Економија
Стопанска комора бара одложување на правилата за котација и кодекс за управување

Стопанската комора, поддржана од 20 свои реномирани членки, коишто се меѓу најголемите економски чинители во земјата, бара од „Македонска берза“ да се одложи примената на одлуката со којашто се вршат измени и дополнувања на правилата за котација и кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на „Македонската берза АД Скопје“.
Најголемата бизнис-асоцијација во државата изминатиов период со две иницијативи се обрати до „Македонска берза“ со коишто споменатите правила и кодекс се бара да се одложат и нивната примена да почне напролет во 2023, а за тоа да се вгради соодветна изјава во годишните изјави за работа за 2022 година. Измените и дополнувањата на правилата за котација и кодексот за корпоративно управување на акционерските друштва котирани на „Македонската берза АД Скопје“ стапија на сила на 26 октомври 2021 година.
Компаниите членки на Стопанската комора укажуваат дека на 3 ноември годинава доставиле иницијатива за одложување до „Македонска берза“, притоа подвлекувајќи дека кодексот е донесен без претходни консултации со бизнис-заедницата. Иако од берзата го тврдат спротивното, овој пат 20 компании, со свои потписи потврдуваат дека, сепак, консултации не се извршени и уште еднаш бараат одложување на правилата и кодексот.
Членките на Стопанската комора, што се дел од оваа иницијатива, укажуваат дека условите за работа се исклучително тешки. Покрај здравствената криза што трае речиси две години, тие се соочени и со економска и со енергетска криза. Сите овие процеси наметнуваат превземање чекори со цел да се одржи деловната активност, зголемување на конкурентноста и продуктивноста, како и настапот на странски пазари.
Имајќи го тоа предвид, Стопанската комора бара од „Македонска берза“ да излезе во пресрет, да покаже разбирање и да ја прифати оваа иницијатива.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Укинувањето на царините за стоките од САД не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, вели Стојанова

Со новите измени и дополнувања на законот за царински тарифи Собранието ќе даде зелено светло на планот на Владата да се намалат царински давачки на голем број суровини и репроматеријали што се користат во домашната индустрија и во енергетиката, изјави Дафина Стојаноска, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.
„Списокот со 70-ина производи, кој е составен на транспарентен и инклузивен начин, во соработка со Стопанската комора, вклучува намалување до 50 % на царинските стапки што важат во ЕУ, како и укинување на царините за увоз од САД. Овие измени ќе значат пониски трошоци за домашното производство, а со тоа зголемена конкурентност на странските пазари, нови инвестиции и повеќе вработувања“, рече таа.
Укинувањето на царините за стоките по потекло од Соединетите Американски Држави, пак, додаде Стојаноска, не е само трговска одлука, туку и дипломатски чекор, со кој испраќаме сигнал за зголемена подготвеност за соработка со нашите стратешки партнери и поддршка за слободната трговија.
„Со оваа законска измена македонските компании ќе станат поконкурентни, ќе се намалат цените за производство и ќе се зголеми извозот, со што директно ќе влијае на растот на економијата. Ова е само еден чекор од поширокиот план за економски раст. Клучна измена со која се посветуваме на економијата во пракса, а не само на хартија“, рече Стојаноска.
Економија
Цените на нафтата го забележаа најголемиот скок во последните неколку години поради стравот од војна

Глобалните цени на нафтата пораснаа за повеќе од четири проценти, забележувајќи го најголемиот дневен процентен пораст од март 2022 година, поради стравувањата дека потенцијалното проширување на конфликтот на Блискиот Исток би можело да предизвика големи прекини во снабдувањето со енергија.
Цената на „Брент“, меѓународниот референтен стандард, се зголеми за 4,3 проценти на 72,40 долари за барел, додека американската референтна нафта „West Texas Intermediate“ (WTI) скокна за пет проценти на 71,40 долари за барел.
Според Ројтерс, ова се најголемите еднодневни скокови за двете референтни цени на нафтата од март 2022 година, кога започна војната во Украина.
„Остриот пораст на цените на „Брент“ ги одразува не само тековните ризици за снабдување, туку и растечкото чувство дека потенцијалната ескалација на конфликтот би можела да трае, за разлика од претходните краткотрајни епизоди меѓу Израел и Иран“, рече Ахмад Асири, истражувачки стратег во „Пеперстоун“.
Нервозата на пазарите дополнително се потврдува со движењата на американските берзи, пренесува Танјуг.
Економија
Инспекторите секојдневно се на терен, угостителите и трговците да издаваат фискални сметки

Управата за јавни приходи ги потсетува сите угостители, трговци и вршители на дејност на законската обврска да го регистрираат готовинскиот промет преку одобрен фискален систем и да издаваат фискални сметки за секоја наплатена стока или услуга.
„Покрај тоа, деловните субјекти се должни да го евидентираат остварениот промет и да го уплатат кај носителот на платниот промет, најдоцна наредниот ден по денот на реализација на прометот. Оваа обврска важи за сите кои вршат готовински промет, без разлика дали се обврзници за ДДВ или не, како и без оглед на тоа дали дејноста е постојана или сезонска“, велат од УЈП.
Од таму додаваат дека активностите се дел од мерките кои Управата за јавни приходи ги презема заради зајакнување на даночната усогласеност и обезбедување еднаков третман на сите даночни обврзници.
„Работењето во согласност со законските прописи придонесува за создавање транспарентно деловно опкружување, фер конкуренција и заштита на интересите на граѓаните и државата. Непочитувањето на законската обврска и нерегистрирање на готовинскиот промет, согласно ЗРГП повлекува санкции и тоа изрекување глоби и затворање на деловните објекти“, велат од УЈП.