Македонија
Стоилковски: Дали ЈП Паркови и зеленило ќе нема пари за плати заради партиски вработувања?
Според извештаите поднесени до градското собрание за работата на јавните претпријатија, може да се заклучи дека се работело недомаќински и истите служеле само за вработувања и предизборни активности, обвини денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој како пример го истакна ЈП Паркови и Зеленило кое, како што рече, има дури 26 лица вработени во секторот финансии.
„Претпријатието годинава, според она што го поднесоа до градското собрание, има добивка на исто ниво како лани, кога половина година не се работеше и државата беше во карантин. Затоа пак, трошоците за плата за вработени се со раст од 5,6%, или речиси 10 милиони денари, а наведени се и ‘Останати трошоци за вработени’ со неверојатна разлика од 90% споредено со ланските 9 месеци. Речиси дојно. Од нив, од овие 90% најмногу се дадени за времени вработувања преку агенциите или повторно има зголемување за 10 милиони денари пари за привремени вработувања. Значи за 9 месеци се исплатени 20 милиони денари повеќе за плати. 10 милиони за привремени вработувања, онолку колку што има зголемување за платите за вработените“, посочи Стоилковски.
Тој кажа дека според извештајот поднесен пред Советниците во Град Скопје, споредбениот НЕТО ефект на претпријатието од лани е само 3.823 денари.
„Годинава бришени се долгови, трикратно се даваат пари за нотарски трошоци заради зголемени побарувања од други јавни претпријатија, најмногу Водовод со 43 милиони денари, што значи дека до крајот на годината со вакво темпо ЈП Паркови и зеленило или ќе нема пари за плати или ќе се стави на товар на Град Скопје“, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ и јавно запраша дали Паркови и Зеленило годинава било ставено во функција на локалните избори, додавајќи дека зголемени расходи за редовни плати и за привремени вработувања, значи ангажирање на сезонски работници пред изборите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Работниците се двојно попродуктивни од она што го добиваат преку платите, велат од ССМ
Македонските работници создаваат повеќе од двојно поголема економска вредност од она што го добиваат како плата, покажуваат податоците на Меѓународната организација на трудот (ILO), кои денеска ги посочи Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).
Според индикаторот за бруто домашен производ по одработен час, продуктивноста во Македонија изнесува околу 34 американски долари по час, што е над светскиот просек од 23,27 долари. Пресметано на месечно ниво, со просечни 168 работни часови, еден работник создава 297.024 денари економска вредност.
Наспроти тоа, нето минималната плата во државата изнесува 24.379 денари, што значи дека работник кој зема минимална плата добива само 17 проценти од вредноста што ја создава.
Од ССМ оценуваат дека распределбата на создадената вредност е „непропорционална и неправедна“, при што најголемиот дел завршува во профит, инвестиции, амортизација, даноци и други капитални трошоци, а не кај работниците.
-Очигледно е дека обидите да се сопре растот на минималната плата не произлегуваат од продуктивноста на работниците, туку од тоа колку се богати газдите и функционерите на сметка на работничкиот труд, наведуваат од ССМ.
Според синдикатот, продуктивноста на македонските работници е повисока од онаа во дел од земјите во регионот, како Црна Гора, Србија, Босна и Албанија, а блиску до нивото на Бугарија. Сепак, минималната плата во Македонија останува значително пониска од повеќето соседни земји.
ССМ заклучува дека работниците се експлоатирани, а ваквата состојба, според нив, е поддржана од страна на работодавачите и институциите, нагласувајќи дека во државата постои економски простор за поголем раст на платите.
Македонија
Осомничениот за убиството за жената од Челопек е поврзан и со други кривични дела
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Куманово изврши увид на лице место во селото Челопек, каде беше пронајдено безживотно тело на 78-годишна жена, за која постојат сомненија дека насилно била лишена од живот.
Од Обвинителството информираат дека се издадени повеќе наредби за обезбедување докази и траги од местото на настанот, кои ќе бидат предмет на дополнителни вештачења со цел целосно расчистување на случајот.
Во врска со настанот, едно лице е лишено од слобода под сомнение дека е сторител на кривичното дело убиство. Постојат индиции дека истото лице во претходниот период можеби било инволвирано и во други кривични дела на подрачјето на кумановско, поради што, по наредба на јавен обвинител, се преземаат интензивни дејствија за утврдување на сите околности и евентуалната поврзаност меѓу настаните.
Од Обвинителството посочуваат дека по целосно испитување на фактите и прибирање на сите релевантни докази ќе биде поведена соодветна постапка против осомниченото лице.
Македонија
Мицкоски: Пораките на Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници
Пораките на американскиот државен секретар Марко Рубио од Минхенската безбедносна конференција се јасен сигнал за сите сојузници, светот веќе не функционира по старите правила. Како Влада, продолжуваме посветено да го зајакнуваме нашето место во трансатлантската заедница.
Подготвени сме да одговориме на предизвиците, да ја модернизираме нашата одбрана и да обезбедиме сигурна иднина за нашите граѓани, објави премиерот Христијан Мицкоски, од Минхен.
Мицкоски од вчера престојува во повеќедневна посета на Сојузна Република Германија, каде што учествува на 62. Минхенска безбедносна конференција, на која, како што соопшти владината прес-служба, ќе ја реафирмира определбата на државата за предвидлив и фер процес на интеграција во Европската Унија, без дополнителни билатерални условувања.

