Регион
Во Србија проблеми со струјата и сообраќајот поради обилните врнежи од снег

Во поголем дел од Србија врне снег, температурите се околу нулата, а поради обилните снежни врнежи сообраќајот се одвива отежнато. Без струја останаа речиси 3.000 потрошувачи на Златибор, а проблеми со електричната енергија има и во Моравичкиот округ и Студеница. Електричната мрежа на места е оштетена од тежината на снегот. Струја нема ниту во приградските населби, пренесуваат медиумите во регионот.
Поради големото невреме, проследено со обилни врнежи од снег и силен ветер, на територијата на Србија се регистрирани голем број дефекти на електродистрибутивната мрежа, особено во планинските предели на западна и централна Србија, има многу испуштени жици и скршени столбови.
Сите државни патишта од прв и втор ред во Србија, приодите кон граничните премини како и планинските центри, во моментов се проодни, а сообраќајот се одвива нормално на целата територија на државата, соопшти Јавното претпријатие Патишта на Србија.
На терен низ цела Србија се наоѓаат 1.800 машини за снег и над 800 камиони, пренесуваат агенциите во регионот.
Во Белград е ветровито и снежно. Снег до 15 сантиметри се очекува во пониските делови од градот, а до 30 сантиметри на Авала и Космај.
Заменик градоначалникот на Белград Горан Весиќ за РТС изјави дека службите се целосно подготвени за снег, дека на располагање се 90 големи камиони, 20 помали и 15 машини за утовар.
Во текот на ноќта и претпладнето во Чачак наврнаа околу 25 сантиметри снег.
Според последните информации, во планинското подрачје на западна Србија снежната покривка достигнува висина од половина метар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Караџов за Коридорот 8: Николоски раскажува македонски приказни пред спиење, каде е да го потпише договорот

Имам чувство дека Николоски раскажува македонски приказни пред спиење, коментира вицепремиерот и министер за транспорт, Гроздан Караџов, во врска со зборовите на својот колега од РСМ дека Бугарија не прави ништо во врска со Коридорот 8, пренесуваат бугарските медиуми.
„Го испративме договорот, а каде е Николоски да го потпише“, праша Караџов во интервју за бугарскиот јавен медиум и продолжи: „Додека Николоски ги кажуваше овие зборови, возот помина низ Перник, низ Радомир и стигна до Ќустендил, а од таму стигна до последната станица Ѓуешево за да го чека македонскиот“.
Тој потсети дека Бугарија проектира 90 % сосема нова линија помеѓу Радомир и Ѓуешево за да ги прошири кривините овозможувајќи брзина на возовите од 160 километри на час.
„Во 2032 година, кога ќе достигнеме брзина на возот од 160 километри на час, ќе ги прашам од другата страна дали ќе има тунел или не“, вели Караџов.
Регион
Шест месеци по падот на настрешницата, собир на граѓаните во Нови Сад

Денеска во Нови Сад се навршуваат шест месеци од падот на настрешницата на влезот на железничката станица, кога 16 лица загинаа, а едно е тешко повредено и се уште е во болница.
Студентите во блокадата на Универзитетот во Нови Сад ги повикаа граѓаните да се соберат пред станицата за во 11:52 часот да им се оддаде почит на жртвите.
„Не ги забораваме жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад. Тој настан, кој е резултат на невнимание, неодговорност и институционална негрижа, однесе животи и ги остави семејствата и заедницата во болка и со прашања на кои се уште не се одговорени“, велат новосадските студенти.
Откако ќе оддадат почит, насобраните во колона ќе тргнат по булеварот Ослободување до Мостот на слободата, кој ќе биде блокиран неколку часа.
Регион
Уапсен шпион во Грција, осомничен за поврзаност со Русите

Етнички Грк од Грузија е уапсен во Александрополи, североисточна Грција, под обвинение за шпионажа, откако властите пронашле фотографии и видеа од воени објекти и опрема на неговиот мобилен телефон, пишува грчки Екатимерини.
Според грчката полиција, осомничениот испратил чувствителни материјали на неидентификуван примач во странство користејќи шифрирана апликација за комуникација. Според грчките медиуми, постои сомневање дека мажот фотографирал, снимал и дистрибуирал материјали од воено значење најмалку шест месеци.
Апсењето е извршено за време на заедничка операција на Националната разузнавачка служба (ЕЈП) и Одделот за криминалистичка истрага и гонење во Александрополи.
При прелиминарниот распит, осомничениот, наводно, признал дека фотографирал и снимал воени локации за друго лице. Според државната телевизија ЕРТ, властите веруваат дека мисијата можеби вклучувала планови за можна саботажа на воени објекти.
Лицето кое го регрутирало осомничениот е наводно член на меѓународна криминална мрежа и поврзан со руската воена разузнавачка служба ГРУ. Човекот признал дека првично му била понудена парична отштета, но на крајот постапил доброволно „за мајка Русија“. Тој, наводно, им рекол на истражителите дека во младоста служел во руската армија во Сибир.
Националната разузнавачка служба ја продолжува истрагата за да го утврди целосниот обем на операцијата, заклучува Екатимерини.