Македонија
(Видео) Кузеска: Како држава сторивме сè за започнување на преговорите со ЕУ

Како држава направивме сè за исполнување на условите и за започнување на преговори со ЕУ и оттаму, очекувањето Бугарија да ја тргне блокадата согласно европските вредности е навистина оправдано, истакна портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
Одговарајќи на прашање околу новата владина коалиција, Кузеска рече дека договорот со политичката партија Алтернатива е заокружен и дека наскоро ќе биде реализиран.
„Стабилно парламентарното мнозинство е создадено врз основа на принципи и за европскиот пат на државата, стабилност и напредок. Парламентарното мнозинство е постигнато со партии кои ги поддржуваат овие стратешки цели и кои се подготвени да понесат одговорност во ова време кога сме соочени со предизвици, како енергетската криза, пандемијата и севкупната живејачка на народот“, посочи Кузеска.
Во однос на предвремени парламентарни избори, Кузеска истакна дека ставот на СДСМ е јасен и дека сега не е време за предвремени избори.
„Нема потреба за предвремени избори, сега е време за одговорност, во поглед на решавањето на предизвиците пред кои сме исправени, особено енергетската криза и пандемијата со коронавирусот“, заклучи портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Спречени обиди за криумчарење парфеми, тутун, облека со потпис на познати модни брендови

На Меѓународен Аеродром Скопје државјанин на Обединети Арапски Емирати родум од Индија се обидел да криумчари во државата 76 парфеми. Патникот при пристигнување во државата се определил на зелен канал при што поради сомневање е селектиран на царинска контрола. При контролата во двата куфери кои ги носел со себе се пронајдени парфеми со потекло од Дубаи коишто патникот не ги пријавил, извести Царинската управа.
Во друг случај на Меѓународен Аеродром Скопје при контрола на патник кој требало да патува со лет на релација Скопје – Лондон – Лутон биле пронајдени 260 пакувања од по 50 грама тутун.
Возач на камион се обидел во државата преку граничниот премин Табановце да шверцува соларен инвертер. Во обидот е спречен од Службата за мобилен скенер која при извршената контрола утврди дека во кабината има неправилности по што е извршен и физички преглед кога е пронајден соларниот инвертер.
Царински службеници на граничниот премин Табановце во куферите на еден од патниците кои патувале со автобус кој сообраќал на релација Скопје – Белград пронајдоа 129 парчиња суплементи Zeo Medic, додаток во исхрана. Суплементите се запленети, а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.
Спречен обид за шверц на 3.150 ќесички маџун со додатоци, откако патник се обидел истите преку граничен премин Богородица нелагално да ги внесе во државата. Лицето кое патувало со автомобил на прашање дали има нешто да пријави за царина одговорило дека нема ништо за пријавување. Поради сомневање возилото е селектирано за детален преглед при што во багажниот простор во три патнички куфери помеѓу личните предмети, е пронајдена непријавената стока.
Мобилен царински тим на Царинска испостава Табановце при контрола на камион, заплени 463 парчиња облека со потписот на Ралф Лаурен, Диор, Бос и други модни брендови поради основано сомневање за повреда на право од интелектуална сопственост.
Патник преку граничен премин Ново село се обидел да шверцува разна стока, меѓу која ножеви, клучеви, рибарски прибор, слушалки, машинка за стругање. Во намерата е спречен од царинските службеници кои при контрола на возилото, во багажникот и помеѓу седиштата ја открија непријавената стока, соопшти Царинската управа.
Македонија
Општина Илинден започнува со реконструкција на спортско игралиште во Кадино

Општина Илинден постојано работи на реконструкција и урбанизација на сите населени места со цел задоволување на потребите на сите граѓани. Деновиве е започната реконструкција на спортско игралиште во населеното место Кадино, поточно во дворот на основното училиште „Ристо Крле“. Со оваа реконструкција е предвидено поставување на нова заштитна ограда, осветлување со нови столбови и рефлектори, како и изработка на подна бетонска плоча. На ова спортско игралиште ќе бидат санирани головите и ќе бидат поставени нови табли за кошарка, со што истото ќе може да се користи за повеќе спортови, соопшти општина Илинден.
Градоначалникот на Општина Илинден, Александар Георгиевски, изврши увид на игралиштето и истакна дека освен во просторното уредување и реконструкција, ова повеќенаменско спортско игралиште е од особена важност за релаксација и рекреација на жителите на општината. Градоначалникот додаде дека овој спортско-рекреативен терен, со својата разноврсност ќе им овозможи на сите жители да уживаат во играта, спортот и забавата.
Оваа реконструкција на веќе постоечки спортски игралишта и изградбата на нови, претставуваат континуитет на успешните проекти на Општина Илинден за урбанизација и уредување на сите населени места во општината. Во наредниот период ќе бидат изградени нови и реконструирани постојните игралишта и во останатите населени места, се наведува во соопштението на општина Илинден.
Македонија
Колку милиони евра однесоа Заев и Филипче во Дубаи, прашува ВМРО-ДПМНЕ

„И по неколку дена сè уште молк од СДС дали Филипче исто како и Заев поседува златна виза во Дубаи и на кој начин ја стекнале истата. Дали Зоран Заев како инвеститор доби златна виза во Дубаи а со тоа и долгогодишен престој? Дали Заев има отворено фирма во Дубаи и дали тоа е начинот на кој за себе и фамилијата си обезбеди живот во Дубаи? Дали додека Заев гради згради од 50 спрата во Дубаи, Венко Филипче му ја чува фотелјата во СДС“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
„Филипче, Заев и СДС да одговорат како се стига до златна виза во Дубаи? Колку милиони евра однесоа Заев и Филипче во Дубаи и од каде им се средствата? Дали тоа се средства од провизии и профит стекнат на криминален начин за време на ковид кризата?
Колку милиони спечалени врз грбот на народот и на штета на државната каса проневери и префрли овој тандем во Дубаи? Јавноста заслужува одговори на овие прашања.
Кланот Заеви во тандем со Филипче ја уништија и уназадија државата за свои лукративни причини додека го осиромашуваа народот.
СДС, Филипче и Заев се синоним за криминал, неспособност и предавства“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.