Регион
Во Србија уапсени 11 лица за педофилија, договарале средби со деца преку интернет

МВР на Србија денеска уапси 11 лица што ширеле детска порнографија, снимале и им дистрибуирале порнографски содржини на малолетници, пишуваат регионалните медиуми.
Според полициското соопштение, овие лица контактирале со децата преку интернет и со нив договарале средби за сексуални односи.
„Благодарение на ефикасната и упорна работа на припадниците на МВР, Одделот за сузбивање високотехнолошки криминал на СБПОК, денеска во акцијата ‘Армагедон’ се уапсени 11 лица за ширење детска порнографија, снимање и дистрибуција порнографски содржини на малолетници преку интернет и договарање средби со нив за сексуални односи“, изјави министерот за внатрешни работи, Александар Вулин.
„Како човек и татко на малолетни деца, длабоко се срамам затоа што тие биле меѓу нас, како министер за внатрешни работи ветувам дека ќе се борам уште посилно против педофилите и предаторите што ги демнат нашите деца. Секое дете ќе биде заштитено. Секој педофил и сексуален предатор ќе биде пронајден и уапсен“, рече тој.
Особено ги молам родителите да се грижат за своите деца, да обрнат повеќе внимание и да ги слушаат, да внимаваат со кого комуницираат нивните деца“, изјави Вулин, пренесуваат агенциите.
Во акцијата „Армагедон“ уапсени се М. М. (1995) од Пирот, М. М. (1995), М. М. (1983), И. М. (1981) и Ф .Б. (1999), сите од Белград, како и Н. Т. (1995) од Топоница, А. С. (1978) од Панчево, Д. М. (1984) од Суботица и С. Н. (1981) од Турија.
Уапсени се и Ф. Р. (1996) од Чачак и И. А. (1964) од Власотинце.
Сите се во притвор, соопшти полицијата.
Тие се обвинети затоа што подолго време преку интернет користеле една апликација за споделување податоци или еден пребарувач за да ги прикријат локациите за преземање, складирање компјутерски харддискови и споделување содржини создадени со искористување деца за порнографски цели.
Исто така, постои сомнеж дека комуницирале со малолетници на социјалните мрежи, им праќале фотографии и видеоснимки од порнографски содржини и добивале содржини создадени со експлоатација на малолетници, но и договарале средба со нив поради сексуален однос, се вели во образложението на полицијата.
При претресот на становите на осомничените биле пронајдени поголемо количество видеоклипови и фотографии создадени со искористување малолетници во порнографски цели, содржини за сексуална експлоатација на деца на возраст од пет до 12 години, како и други фотографии и видеа на деца што се злоупотребувани за порнографски цели.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Регион
Тројца загинати и седум лица во тешка состојба по превртување на автобус кај Сремска Митровица

Состојбата на повредените во тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Сремска Митровица, во која животот го загубија три лица, и понатаму е сериозна, изјави денеска директорот на Општата болница во Сремска Митровица, д-р Војислав Мирниќ.
„Хоспитализирани се 39 пациенти. Од нив, седум се со потешки повреди и се наоѓаат на одделенијата за интензивна нега, додека 15 пациенти се подготвени за отпуст,“ рече Мирниќ.
Тој прецизираше дека 13 пациенти од Одделението за општа хирургија и двајца од Одделението за ортопедија се во стабилна состојба и наскоро ќе бидат пуштени дома.
„Се врши дополнителна дијагностика за сите пациенти, а во наредните 48 часа очекуваме уште дел од нив да бидат подготвени за отпуст. Посетите во болницата се дозволени од 14 до 16 часот,“ додаде Мирниќ.
Во несреќата, која се случила на патот меѓу Сремска Митровица и селото Јарак, загинале три лица – две на самото место и едно во болница, од последици на тешките повреди.
Вкупно 61 патник бил прегледан во митровачката болница, а 39 лица биле задржани на лекување. Осуммина се на интензивна нега, дваесетмина на општа хирургија, а единаесетмина на ортопедија.
Еден пациент е префрлен во Ургентниот центар во Нови Сад, а друг во Белград на понатамошно лекување.
Автобусот на превозникот „Сирмиум бус“, кој превезувал работници, под засега непознати околности излетал од патот и се превртел. Возачот на автобусот, Д. К. (1955), е уапсен поради сомнение дека ја предизвикал несреќата во која загинаа три лица. Нему му е одредено задржување до 48 часа, по што ќе биде изведен пред надлежното обвинителство со кривична пријава.
Регион
Трета жртва од тешката сообраќајка во Сремска Митровица – почина за време на операцијата

Уште едно лице загинало по сообраќајната несреќа што се случи денес во Сремска Митровица, кога автобус се преврте и излета од патот. Ова е третата жртва на ужасната сообраќајна несреќа.
Како што објави „Н1“, лицето загинало за време на операцијата.
Како што претходно беше објавено, возачот на автобусот е приведен и во притвор до 48 часа.
Повредени се околу 80 лица. Причините за несреќата засега не се познати.
Регион
Вучиќ: Србија ќе се приклучи на развојот на руската вакцина против рак

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, изјави дека разговарал со Александар Кецман, директор на Институтот „Гамалеја“ во Москва, кој го информирал дека во Русија се развива вакцина против рак.
„Ми објаснија одредени работи. Имаме голем процент на заболени од рак. Оваа вакцина е поинаква, бидејќи им помага на веќе болните луѓе — не е превентивна. Може да биде успешна до 85 проценти,“ рече Вучиќ.
Тој додаде дека Србија ќе се вклучи во проектот веднаш штом Русија го дозволи тоа:
„Ќе подготвиме целосна инфраструктура за да бидеме спремни за два до три месеци. Не можеме уште да ја произведуваме, но ќе направиме сè за да бидеме подготвени.“
Вучиќ нагласи дека во Србија има повеќе случаи на малигни заболувања отколку во другите земји, што, според него, е поврзано со последиците од бомбардирањето во 1999 година.