на мирот во Украина во случај на прекин на огнот. Зеленски зборуваше на состанокот, а учествуваа и американскиот претставник за преговори со Русија, Стив Виткоф, и Џаред Кушнер, еден од преговарачите.
Зеленски по состанокот изјави дека сојузниците од Киев го дефинирале начинот на кој европските сили за одвраќање ќе дејствуваат во Украина по прекинот на огнот, како и кои земји ќе учествуваат во него.
Тој додаде и дека Украина водела конкретни разговори со САД за следење на прекинот на огнот и дека смета на наскоро потпишување на безбедносните гаранции.
Некои земји, исто така, веднаш по состанокот изјавија дека нема да испраќаат војници, вклучувајќи ја и Италија, додека Шпанија и Европската Унија изјавија дека имаат намера да го сторат тоа.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони изјави дека ги информирала европските сојузници на Украина и американските претставници дека ја исклучува можноста за испраќање италијански копнени сили како дел од безбедносните гаранции во Киев во случај на прекин на огнот со Русија.
„Потврдувајќи ја италијанската поддршка за безбедноста на Украина, премиерката Мелони ги повтори клучните точки од ставот на италијанската влада, особено исклучувањето на можноста за распоредување италијански копнени сили“, објави нејзиниот кабинет во соопштение по состанокот.
Германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека германските сили би можеле да учествуваат во меѓународните сили, но надвор од Украина.
Шпанија, од друга страна, објави дека ќе предложи учество на својата армија во консолидирањето на мирот во Украина по постигнувањето прекин на огнот, изјави шпанскиот премиер Педро Санчез на прес-конференција во вторник по состанокот во Париз.
„Шпанската влада ќе предложи да ја отвориме вратата за воено учество во Украина“, рече Санчез, додавајќи дека ќе ја разговара можноста со главните политички партии во земјата.
Порака од Брисел
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, во вторник изјави дека Европската унија е подготвена да го поддржи мировниот договор во Украина со цивилни и воени мисии на терен.
„Ќе помогнеме преку цивилните и воените мисии на Европската унија на терен. Украина мора да биде во најсилната можна позиција пред, за време и по какво било прекин на огнот“, рече Коста по состанокот со Зеленски во Париз, одржан како дел од самитот на коалицијата на волните.

