Македонија
(Видео) Стоилковски: Ковачевски не е дипломец на Харвард, има неколкудневен курс кој скапо се плаќа
Димитар Ковачевски беше лажно претставуван како дипломец на Харвард, а Ковачевски тоа молкум го одобруваше. Но, Ковачевски го нема во системот на дипломирани на Харвард. Човек што лаже и премолчува лага за себе е способен да лаже и да премолчува и одобрува лаги за сè понатаму, вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
„Ако Ковачевски прифаќа лага за своето образование, тоа е само потврда дека блеска заевизмот. Курсот на бизнис-школата на Харвард трае 3-4 дена. За присуство на курсот нема услови за примање, не се полага приемен испит, ниту, пак, потоа се полага некаков завршен испит. Единствено се добива сертификат за присуство. И тоа се плаќа, многу се плаќа. Но тоа не дава никаква поврзаност понатаму со Универзитетот Харвард, ниту, пак, има Алумни број, ниту, пак, диплома, ниту адреса на е-пошта, што е дел од документите на Харвард и другите светски универзитети“, додава портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Стоилковски, за тоа кој го минал курсот таму не постои систем, а може да го мине, како што рече, секој со десетици илјади евра колку што тој чини.
„Ковачевски и без оваа лага беше наметнат во СДСМ затоа што Заев си постави свој разглас и му ги наполни изборните кутии. И оттука се прашањата што Ковачевски, но и СДСМ, сакаа да постигнат со ширењето на лаги за неговото образование. Дали со лажната биографија на Ковачевски се сакаше да се сокрие улогата на пион и марионета на Зоран Заев? Дали со овој заевизам се сакаше да се покрие фаворизирањето во корист на Ковачевски и заевизмот? И дали со оваа лага требаше да се намали значењето на молкот и неспособноста на Ковачевски во министерскиот кабинет во финансии додека тонеше и сè уште тоне Македонија?“, запраша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Напомена дека едно е јасно, и според него ако курс се прикажува како факултет, продолжува блескањето на заевизмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортски клубови
Општина Бутел додели 4.000.000 денари финансиска помош на спортските клубови од општина Бутел.
„Локалната самоуправа секоја година ги поддржува спортските клубови и доделува спортски стипендии на најдобрите спортисти од Бутел. Во општина Бутел се градат спортско-рекреативни центри во секое населено место. Во општина Бутел вредноста на спортот и спортските успеси е најголема“, изјави градоначалникот Дарко Костовски.
Тој изрази надеж дека финансиска поддршка ќе поттикне напредок во сите спортови и спортистите ќе освојат европски и олимписки медали.
Македонија
(Видео) СДСМ бара оставка од директорката на ГАК по смртта на новороденчето: „Има сомнежи за лекарска грешка“
СДСМ бара оставка од директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство по смртта на новороденчето.
„Денеска со огорченост стоиме пред оваа Клиника, ГАК, и бараме одговорност за последниот скандал со смртта на бебе. Овде не умрело само едно бебе кое го имало целиот живот пред себе, овде умрела, вистината, лекарската грижа, моралот и одговорноста. А директорката се обидела да го сокрие случајот. Новородено бебе, со реална шанса за живот, починало на интензивна нега. На родителите им било кажано дека смртта била неизбежна. Дека ништо не можело да се направи“, вели Елена Радеска, од Комисијата за здравство СДСМ.
Според неа, документите од самата Клиника говорат поинаку.
„Внатрешни пријави, изјави на лекари и официјални записници велат дека има сомнежи за лекарска грешка. Началничката на интензивна нега, писмено пријавила дека несоодветно лекување од страна на педијатарка довело до компликации и смрт на бебето. Според таа пријава, реинтубацијата траела дури 20 минути. Не секунди. Дваесет минути. Во тие 20 минути, на бебето му биле нанесени повреди по што настанала и смрт. Ништо од ова не им било кажано на родителите. Ниту дека постои сомнеж за сериозна лекарска грешка. За тоа дознале од новинари. Од свиркачи. Не од Клиниката. Не од институциите“, рече Радеска.
Според неа, клучното прашање зошто директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство, д-р Ирена Алексиовска Папестиев, иако била формално известена за сомнежите и за смрт со можни пропусти во лекувањето, два месеца не известила никого.
„Ова е огромен скандал кој ја покажува катастрофалната состојба во здравството. Бараме итна оставка на директорката на Клиниката, д-р Ирена Алексиовска Папестиев. Каква е таа докторка за која Хипократова заклетва е само на хартија? Бараме целосна, независна истрага и одговорност од сите инволвирани – без разлика на функцијата, титулата или хиерархијата“, рече Радеска.
Македонија
Вонреден надзор на Гинекологија по смртта на новороденче
Министерството за здравство нареди вонреден надзор по смртта на новороденче на Клиниката за гинекологија и акушерство и изрази сочувство до родителите.
„Со цел утврдување на околностите и расветлување на случајот, министерот Азир Алиу иницира вонреден инспекциски надзор до Државниот санитарен и здравствен инспекторат по што ќе следува и стручен надзор. Потенцираме дека Министерството за здравство заедно со Инспекторатот ќе постапи професионално, стручно и транспарентно со цел точно и објективно информирање на јавноста за околностите во овој случај, како и за преземените активности од стручен аспект“, велат од Министерството.
Од таму велат дека во овие тешки моменти за семејството замолуваат да се почекаат наодите од надзорите и да се добие обдукцискиот наод, кој е единствен и конечен за утврдување на причините за смртен исход со цел до добивање на конечните резултати да не се создава немир кај семејството и во јавноста.
„Потсетуваме дека Клиниката за гинекологија и акушерство е врвна терциерна установа со воспоставени законски пропишани протоколи за постапување во вакви случаи. Министерството за здравство останува транспарентно и отворено за комуникација, веднаш по добивањето на сите наоди јавноста ќе биде навремено информирана“, велат од Министерството.
Ваквото соопштение доаѓа по веста дека на ГАК на 1 октомври починало новороденче.

