Свет
Сакале да побегнат од торнадото, но шефовите им се заканиле со отказ – осум загинале и осум се исчезнати
Додека катастрофалното торнадо се приближувало до Мејфилд во американската сојузна држава Кентаки, вработените во фабриката за свеќи слушнале предупредувачки сирени и сакале да ја напуштат зградата.
Сепак, како што изјавија четворица работници за „Ен-Би-Си њуз“, надзорниците на фабриката им се заканиле дека ќе ги отпуштат ако предвреме заминат од работа.
Работниците рекле дека 15 вработени со часови ги молеле газдите да ги пуштат дома, за да се извлечат од претстојното торнадо, но нивните барања биле одбиени. Стравувајќи за безбедноста, поединци од фабриката ја напуштиле работата, без разлика на заканите. Најмалку осум лица загинаа во фабриката која беше срамнета со земја. Според мештаните, фотографиите од местото на несреќата станале симбол на невиденото уништување на торнадото.
Гувернерот на Кентаки, Енди Башир, изјави дека 74 лица во таа држава се официјално загинати.
Вработената Мекајла Емери (21) од болничкиот кревет изјавила дека работниците прво побарале да си заминат веднаш откако пред фабриката околу 17.30 часот по локално време, се огласиле сирените за торнадо. Вработените се собрале во бањите и ходниците, но вистинската опасност не стигна неколку часа.
Откако работниците помислиле дека непосредната опасност поминала, неколкумина ги замолиле да си одат дома.
„Луѓето прашуваа дали можат да си одат дома“, рекла Емери, која избрала да остане на работа и да заработи дополнителни пари.
Компанијата ги демантираше наводите на работниците.
„Тоа воопшто не е точно. Имаме правила од почетокот на пандемијата. Вработените можат да си заминат кога сакаат и да се вратат следниот ден“, изјави портпаролот на компанијата, Боб Фергусон.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Свет
Сали и Бегај разговараа за политичката состојба и европската интеграција на двете земји
Првиот заменик‑претседател на Владата, Беким Сали, оствари официјална средба со Претседателот на Република Албанија, Бајрам Бегај, на која се дискутираше за актуелната политичка ситуација и за соработката помеѓу двете земји.
За време на средбата, двете страни разменуваа мислења за политичките случувања и за продлабочувањето на институционалната соработка помеѓу Северна Македонија и Албанија.
Првиот заменик‑претседател на Владата, Сали, истакна дека Албанците во Северна Македонија се претставени на најдобар можен начин, играјќи активна и конструктивна улога во државните институции, придонесувајќи во донесувањето одлуки и во клучните процеси кои се поврзани со стабилноста, демократскиот развој и европската перспектива на земјата.
На средбата беше нагласено дека Република Северна Македонија и Република Албанија, покрај тоа што се соседни и пријателски земји, имаат и заеднички аспирации во процесот на европска интеграција.
Свет
Две жртви во трамвајската несреќа во Милано, истрагата насочена кон возачот
Во тешка несреќа во Милано загинаа две лица, а 39 се повредени откако трамвај излета од шините и удри во зграда на улицата „Виале Виторио Венето“, во близина на „Порта Венеција“.
Една од жртвите е 60-годишен пешак кој останал приклештен под возилото, додека вториот загинат е патник кој починал во болница од здобиените повреди.
Истрагата е насочена кон возачот, кој наводно изјавил дека му се слошило непосредно пред несреќата. Се проверува можноста за ненадејна здравствена состојба, особено затоа што трамвајот ја прескокнал последната станица пред свиокот. Првичните проверки не покажале технички дефект.
Градоначалникот на Милано, Џузепе Сала, изјави дека најверојатно причината не е механички проблем и дека станува збор за ново возило управувано од искусен возач. Отворена е истрага.
Несреќата предизвика реакции од италијанските власти, кои изразија сочувство и најавија целосно утврдување на околностите.
(Видео) Трамвај излета од шините во Милано: загина пешак, речиси 40 повредени
Свет
Бил Клинтон сведочеше за Епстин: Ништо не видов и не направив ништо погрешно
Поранешниот американски претседател Бил Клинтон сведочеше пред Одборот за надзор на Претставничкиот дом во рамки на истрагата за починатиот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин.
Во воведното обраќање, Клинтон изјави дека ништо не видел и дека не направил ништо погрешно, нагласувајќи дека неговото познанство со Епштајн било кратко и завршило години пред злосторствата да станат јавни.
„Знам што видов и, уште поважно, што не видов. Знам што направив и, уште поважно, што не направив. Не видов ништо и не направив ништо погрешно“, рече Клинтон. Тој најави дека на дел од прашањата веројатно ќе одговори со „не се сеќавам“, бидејќи од неговите контакти со Епстин поминале повеќе од 20 години.
Сведочењето се одржува зад затворени врати во Њујорк, но се снима и најавено е објавување на снимката. Претходно сведочеше и неговата сопруга Хилари Клинтон, при што расправата меѓу демократите и републиканците доби и политичка димензија.
Демократите побараа и актуелниот претседател Доналд Трамп да сведочи, тврдејќи дека неговото име често се појавува во документите поврзани со случајот. Трамп негира каква било поврзаност со злосторствата на Епштајн.
Фото: Depositphotos

