Македонија
Весковски: Ниту еднаш не сум искористил пари од „ЈП Водовод“ за кафе, кафеани

„Во изминативе четири години ниту еднаш лично не сум искористил средства од ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје за кафе, кафеани и ресторански услуги. Само за споредба, во 2016 година, кога на чело на претпријатието е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, за спонзорства и донации се потрошени 19.170.983 денари, а во 2021 година се потрошени 2.235.170 денари, средства кои се искористени за потребите на синдикатот на претпријатието со што се изврши реновирање на одморалиштето во Претор кое го користат вработените на ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје“, вели Весковски.
Додава дека никогаш во изминативе четири години не користел службен мобилен апарат и не трошел средства на претпријатието за набавка на скапи мобилни телефони.
„Согласно извештајот за работењето на претпријатието за период од 01.01.2021 заклучно со 31.09.2021 година ЈП ‘Водовод и канализација’ – Скопје има остварено добивка во висина од 59.033.858 денари. Како во изминативе три години така и оваа година извршена е ревизија за работата на претпријатието од страна на независна надворешна ревизорска куќа која нема забелешки за работата на претпријатието. Ваквите паушални и манипулативни толкувања на извештајот за работата на претпријатието од страна на советниците на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје и портпаролот Наум Стоилковски се дадени како резулат на внатрепартиската пресметка за избор на директор на ова јавно претпријатие“, подвлекува Весковски.
Вели дека во ниту еден случај нема да дозволи најтранспарентното јавно претпријатие во државата и тој лично да бидат предмет на дневно политичката кампања на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Осомничен за трговија со дрога ја искинал наредбата за претрес во неговиот дом

Oбвинителството поведе истрага против едно лице за неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги. Тој е осомничен и за одземање или уништување службен печат или спис.
Осомничениот, во својот дом во Гевгелија, неовластено заради продажба држел 26,42 грама наркотична дрога кокаин. Дрогата и повеќе други предмети со траги од кокаин биле пронајдени на 1 август, при претрес во неговата јакна закачена во ходникот од семејната куќа.
При претресот, полициските службеници на осомничениот му ја предале и прочитале издадената наредба за претрес од судијата на претходна постапка при Основниот суд Гевгелија. Наредбата примена во МВР и со службен печат на МВР, тој ја зел и ја искинал пред службените лица и на тој начин оштетил спис кој припаѓа на државен орган, односно наредба издадена од Основен суд Гевгелија и примена од МВР ОВР Гевгелија.
Бидејќи постојат законски основи, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка достави предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
Македонија
Цела ноќ борба со огнот во велешката фабрика – изгореа магацин со фрижидери и канцеларии со документи

Пожарот што синоќа избувна во фабриката за прехранбени производи „Мирана“ во Велес бил целосно локализиран рано утрово, околу 4 часот. Според информациите од надлежните, огнот зафатил магацински простор и канцеларии, а на неколку места сè уште се забележува слабо чадење.
Пожарот бил пријавен околу 22 часот. Горел магацин каде што имало пластична амбалажа, фрижидери и друг материјал, како и канцелариски простории со документација.
Во гаснењето учествувале три противпожарни возила од ТППЕ Велес со екипи од три смени, возило од ЈКП „Дервен“, како и две специјални возила на Дирекцијата за заштита и спасување. На терен биле и шестмина полициски службеници од Велес.
Иако пожарот е ставен под контрола, службите сè уште се на терен за да спречат повторно разгорување, со оглед дека на одредени локации сè уште се јавуваат чадења.
Причините за избувнувањето на пожарот сè уште се испитуваат.
Македонија
Голем пожар во фабрика во Велес

Синоќа избувна голем пожар во фабриката за храна „Мирана“, лоцирана во индустрискиот блок на Велес, потврдија надлежните.
На барање на Територијалната противпожарна единица Велес, привремено беше исклучена електричната енергија во фабриката.
„Во Велес, кај индустрискиот блок, опожарена е фабриката ‘Мирана’. По барање на ТППЕ Велес, исклучена е струјата во фабриката. Единиците за гаснење на пожарот се на терен“, информираше директорот на ЦУК, Мухамед Али.
Директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, информираше доцна синоќа дека нема информации за повредени лица при пожарот.
Причините за избувнувањето сè уште не се познати.