Македонија
Јакимовски: Нема да дозволам да се гради во Тафталиџе 1, граѓаните да имаат доверба
По презентацијата на урбанистичките планови пред Советот на Општина Карпош и по шпекулациите во јавноста дека ќе има нова градежна експанзија во населбата Тафталиџе 1, градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски, денеска на социјалните мрежи вети дека во овој дел од општината нема да дозволи да се изгради ниту еден нов објект.
„Вистината е следна. Одговорно им тврдам на жителите на Тафталиџе 1 дека нема да се гради ниту еден објект на улиците Букурешка и Варшавска, иако се ставени во овие предлог-планови што ги гледавме во изминатиот период. Граѓаните треба да имаат доверба во својот градоначалник. Тоа што е ветено, ќе биде и исполнето од моја страна. Во други делови ќе пристапиме со огромна внимателност пред што и да било да треба да се прави затоа што пораката на граѓаните ни е јасна, а истовремено и нашите размислувања одат во таа насока. Поради тоа, не треба никој да се плаши ниту да го брани Тафталиџе од мене“, вели Јакимовски во краткото видео објавено на неговата фејсбук-страница.
Во однос на реакциите во врска со објектот популарно наречен „Домче“, односно поранешниот објект на месната заедница во Тафталиџе, градоначалникот Јакимовски објасни дека станува збор за посериозен проблем во кој сопственикот на имотот, Социјалистичката партија на Македонија (СПМ), во моментот ја тужи Општината затоа што претходниот градоначалник потпишал договор за комуналии што биле уплатени од страна на сопственикот, а потоа не им издал градежна дозвола.
Поради тоа, СПМ сега бара отштета во висина од 200 милиони денари. Јакимовски вети дека ќе стори сѐ да најде решение за „Домче“ заедно со граѓаните, при што никој нема да биде оштетен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
„Ако лажат британските медиуми и „нема легални и нелегални мигранти“ – Мицкоски нека ја потпише Резолуцијата!“, бара СДСМ
„Христијан Мицкоски тврди дека британските медиуми, кои објавија дека се договара прифаќање мигранти во Македонија за пари, лажат. Исто така, тврди дека „нема легални и нелегални мигранти“. Значи, според Мицкоски, сите лажат“, велат од СДСМ.
„Ако е навистина така, тогаш зошто Мицкоски не ја потпишува Резолуцијата? Што чека? Зошто одолговлекува и бега?
Еве, нека ја потпише Резолуцијата на СДСМ. Со само еден потпис ќе ги расчисти сите сомнежи и дилеми.
Ние сме конструктивни и транспарентни од првиот ден. Резолуцијата е јавно објавена и сите ја видоа.
Граѓаните бараат дела – конкретен чекор од Мицкоски, а не празни зборови.
Затоа што за граѓаните неговите зборови одамна не важат, поради сите ветувања што не ги исполни. Како и ветувањето дека ќе се повлече од политиката ако се докаже поврзаност со Агенцијата за обезбедување во Кочани. А има и многу други неисполнети ветувања. Списокот е долг.
Мицкоски веднаш нека ја потпише Резолуцијата, а не да ја руши со контра Резолуции. Потпиши и нема мигранти. Толку е едноставно.
Ако одбива да потпише – тогаш сè е јасно: Мицкоски не ја зборува вистината, а договор за мигранти сепак има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.

